Ахмети и 24-годишниот срам: Знамето го постави затоа што мора
Зарем на лидер на политичка партија што толку долго учествувала во власта навистина му била потребна сугестија од странски дипломати за да го постави знамето на сопствената држава? Зарем амбасадорите требало да му објаснат дека, кога прима официјални претставници во партиско седиште, државното знаме не е непожелен декор, туку пред сè морална, политичка и државничка обврска?
Грчката аналитичка мрежа ИБНА во поставувањето на македонското државно знаме во кабинетот на Али Ахмети гледа редефинирање на политичкиот наратив и на ставот на ДУИ, премин од етничка мобилизација кон институционален кредибилитет и обид партијата повторно да се претстави како сериозен и кредибилен политички фактор.
Можеби анализата е точна. Можеби Ахмети навистина се обидува да му се приближи на премиерот Христијан Мицкоски. Можеби се подготвува за некоја идна коалициска комбинација. Можеби сака да испрати порака до странските амбасадори дека ДУИ повеќе не е само партија на етнички барања, туку политичка структура која го почитува државниот поредок.
Но постои и многу поедноставно објаснување. Знамето го поставил затоа што требало да биде таму. Затоа што така мора. Не затоа што Али Ахмети доживеал ненадејно политичко и државно просветлување. Не затоа што ДУИ преку ноќ се преобразила во граѓанска партија. Не затоа што државното знаме е новооткриен симбол на политичка умереност. Туку затоа што македонското знаме е знаме на државата во која Ахмети живее, дејствува, учествува во политичкиот живот, профитира од политиката и повеќе од две децении претендира да одлучува за нејзината сегашност и иднина.
Според објавените информации, државното знаме било поставено во неговиот кабинет дури по 24 години, и тоа по сугестија на странски амбасадори. Самиот Ахмети изјавил дека дипломатите му предложиле знамето да биде поставено во канцеларијата.
Токму тука се наоѓа вистинскиот проблем и големиот срам.
Зарем на лидер на политичка партија што толку долго учествувала во власта навистина му била потребна сугестија од странски дипломати за да го постави знамето на сопствената држава? Зарем амбасадорите требало да му објаснат дека, кога прима официјални претставници во партиско седиште, државното знаме не е непожелен декор, туку пред сè морална, политичка и државничка обврска? Зарем почитувањето на државата во која со години се користат државни функции, буџетски средства, институционални позиции и политичко влијание треба да зависи од дипломатско потсетување?
Ако е така, тогаш ова не е историски исчекор. Ова е крајно задоцнето исполнување на една основна морална, политичка и државничка обврска. Зарем треба да му се честита на човек затоа што по 24 години го поставил знамето на државата во која сака да владее? Како што не му се честита на министер затоа што дошол на работа, на пратеник затоа што се појавил во Собранието или на функционер затоа што ги почитува државата и институциите во кои дејствува. Тоа не е подвиг. Тоа е минимум почит кон сопствената држава и пред сè морална обврска.
Грчката анализа во овој потег гледа премин од етнички симболизам кон институционален кредибилитет. Но институционалниот кредибилитет не се стекнува со едно знаме поставено пред средба со амбасадор. Тој се стекнува со доследно почитување на државата, на нејзините институции и нејзиниот правен поредок, на грбот, знамето и химната, на службениот јазик на државата и на сите нејзини граѓани.
Знамето не смее да стане коалициски реквизит што се вади од плакарот кога партијата ќе остане надвор од власта. Овој случаен или изнуден „гест на добра волја“ не смее да биде сигнал упатен кон Мицкоски: еве, сега сме поприфатливи, сега сме подржавотворни, сега можеме повторно да разговараме за владина коалиција. Ако државното знаме се поставува само кога ДУИ треба политички да се репозиционира, тогаш не станува збор за почитување на државата, туку за користење на државниот симбол како средство за политичко пазарење.
Ахмети вели дека отсекогаш бил за унитарна држава. Добро е тоа конечно јавно да се слушне. Но унитарноста не се докажува со една изјава. Уште помалку со парче платно поставено зад работната маса. Унитарната држава се почитува така што нејзините институции не се третираат како етнички плен, партиски феуди или средство за лично богатење. Така што јавните функции не се делат како партиски и етнички привилегии. Така што граѓаните не се пребројуваат само според етничката припадност. Така што државата не се прикажува како механички договор меѓу две затворени етнички елити, туку како заеднички политички и правен дом на сите нејзини граѓани.
И тука неизбежно доаѓаме до македонскиот јазик.
Срамно е човек кој повеќе од две децении е еден од најмоќните политички актери во Македонија, кој учествувал во формирањето влади, поставувањето министри, креирањето закони и носењето одлуки од највисоко државно значење, упорно да не ѝ се обраќа на македонската јавност на македонски јазик. Особено ако јазикот го знае и го разбира.
Никој не му го оспорува правото да зборува албански. Албанскиот јазик е јазик на значаен дел од нашите сограѓани и неговата употреба е уставно и законски уредена. Почитувањето на македонскиот јазик не значи негирање на албанскиот, како што почитувањето на албанскиот не смее да значи потиснување на македонскиот јазик. Но правото да се зборува на сопствениот мајчин јазик не е оправдување за демонстративно избегнување на службениот јазик на државата во која се претендира на највисоко политичко влијание.
Уставниот поредок е јасен. На целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто така, има службена употреба на начин утврден со закон. Законот за употреба на јазиците е во сила од 2019 година и ја уредува службената употреба на јазиците во институциите.
Да бидам правно прецизен: не постои одредба што го обврзува лидерот на една партија во секоја приватна или партиска изјава задолжително да зборува македонски. Но постои нешто што е подлабоко од заканата со парична казна. Постои уставна одговорност, политичка култура и елементарна почит кон граѓаните на кои им се обраќате и со кои сакате да владеете.
Политичар што сака да биде фактор на целата држава мора да биде способен директно да им се обрати на сите нејзини граѓани. Без преведувач. Без посредник. Без намерно создавање дистанца од соговорниците.
Јазикот не е само техничко средство за комуникација. Тој е порака за тоа кого го сметате за своја политичка јавност. Кога еден лидер со децении зборува исклучиво на јазикот на сопствениот етнички електорат, тој со тоа покажува дека првенствено се гледа како претставник на една заедница, а не како политичар кој претендира да ја води или да одлучува за целата држава. А уште помалку по она неговото „Pse jo за Скопје!’’ и по кампањата „Албанец за премиер’’, како премиерската функција да е етничка награда, а не државна должност и одговорност кон сите граѓани.
Затоа поставувањето на македонското знаме ќе добие вистинска тежина дури тогаш кога ќе биде проследено со промена во политичкото однесување. Кога Ахмети ќе ѝ се обрати на македонската јавност на македонски јазик. Кога ДУИ ќе престане секое прашање да го сведува на етничко пребројување. Кога државните институции ќе ги доживува како јавен сервис, а не како простор што треба да се освои и кадровски да се подели. Кога почитувањето на македонските државни симболи нема да зависи од тоа дали партијата е на власт или во опозиција. Кога Македонија нема да биде прифатлива само тогаш кога треба да обезбеди министерства, директори, тендери, вработувања и политичко влијание.
Ако ДУИ навистина го редефинира својот наратив и став, тоа треба да го покаже со дела. Со институционална одговорност. Со откажување од етничката ароганција. Со почитување на македонскиот јазик, македонското знаме и македонскиот грб. Со прифаќање дека државата не е привремена коалициска конструкција, туку траен политички дом. Во спротивно, знамето ќе остане само сценографија. Убаво наместено пред камерите, корисно за дипломатските средби и погодно за испраќање пораки до Мицкоски, но без вистинска промена во политичката суштина.
Македонското знаме не му припаѓа ниту на Мицкоски, ниту на Ахмети, ниту на која било партија. Тоа им припаѓа на граѓаните и на државата. Затоа неговото присуство во кабинетот на човек што сака да биде државник не смее да се толкува како великодушен гест. Тоа е обврска на секој граѓанин на оваа држава.
А на прашањето зошто Али Ахмети по 24 години го поставил македонското знаме во својот кабинет, одговорот може да се даде со една единствена реченица:
Затоа што така мора да биде.