СМИЛЕВО ГОРЕЛО НА БОГОРОДИЦА, ДАМЕ НАРЕДИЛ ПОВЛЕКУВАЊЕ „Ја спасивме честа, се биевме!“

Илјадници османлиски војници го затвориле обрачот околу едно од срцата на Илинденското востание. Кога граната го погодила училиштето, Даме Груев наредил повлекување и кажал реченица што ја надживеала битката.

0

Токму на празникот Успение на Пресвета Богородица, пред 123 години, Смилево го доживеало еден од најтрагичните денови од Илинденското востание. По неколкудневни борби со многубројната османлиска војска, селото било запалено, востаничката одбрана била скршена, а Даме Груев наредил повлекување со зборови што останале запаметени.

Долниот дел од Смилево веќе горел. Востаничките позиции паѓале една по една, а илјадници османлиски војници го стегале обрачот околу селото.






Груев предложил востаниците да се утврдат во училиштето среде селото. Оттаму требало да го бранат она што веќе речиси не можело да се одбрани.

Тогаш топовска граната го погодила училиштето.

Дилемата исчезнала.

Даме Груев наредил повлекување кон Горно Маало, а потоа кон гората. Зад себе оставале село во пламен.

– Веќе ништо не може да се спаси, но честа ја спасивме – се биевме! – рекол Груев.

10 баталјони тргнале кон Смилево

Последната голема офанзива почнала на 25 август. Околу 12.000 османлиски војници под команда на Бахтијар-паша тргнале кон реонот Ѓавато – Смилево.

Околу Смилево имало приближно 600 востаници. Одбраната ја раководеле Даме Груев и Ѓорѓи Сугарев.

Утрото на 27 август почнал артилерискиот напад. Следувал удар по целата линија, а востаничките позиции постепено паѓале.

Според податоците што ги наведува историчарот Ванчо Ѓорѓиев, во збегот Голем Гар биле убиени 56 цивили. Меѓу жртвите имало жени, старци и деца.

До вечерта пламенот го проголтал Смилево.

Турски извештај наведува дека во Ново Смилево изгореле 400 од 410 куќи. Во Старо Смилево биле изгорени сите седум.

Даме го гледал Смилево во пламен

Вечерта Груев стигнал во збегот Голем Гар.

Зад него горело неговото родно Смилево. Околу него биле преживеаните, ранетите, жените и децата.

Четите морале да заминат за да не го изложат населението на нова опасност. Во текот на ноќта се пробиле низ османлискиот обрач и се повлекле кон блиските гори.

Смилевчани следниот ден се вратиле.

Од нивното село останале пепелишта.

Поврзани содржини