35 години независност … и покрај нејзините „спасители“
Првите три децении се период во кој меѓународниот систем ја набљудува младата држава и мери дали таа е вистински политички субјект со сопствен идентитет и волја за опстанок, или е само геополитичка импровизација. По триесет години, оправдувањата за „детски болести“ завршуваат. Државата или станува историска константа, или се сведува на протекторат.
Настаните од септември 1991 година оставија неизбришлива трага во нашата современа историја. Се роди независна држава. За жал на некои, таа држава одлучи да преживее. И еве нè денес, точно 35 години подоцна. Па сепак сè уште сме сведоци на најдолгиот, најскапиот и најмалку успешниот социјален експеримент во овој дел од светот, организираниот, институционализиран и невладин поддржан обид да се докаже дека она што постои, всушност не треба да постои.
Во дипломатските кулоари и геополитичката теорија постои едно непишано, но сурово правило: триесет години се генерацискиот тест за полнолетност на една држава. Првите три децении се период во кој меѓународниот систем ја набљудува младата држава и мери дали таа е вистински политички субјект со сопствен идентитет и волја за опстанок, или е само геополитичка импровизација. По триесет години, оправдувањата за „детски болести“ завршуваат. Државата или станува историска константа, или се сведува на протекторат.
И токму тука настапува големата драма. Дали е чиста случајност што сите агресивни процеси за демонтажа на македонскиот државен и идентитетски суверенитет, предводени од СДСМ и компанија и нивната деструктивна агенда, беа монтирани и кулиминираа токму во предвчерието на тој клучен 30-годишен јубилеј?
Ако ја погледнеме хронологијата на нашиот таканаречен „внатрешен отпор“, предводен од политичкиот и невладиниот естаблишмент што себеси си припишува интелектуален монопол врз воздухот што го дишеме, ќе забележиме фасцинантна парабола. Главните актери веќе три и пол децении неуморно ја поткопуваат градбата, за потоа, и додека самите седат во рушевините, издаваат соопштение за медиумите во кое пишува: „Видовте ли? Ви кажавме дека државата не ја бидува!“
Небаре го гледаш монтипајтоновскиот „Народен фронт на Јудеја“ (Брајаново житие), а не пресот на СДСМ, каде „избраните“ седат во кружни дебати и страсно дискутираат за тоа колку го мразат угнетувачот, додека истовремено трошат 90% од енергијата за борба против сопствениот сограѓанин кој носи малку поразлична фризура. Нашата локална „авангарда“, таа вечна координација меѓу СДСМ и нивниот букет од невладини сателити, го доведе овој концепт до совршенство. Нивната „борба за Македонија“ е толку длабока, толку метафизичка, што бара целосно отстранување на самата Македонија. Тоа е онаа медицина каде што операцијата е совршено успешна, само што пациентот е веќе мртов.
И тука помислувам на Албер Ками кој запишал дека „сизифовскиот труд има смисла само додека каменот се тркала надолу“. И размислувам за нашиве Сизифи, кои искрено речено, ги надминаа француските егзистенцијалисти. Тие не го туркаат каменот кон врвот, тие пробаа да го убедат каменот дека тој всушност е хеликоптер. Ќе летне кога сака и ќе слета каде сака, и каде што тие ќе му кажат да слета. И после сите, заедно со членовите на екипажот ќе го јавнат еднорогот. И така…
Карл Попер, инаку еден од мисловно најелементарните и најниско (не знам како поинаку би го превел low profil) манипулативните филозофи, во „Отвореното општество и неговите непријатели“ повикува на социјален инжинеринг кој во име на некаква замислена „апсолутна иднина“ се подготвени да ја поништи сегашноста и историјата. Кај нас, тие социјални инженери беа инсталирани за да го спроведат токму тоа. Да го обесмислат 30-годишниот пат, да докажат дека нацијата нема зрелост за сопствена држава и да го сведат нашиот суверенитет на администрирање на туѓи интереси.
Борбата против реалноста овде никогаш не била случајност, хонорар е. Секогаш кога државата ќе покажеше и најмал знак на суверена автономија или виталност, веднаш се активираше тревогата во Поперовите, или по точно од Сорос модифицираните „Јавни Соби“.
„Внимание! Се појавува реалноста! Активирајте ги Невладините!“
Па сепак, иако за слабоумните, Карл Попер илити Сорос е тотем, боженство, и врв на слободната мисла, сепак светската филозофија во својата богата историја познава и други автори, како Артур Шопенхауер на пример. Тој, Артур Шопенхауер забележал дека „секоја вистина минува низ три фази: прво е исмевана, потоа е насилно оспорувана, а на крајот е прифатена како очигледна“. Нашите „дежурни спасители“ на нацијата успеаја да го заглават општеството во перпетуум мобиле меѓу првата и втората фаза. За нив, реалноста е личен непријател. Ако статистиката, фактите или народната волја не се совпаѓаат со нивната однапред зацртана идеолошка матрица, толку полошо за фактите.
Или Арнолд Тојнбина пример, кој во своите студии за падот на цивилизациите, запишал дека големите системи не умираат од надворешни напади, туку од самоубиство предизвикано од неспособноста на нивните елити да понудат реален одговор на предизвиците. Кај нас, псевдо елитата одлучи да го реши овој проблем така што го укина самиот предизвик.
А тука е и Хегел кој запишал дека „историјата е напредок во свеста за слободата“. Нашиот 30-годишен тест, иако насилно режиран да заврши со капитулација, го произведе спротивниот ефект, неуспешноста на референдумот од 2018 година е неспорен факт. Го разобличи целиот циничен механизам на домашните извршители. Државата го преживеа и тој хируршки зафат.
Но, најфасцинантниот дел од оваа 35-годишна драма не е самиот неуспех на нивниот проект, туку нивната апсолутна и непоколеблива увереност дека тие, всушност, цело време „ја спасуваат Македонија“. Тоа е онаа совршена цинична елеганција. Да ја сечеш гранката на која седиш и истовремено да му наплаќаш на дрвото за услугите на гранката. Да, да, токму на таа на која ти седиш.
И така, стигнавме до овој голем јубилеј.
35 години независност за „небањатите“, кадешто меѓудругото, со гордост и самиот припаѓам.
И 35 години решително стоење на браникот на фикцијата, за „бањатите“.
И тука, точно тука како таков, „небањат“, им оддавам признание за истрајноста. Не е лесно три и пол децении да се бориш против гравитацијата и постојано да се чудиш зошто чашата паѓа на подот, а не на таванот. Македонија го помина својот тест за полнолетност. Го помина во време и кога тие беа на власт сепак и не можеа да направат ништо да го променат тој факт. И тоа е нивниот најголем, трагикомичен пораз. Тоа што конечно разбраа дека и по 35 години исклучителен труд да ја снема, Македонија сè уште е тука.
Таа, Македонија е тука, жива е, и сè уште одбива да го прочита нивното сценарио за сопственото исчезнување.
Биди ми вечна моја Македонијо!