ЗОШТО ИСЛАНЃАНИТЕ РЕШИЈА ДА НЕ СТАВААТ ЕУ-ТРН ВО ЗДРАВА НОГА Војни воделе со британската империја за рибите, а сега Брисел ли да им кажува колку смеат да ловат?!

Исланд не се откажува лесно од својот суверенитет - народот сака самиот да управува со своите ресурси и не верува во приказните дека ЕУ ќе ги заштити од војни.

0

Исланд е островска држава со површина од околу 103.000 квадратни километри и само околу 390.000 жители, од кои речиси две третини живеат во главниот град Рејкјавик и неговата околина. Земјата располага со огромна економска зона во Северниот Атлантик, богати рибни ресурси и евтина геотермална и хидроенергија. Рибарството, преработката на риба, производството на алуминиум и туризмот се главните извори на приходи. Туризмот создава 8,1% од БДП во 2024 година, а БДП по жител е 31% над просекот на Европската Унија, покажуваат податоците на исландската статистика.

Од овие базични податоци треба да почне анализата зошто на референдумот од 29 август, 52,8% од гласачите се изјаснија против продолжување на преговорите со ЕУ, а 47,2% гласаа „за”.Излезноста достигнс високи 82,5%. Прашањето не беше дали Исланд веднаш да стане членка, туку дали да ги обнови преговорите прекинати пред повеќе од една деценија. Ако победеше опцијата „за”, евентуалниот договор за членство требаше да биде ставен на втор референдум.






Исланд веќе има сè што му треба од ЕУ

Една од главните причини за победата на опцијата „не” е фактот дека Исланд веќе го има најголемиот дел од економските придобивки од европската интеграција. Преку Европската економска област земјата е дел од единствениот европски пазар, а преку Шенген има слободно движење на луѓето. Во исто време, Иаланд останува надвор од европската царинска унија, заедничката земјоделска политика и од заедничката политика за рибарство. За многу гласачи сегашниот модел претставува поволна комбинација: пристап до европскиот пазар без целосно предавање на контролата врз природните ресурси.

ЕУ е убедливо најважниот трговски партнер на Исланд. Во 2025 година на Унијата отпаѓале 53,6% од вкупната исландска трговија со стоки, 66,5% од извозот и 45,1% од увозот. Исланѓаните, значи, не гласаа за економско оддалечување од Европа. Повеќето од нив процениле дека членството нема да донесе доволно дополнителни придобивки за да ги оправда можните отстапки. Извозот кон ЕУ веќе се одвива под поволни услови, а Исланд преку ЕФТА има можност да склучува и сопствени трговски договори.

Зошто тогаш да си ставаат трн во здрава нога?

Исланѓаните се сериозни рибари во секој поглед

Најчувствителното прашање беше рибарството. Рибата и морските производи создаваат речиси 40% од извозот на стоки, додека рибарството и поврзаните дејности учествуваат со околу 15% во економијата. Заедничката политика на ЕУ предвидува европско договарање на квотите и на пристапот до морските ресурси. Иако европскиот комесар за рибарство Костас Кадис остави можност Исланд да добие посебни услови, противниците не веруваа дека таквите отстапки ќе бидат трајни. Министерството за надворешни работи, исто така, призна дека целосната контрола врз исландските риболовни подрачја е услов за кој не може да се преговара.

Харалдур Олафсон, претседател на организацијата „Хеимсин”, која се противи на членството, предупреди дека и привремен исклучок не би обезбедил долгорочна сигурност. „Не можеме да знаеме што би можела да направи ЕУ за пет или десет години. Би презеле неразбирлив ризик ако ја предадеме власта над нашиот најважен ресурс”, изјави тој за High North News. За Исланѓаните морето има и историско значење: државата во таканаречените „војни за бакаларот” со Велика Британија избори проширување на својата риболовна зона.

Сличен страв постоеше кај земјоделците. Исланд има студена клима, малку обработливо земјиште, високи трошоци и земјоделство кое опстанува со царинска заштита, директна помош и договорено производство. Организацијата на младите фармери едногласно се спротивстави на обновувањето на преговорите, оценувајќи дека европската земјоделска политика е приспособена на големите континентални пазари. Поевтиниот увоз можеби би ги намалил цените за потрошувачите, но би можел да го потисне домашното производство на млеко и месо и да ја зголеми зависноста од увозна храна.

Исландската валута е нестабилна, ама што им гарантира еврото?

Најсилниот економски аргумент на таборот „за” беше исландската круна. Малата валута е подложна на големи осцилации, што ги поскапува увозот, станбените кредити и финансирањето на компаниите. За време на кампањата каматните стапки изнесуваа околу 9,5%, а храната и безалкохолните пијалаци во 2024 година биле 48% поскапи од просекот во ЕУ. Поддржувачите тврдеа дека идното воведување на еврото би донело пониски камати, постабилни цени и поевтини кредити. Членството во ЕУ, сепак, не значи автоматско и моментално прифаќање на еврото: за тоа се потребни исполнување на критериумите, членство во курсниот механизам и дополнителна политичка одлука.

Противниците одговорија дека сопствената валута му овозможува на Исланд да води монетарна политика според потребите на својата мала и специфична економија. По банкарскиот колапс во 2008 година, падот на круната помогна извозот и туризмот побрзо да закрепнат, иако граѓаните платија висока цена преку инфлацијата и поскапувањето на увозот. Исландската економија пораснала за скромни 0,5% во 2024 година, но земјата останала богата, со високи приходи и БДП по жител далеку над европскиот просек. За мнозинството гласачи економските проблеми биле сериозни, но не и доказ дека земјата не може да опстане со сопствена валута.

Само „центарци” од Рејкјавик сакаат во ЕУ

Политичката суштина на резултатот се гледа во разликата меѓу Рејкјавик и остатокот од земјата. Само централниот дел на главниот град дал мнозинство за продолжување на преговорите. Рибарските места, земјоделските области и предградијата гласаа против. Кампањата „не” понуди јасна порака за задржување на контролата, додека слоганот на кампањата „за” – „Да, за да видиме” – бараше од гласачите да одобрат неизвесен процес чии услови допрва би се утврдувале. При тесен резултат, сигурноста на постојниот модел се покажа посилна од можноста да се преговара за поинаков модел.

Исланд веќе презема голем дел од прописите на ЕУ поврзани со единствениот пазар, но нема глас во европските институции. Магнус Арни Скјолд Магнусон, претседател на Европското движење на Исланд, тврдеше дека членството би ѝ обезбедило на земјата „место на масата на која се носат одлуките што влијаат врз нејзината економија и општество”. Противниците сметаат дека едно или неколку места во европските институции не можат да ја надоместат загубата на националното право за самостојно одлучување за рибата, земјиштето, енергијата и трговските договори.

 ЕУ ќе ги заштитела од војни – Исланд е членка на НАТО и има договор со САД

Прашањето на безбедноста не успеа да ја промени пресметката. Поддржувачите на преговорите ја претставуваа ЕУ како дополнителна политичка и економска заштита во период на војни, трговски судири и растечко натпреварување за Арктикот. Но, Исланд е основач на НАТО, има договор за одбрана со САД и веќе е дел од западниот безбедносен систем, иако нема постојана армија

По гласањето премиерката Криструн Фростадоутир ги призна грижите на руралните средини за „земјоделството, рибарството и природните ресурси” и најави дека владата ќе го почитува резултатот. Исланѓаните не ја отфрлија Европа, туку проценија дека сегашната положба им обезбедува доволно пазарна интеграција и безбедност, а им остава поголема контрола врз ресурсите од кои зависи нивната економија.

 

Поврзани содржини