Македонија во партиската Прокрустова постела
Како со децении ја приспособувавме државата кон партиите, наместо партиите кон државата.
Во пресрет на 8 Септември, Денот на независноста, кога во 1991 година граѓаните се определија за самостојна и суверена Република Македонија, вреди да се потсетиме не само на она што го изградивме како држава, туку и на она од што, три и пол децении подоцна, сè уште не успеавме целосно да се ослободиме. Една од тие упорни политички практики е токму партиската Прокрустова постела.
Во старогрчката митологија, Прокруст ги принудувал патниците да легнат во неговата постела. Ако биле подолги од неа, им го отсекувал она што „штрчело“. Ако биле пократки, ги растегнувал сè додека не се вклопат во однапред зададената мерка. Не било важно каков е човекот. Важно било човекот да одговара на постелата. Човекот не бил мерка. Постелата била мерка.
Оттука, изразот „Прокрустова постела“ станал симбол за круто и беспоговорно вклопување во однапред зададен калуп, во кој од човекот не се бара само да постапува според зададената линија, туку и да мисли во границите што му се определени.
Ако треба со една метафора да се опише еден од најдолговечните аномалии на македонската политичка практика во изминатите децении, тогаш тешко дека ќе најдеме попрецизна од оваа. Кај нас премногу долго не се бараше партијата да се приспособи кон државата, институциите и јавниот интерес. Напротив, државата, институциите, професиите, па неретко и самите луѓе, се приспособуваа кон партиската мерка.
Кој беше премногу самостоен, требаше да се „скрати“. Кој беше недоволно способен, можеше да се „растегне“. Првиот, со премолчување, маргинализација или со отстранување. Вториот, со функција, титула, моќ и со партиска заштита.
И така, со години, не ја менувавме Прокрустовата постела. Ги менувавме само луѓето што ги стававме во неа.
Во изминатите три и пол децении се менуваа влади, партии, лидери и коалиции. Се менуваа изборни програми, политички слогани и ветувања за „нова политика“. Но матрицата премногу често остануваше иста. Партиската припадност најчесто тежеше повеќе од стручноста, лојалноста повеќе од интегритетот, а послушноста повеќе од способноста.
Така постепено се создаде систем во кој не беше најважно што знае човекот, што може и што постигнал, туку дали е „наш“ или дали е „мој“ кога одлуката доаѓаше од партискиот лидер. Таквата логика брзо се прелеа од партиските штабови во институциите, јавната администрација, јавните претпријатија, образованието, културата, здравството и во речиси секоја област во која политиката можеше да влијае врз изборот на луѓе и распределбата на функции. Токму таму започна вистинското „скратување“ и „растегнување“.
Способниот, но независен човек стана непријатен затоа што имаше сопствен став. Поставуваше прашања. Не креваше рака по команда, не молчеше кога гледаше проблем и не ја мешаше институцијата со партијата. Таквиот човек премногу често не се доживуваше како вредност што треба да се зачува, туку како проблем што треба да се отстрани.
Наспроти него, просечниот, но послушен кадар полесно се вклопуваше во партиската постела. Не затоа што беше најдобар, туку затоа што беше најбезбеден. Не затоа што имаше најмногу знаење, туку затоа што покажуваше најмалку отпор. Не затоа што можеше најмногу да придонесе за институцијата, туку затоа што најмалку ѝ се спротивставуваше на партиската волја.
И токму тогаш започна политичкото „растегнување“. На човек без доволно искуство му се даваше функција што го надминуваше. На човек без авторитет му се доделуваше титула што требаше да го произведе авторитетот, а на човек без резултати му се создаваше јавна важност преку позиција, кабинет, службен автомобил и медиумска присутност. Функцијата престана да биде признание за способност и стана механизам со кој неспособноста добиваше изглед на авторитет.
Во таквиот систем, пренатрупан со политички „растегливи“ медиокритети, институциите на државата неизбежно ослабнаа. Кредибилитетот на институцијата не го создаваше таблата на влезот, ниту печатот на документот. Го создаваа луѓето што знаеја, умееја и имаа доволно професионален интегритет да кажат „не“ кога од нив се бараше нешто што не беше во интерес на институцијата и државата. Но токму тоа „не“ со децении беше еден од најскапите, но и најнепосакуваните зборови во македонската политика.
Наспроти таквите луѓе, премногу често се наградуваа оние што знаеја да климнат со глава, да се умилкуваат и навреме да кажат: „Така е, шефе, во право си“. Или уште подобро: „Браво, шефе“! За жал, се создаде култура во која критиката се доживуваше како нелојалност, различното мислење како опасност, а професионалната автономија како непослушност.
И токму тука Прокрустовата постела престана да биде само партиски проблем. Таа стана државен проблем.
А колку ли само такви политички „растегнати“ личности поминаа низ македонските институции: министри, заменици министри, државни секретари, директори и други високи функционери. Додека ја имаа функцијата, изгледаа поголеми од самите себе. Авторитетот им го даваше кабинетот, а моќта, позицијата што ја заземаа. Некои дури поверуваа дека таа големина е навистина нивна, сопствена и заслужена.
Но кога функцијата заврши, заврши и растегнувањето. Одеднаш исчезнаа кабинетите, службените автомобили, протоколот, камерите и луѓето што им отвораа врати. И тогаш многумина повторно станаа она што отсекогаш биле, луѓе чија политичка „големина“ не произлегуваше од знаењето, интегритетот или резултатите, туку од функцијата што привремено ги правеше поголеми отколку што навистина беа.
Тоа можеби е и најироничната страна на македонската партиската Прокрустова постела: таа не само што ги скратуваше оние што беа поголеми од нејзината мерка, туку со години ги растегнуваше и оние што без неа никогаш немаше да изгледаат толку големи.
Време е партиската и етноцентричната Прокрустова постела конечно да стане минато. Државата не смее повеќе да се приспособува кон партиите и етничките калкулации, туку сите партии, без исклучок, мора да се приспособат кон државата, нејзините институции и заедничкиот интерес на граѓаните.