Не е ли време за сведување на сметките?
Годишнините, јубилеите, меѓу другото, се и за тоа. Не само за славје и ордени зашто со тие и ним сличните ќе ни требаат не уште три туку уште десет идни децении за да започнеме воопшто да размислуваме за демократијата како таква!
Само што помислив дека апропо 35-годишнината од независноста императив е некој да направи напор за интерна ретроспекција на тој пат, на ветувањата и остварувањата, на промените и/или стагнацијата, на „доброто“ и „лошото“ (иако тие два поима се кај нас најдискутабилни односно најконтроверзни) и др., и дека би требало тоа да го направи некој доволно смел за тоа, се појави оној панел на тема „8 Септември низ призма на неговите учесници и сведоци“. Нема да се впуштам во анализа кои се и какви се поканетите „непосредни учесници и сведоци“ и дали местото им е баш тука. Но такви „непосредни учесници и сведоци“ не се тоа што го имав на ум. Освен Претседателката, која и по функцијата е таа која мора да биде смела објективно да ги заокружи изминатите повеќе од три децении во една скица, во еден наратив што на граѓанинот ќе му даде некаков нов или дополнителен елан за претстојните битки.
Конечниот утрешен збор, секако, ќе остане на историјата, но денес тоа е македонскиот граѓанин и (особено) оние малку интелектуалци кои, наместо „непосредните учесници и сведоци“, имаат поинаква слика за изминатиот период. И тие посмело ќе го оценат придонесот на оние кои ги апострофира Претседателката, меѓу кои многумина ни останаа баш во лошо сеќавање.
Нејсе, но ако навистина науката смета дека се потребни цели шеесет години – ни повеќе ни помалку! – за изградба на функционална демократија, тогаш идните генерации веднаш нека подготоват ордени за „заслуги за народ“ за сите оние спомнати и неспомнати политиканти кој три децении ја тормозеа демократијата во зачеток, не оставајќи простор да се раскрили.
Меѓу другите можат комотно да го закитат со орден и оној „лидеро“ на опозицијата. Поточно, во нормалните земји и тој би се вброил меѓу оние кои би имале што да кажат по повод годишнината. Само ние одамна не сме тоа – нормална земја, уште помалку тоа може да се очекува од овој „лидер“ на опозицијата. А всушност, тој си кажа: па тој, по ѓаволите, одржа своја „свеченост“ за оној грст „идеолошки“ заслепени малоумници кои одамна не разликуваат поп од боб. И си пуштаа филмичиња. Од еден умислен провинциски Сократ кој глуми – режисер! Луда работа, уште полуда „прослава“, жива патетика. Како малине Николче и Филипче замислуваат 35 години независност!
Како и да е, за одговорен чин од типот на настап што би го имал во прв план граѓанинот и неговите витални интереси, (ќе) треба сериозна смелост за да се одговори: каде бевме – каде сакавме да стигнеме; какви бевме – какви сме сега; што се случи со ветените реформи; каде е новиот систем; и конечно – каде е демократијата? Тоа воопшто не се лесни теми, дури и за премиерот или претседателката. Оние другине – ги видовме: вечно криење зад скутот на Глигоров, небаре господ! Барем да беше тоа па да оставеше спастрена држава.
Некој можеби ќе се удира в гради дека (сме) напредувале одлично, дека повеќето ветувања (сме) ги исполниле, дека државата сепак е различна од онаа што ја имавме… итн.? Но ќе кажат ли дали тоа е добро или не е, дали ова денес навистина е подобро од она пред 1991 година (а по дефиниција и според ветувањата требаше да биде), дали патот по којшто сме тргнале е пат на прогресот или на пропаста и што во нашиот контекст воопшто значи поимот прогрес? На пример, дали во услови на континуираното самоволно кршење на сите пристапни правила од страна на еу (малите букви се…) тоа значи и диктат од Брисел за сите нешта што ја тангираат македонската историја, култура и идентитет, дали се враќаме на деликтот на мислење и вербалниот деликт (како што сега се случува во соседството, а утре можеби и со некој од овие простори по избор на еу бирократијата?), дали кај нас веќе утре негативната историја ќе (о)стане доминантна мисла во јавниот дискурс… итн.? Ќе ни ги каже ли некој (и) тие нешта?
Зашто денес целата политичка активност во државата се сведува односно зависи од општествената презентација на историјата – поблиска и подалечна, од приказните кои сме и што сме (па дури и зошто сме!), дали баш „тетка“ Урсула и Марта Кос се интелектуалните големини што треба да ни ги објаснат тие нешта, или можеби во заеднички аранжман со Драги Ѓорѓиев и Зоран Заев, а Филипче како пратечки вокал? И што навистина ново може еден таков провинциски квартет или квинтет да ни каже, што таа „нова“ општествена презентација на историјата и сегашноста ќе му пружи на граѓанинот како вредност од минатото искуство или водство за иднината?
Ќе се осмели ли некој да се осврне на сите пропуштени прилики уште на почетокот на независните години да ги решиме проблемите со соседите, што пак уште тогаш ќе ни отвореше пристапни преговори? Или поважни беа транспортите со нафта и други продукти преку коишто некои овде си ги полнеа џебовите? За што беа онолку многу и онолку долго плаќани сите тие политиканти, меѓу нив секако и Глигоров, ако не да ја предвидат – барем неколкугодишната – иднина на државата во рамките на регионот и аспирациите кон еу (малите букви се…)? Зошто го лажеа граѓанинот дека опстојуваат на името, идентитетот, јазикот… и таа лага ја влечеа цели дваесет години, додека транспортите ги минуваа границите и полнеа нечии сметки?
Ќе каже ли некој објективно колку суштински шанси пропуштивме односно колку добитни кризни „карти“ не изигравме правилно? Можевме ли таканаречената „бегалска криза“ да ја трампиме за почеток на преговори, па дури и директен влез во еу? Или поважни беа нафтените транспорти? Колку такви џокери изгубивме заради недоволна смелост и политичко искуство на поединци и нивните советници? И нивниот поданички менталитет?
Ќе каже ли некој зошто ги одбегнавме некогашните видни македонски политички кадри и предност им дадовме на неуки млади политиканти? Заборавивме ли кои беа оние „млади лавови“ и што тие донесоа за државата? На кои и какви највисоки државни позиции беа, во сите политички констелации, за да денес кај некои други бараат вина за состојбите во државата? Ќе ги именува ли некој, по ѓаволите, ќе ги изрецитира ли сите нивни „заслуги“ за ова денес? Или можеби ќе им дадат орден?
Никој досега тоа не го направи, најмалку оние „непосредни учесници и сведоци“! Дури ни Претседателката, која очигледно има преголем респект кон јубилејот. Но – секогаш има едно утре! Ќе го направи ли тоа некој, утре?
И до кога такви некадарници ќе ни држат предавања што било и како било небаре тие не биле директни учесници и профитери во настаните туку набљудувале од Месечината какви глупости правиме и – молчеле? И до кога принципот „рака раката ја мие“ ќе биде водечки принцип во македонската политика? Колкумина од оние „непосредни учесници и сведоци“ (сепак, за волја на вистината, не мислам баш на оние од т.н. панел) денес требаше да бидат на некои не баш така привлечни места викани – зандани?
Годишнините, јубилеите, меѓу другото, се и за тоа. Не само за славје и ордени зашто со тие и ним сличните ќе ни требаат не уште три туку уште десет идни децении за да започнеме воопшто да размислуваме за демократијата како таква!
Впрочем, и за жал, најточна е изгледа мислата на Сиљановска-Давкова дека „каква држава ќе создадеме, таква ќе имаме“. Ова денес – повторно за жал – е наше огледало, на оние кои таа ги спомна сепак со пиетет, но уште повеќе на оние неспомнатите некадарници кои и понатаму се шепурат ко пауни врз грбот на граѓанинот!
Извор: Теодосиевски уметност