СЕ ПРИБИРААТ ДОКАЗИ ЗА СЛУЧАЈОТ СО ПРЕТЕПАНАТА ГОСТИВАРКА Активирана е процедурата за итно постапување при семејно насилство
Обвинителството ќе ја одреди правната квалификација на делото според прибраните докази. Вo процесот на прибирање докази се вклучени и полициски службеници и Центарот за социјални работи.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека се преземаат итни дејствија за прибирање докази за случајот со брутално претепаната жена од Гостивар. Жената синоќа беше примена во Клиничкиот центар во Скопје во животозагрозувачка состојба.
„Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази“, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Активирана е воспоставената процедура за итна координација при пријави за семејно насилство.
„Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, посочуваат од Обвинителството.
Како што објави Плусинфо синоќа, случајот го пријавил таткото на жената. Екипа на Итната медицинска помош ја пронашла во бесознание.
По укажаната прва помош во болницата во Гостивар, жената била пренесена во Ургентниот хируршки центар во Скопје. Таа имала повреди на главата и на градниот кош, како и деформитети на лицето.
Од СВР Тетово синоќа за Плусинфо потврдија дека сопругот на повредената жена е лишен од слобода и пренесен во полициска станица.