ИЗГАСНАТ ПОЖАРОТ ШТО ИЗБИ ВО АВТОБУС НА ЈСП НА ВОДНО Возачот спречил поголема катастрофа
Благодание на брзата реакција и присебноста на возачот кој го паркирал на соодветно место, пожарот не се проширил во околината - изјави командирот на ПП бригада на Град Скопје.
„По повод информациите дека автобус на ЈСП Скопје, кој сообраќал на линијата број 25 кон Водно, бил зафатен од пожар, ја информираме јавноста дека нема повредени лица. Во мигови кога секоја секунда е драгоцена, возачот реагирал брзо, присебно и одговорно“ – соопшти Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Пожарот е изгаснат со интервенција на две возила и седум пожарникари од Скопската бригада за противпожарна заштита.
– Благодание на брзата реакција и присебноста на возачот кој го паркирал на соодветно место, пожарот не се проширил во околината – изјави за МИА Ѕвонко Томевски, командир на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Во соопштението на ЈСП Скопје се вели дека надлежните служби веќе ги спроведуваат сите неопходни проверки, ќе биде утврдена точната причина за пожарот, а јавноста навремено и целосно ќе биде информирана.
„Возачот веднаш ги презел сите неопходни мерки и со својата навремена реакција спречил многу посериозни последици, поголема материјална штета и проширување на огнот кон околниот простор. Изразуваме искрена благодарност до возачот за покажаната храброст, смиреност и професионалност. Безбедноста на патниците е и секогаш ќе биде наш највисок приоритет. Ја информираме јавноста и дека пожарот не ја зафатил парк-шумата „Водно“ и дека е спречена опасноста од негово ширење“ – се вели во соопштението на ЈСП Скопје.