КИТАНОВИЌ ДА ГО ПОВЛЕЧЕ СТАВОТ ЗА РАТКО МЛАДИЌ ИЛИ ДА СИ ЗАМИНЕ Владата има јасен став и не прифаќа волунтаризам
Енергична осуда на Далибор Китановиќ, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, кој објави скандалозен пост на Инстаграм со кој се велича воениот злосторник Ратко Младиќ.
Ставот на Владата е јасен и се темели на меѓународно утврдените правни факти. Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и за воени злосторства од надлежниот меѓународен суд, велат од Илинденска.
„Ставот на Далибор Китановиќ е негов личен став и е неприфатлив за Владата. Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата. Волунтеризам е неприфатлив и Владата ќе побара од Китановиќ да го повлече ставот. Доколку Китановиќ не се согласува со политиките на Владата очекуваме негово повлекување од позицијата која ја извршува“, велат од Владата.
Актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, објави скандалозна објава со која се велича осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. Објавата се појави на неговиот профил на Инстаграм по смртта на поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој почина во Хаг додека издржуваше доживотна затворска казна.
Китановиќ објави фотокомпозиција, очигледно изработена со вештачка интелигенција, на која Младиќ е прикажан заедно со повеќе личности од српската историја. Меѓу нив е и четничкиот командант Дража Михајловиќ, а врз композицијата со големи букви е напишано: „Генерали на небеската војска“. Со тоа крвникот од Сребреница е сместен меѓу личности претставени како национални херои и митски заштитници на српскиот народ.