ОЛЕСНУВАЊА ЗА ВИНАРСКИТЕ ВИЗБИ ПРЕД ОТКУПОТ НА ГРОЗЈЕТО Серафимовски најави и привремени олеснувања на условите за субвенции

Министерот вели дека земјоделците, поради неповолните временски услови и ограничените можности за пласман не успеале да продадат дел од производите и да го исполнат условот за најмалку 30% продадено или предадено производство.

2

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски најави мерки за интензивирање на откупот на винското грозје од сортата вранец, заштита на сточниот фонд, олеснување на субвенциите и проверка на почитувањето на законските правила на пазарот.

Тој најави и привремено укинување на еден од условите за добивање на субвенции за одделни култури.






Во врска со откупот на винското грозје, тој најави дека ќе побара владата да ги олесни  условите за користење на парите од компензационите фондови. Посочи дека станува збор за промена на кредитната линија што се реализира преку Развојната банка изнесува 793 милиони денари (околу 12,9 милиони евра). Од нив, 553 милиони денари се наменети за откуп на винско грозје од сортата вранец, а 240 милиони денари за откуп на оризова арпа.

-На барање на винарските визби, ќе ги олесниме условите за користење на средствата наменети за откуп на вранецот. Грејс-периодот ќе го зголемиме од 3 на 18 месеци, по што ќе следуваат дополнителни 18 месеци за отплата, со фиксна годишна каматна стапка од еден процент. Како заложно обезбедување ќе може да се користи и произведеното вино – објасни Серафимовски.

Тој рече дека со овие измени треба да се подобри ликвидноста на винарските визби.

Во делот на субвенциите, во изминатиот период се исплатени вкупно 948 милиони денари, односно околу 15,4 милиони евра, на 30.389 корисници и најави олеснувања кај субвенциите.

– Неповолните временски услови и ограничените можности за пласман доведоа дел од производителите објективно да не можат да го исполнат условот за најмалку 30% продадено или предадено производство. На следната седница на Владата ќе предложиме укинување на овој услов за производителите во лозарството, овоштарството и поледелството – рече Серафимовски.

Осврнувајќи се на состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа, вранецот и другите земјоделски производи, министерот соопшти дека Министерството мобилизира дополнителни системски капацитети за проверка на пазарните практики.

Покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, во текот на оваа работна недела Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе достави образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

-Од Комисијата ќе побараме да утврди дали постојат индиции за недозволено усогласување меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или примена на нефер трговски практики кон производителите – рече Серафимовски.

Според него, Комисијата треба да оцени дали постои основа за постапување согласно Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Поврзани содржини