Кој е овде луд?

1

Или, попрво, поточно би било прашањето: кој е овде полуд, зашто луди има едно чудо, дури и на одговорни места, и тие со своето лудило ја обликуваат „јавната сцена“. Некои и политиката, па ја трансформираат во – политикантство. А културата во – кич. Зошто ги „спојувам“ политиката и културата? Зашто се многу, многу блиски. Но за тоа малку подолу.

Некако се намножија негрижливи и неуки луѓе, сенки од и луѓе за во сенка, повеќе имитативни отколку оригинални, фолиранти и неморални, дури агресивни…, со еден збор – некултурни. Тотално. Во двете области, која што де факто е една иста. Мислат само на денес заборавајќи што кажале вчера, но и што не кажале, што премолчуваа(т) а за што ги земаат вувузелите за помош. На пример за што молчеа цели седум години, ама сега некаков политикантски сматок им ги боцка очите со Младиќ. Не им пречи што денес една сурија суртуци ја нарекува власта националистичка и криминална, што секоја бараба има право да се спрдачи дури и со претседателката на државата, ама за некојси Китановиќ бараат бесилка.






Не дека немаат право да бараат одговорност, што Владата не смееше да го дозволи со онаква „млака“ реакција како битпазарска понуда, ама како не им боцкаше очи предавството на оние бандити што им ја украдоа „револуцијата“? Неморални, некултурни шутраци: молчат за брзогоречки болници што фамозноно ни ЈО сака да ни го претстави како нормална работа; глас не пуштија за еден „вечен договор“ што никој не смее да го смени, никогаш; молчат и за бугарофилските „политики“ на една малоумна групација или за подметнувањата на полуписмени „интелектуалци“ за некаква македонска „измислена историја“; на некоиси, едикоиси сето тоа не им пречи туку секогаш е полесно да се фатиш за „другиот“, нели!?

Една вечна „кукумјавка“ која со години глуми режисерка а македонскиве слепци упорно ја товарат со пари, среде Сараево ја испоплука и државата, и културата, се прогласи за некаков дисидент и локална светица, а некој ѝ го забранувал „фамозниот“ глупав филм и марифетлукот за две верзии на една иста сцена, па државата сакала дури да ја апси… И така со ред плачки и кубење коси и ни збор за милионите евра земени токму од истата држава. За сето тоа ни збор ниту од македонските новинари и претставници на еднакво „фамозниот“ Сараевски филмски фестивал (сосе неговата „дива“ Татарагиќ, која е таму и Господ и света дева Марија, и директорка и сценаристка и продуцентка и… што ти душа сака). Барем, конечно, еден грчки филмаџија се осмели да ѝ „дошепне“ на онаа Европска филмска академија малку да си ги отвори очите.

Кај нас, со исклучок на неколкумина кои се бројат на прстите на една рака, целата култура – и политика – молчат. Не само за сето ова. Затоа веќе и не знаете кој е луд, а кој – полуд?! Треба ли да говориш за сите неправилности (коишто кај нас веќе преминуваат во злосторства), за (одамна етаблираниот) општ грабеж во културата но особено во филмскиот свет, за оној страобален кич што некои ни го поттураат во музеите и галериите под формата на современа визуелна уметност…? За криминогените релации на културата и политиката и амнестијата – или покритието, ако претпочитате поблага варијанта! – што државната политика ја дава на коекакви кланови и кланчиња, или си попаметен кога молчиш?!

Зашто, во македонската култура, како и според правилото кај италијанската мафија, „мртвата уста не говори“. Поточно: тој кој ќе проговори, ќе биде бргу (и)збришан од правото на онаа „цркавица“ од државниот „културен колач“. Убиј ја културата и ќе бидеш мирен!?

Затоа и онаа мисла дека културата е огледало на државата е изречена повеќе како предупредување отколку само како констатација. Но кај нас токму луѓето од културата и политиката не знаат, никогаш и не знаеле, дека општествениот систем е една целина, дека сегментите функционираат само во целината, а таа памети, повторува, некогаш се потсмева но и казнува… И дека општеството во принцип не заборава! Не знаат, никогаш и не знаеле дека, како што вели Дејвис (Kingsley Davis), културата е единствениот вистински фактор што ја издвојува човечката заедница од сѐ друго на планетава. Ако таа култура е „длабоко својство што се разгранува низ целиот човечки живот и е одговорно за сите негови уникатни квалитети“, тогаш нејзиното отсуство во човечката комуникација е – негов најголем пораз!

И нашите порази во државата/општеството се де факто културни порази. Како и оној од 1998 година и најглупавиот Закон за културата што светот го видел а којшто кај нас и понатаму ја постројува културата. Но некому изгледа така му одговара. Затоа и сите наши порази, до денес, се должат на некултурата на поединецот и групата – читај: партијата! – и нејзините страотни промашувања во воспитувањето, образованието, науката, политиката итн. Сите наши отстапки се должат на личната и групната некултура во сите сфери на општествениот живот, на некултурни поединци и групи на врвот на општествената пирамида кои не гледаат подалеку од сопствениот нос. Или џеб.

И тие порази ги гледаме особено последниве неколку години. И нивното грдо лице ќе го гледаме и понатаму, доколку продолжиме на ист начин. И ако не одговориме на прашањето од милион долари: кој е овде луд, а кој полуд? Ако тоа некому не му е јасно, тогаш ништо не му е јасно! Или, можеби ние наивно мислевме – и мислиме – дека новиот век носи навистина нешто ново, нешто што уште Јунг го идентификувал со „καιρóς“ односно вистинско време за „метаморфоза на боговите“, дека многу нешта ќе се сменат односно ќе се менуваат…, па дури и соседите, Европа и светот и нивната во основа империјалистичка свест и логика. А ние? Ние можеме да останеме исти, со оној деветнаесетовековен менталитет (иако за некои историски личности од тоа време, на пример Мисирков, тоа би било навреда!), со овој (да простите) малограѓански курназлак, со закотвен „прогрес“ како оној на Заев и Пендаровски а сега и на Филипче, со „академици“ на кои им пречи пречестото спомнување на македонскиот јазик, идентитет, култура…?

Ништо од тоа не се случи и нема да се случува, „боговите“ на лажната моќ и неморалот од минатото уште живеат во сегашноста, со истата непроменета историја, онаа мрачната, лошата, некултурната.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини