ДОЖДОТ ЌЕ ПРЕМИНЕ ВО СНЕГ, СЕ НАЈАВУВА И СИЛЕН ВЕТЕР Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови

УХМР најавува локално пообилни врнежи, снег на планините и продор на постуден воздух од север. Во Скопје кон крајот на денот и во текот на ноќта има услови дождот да премине во снег, а во понеделник температурите ќе се спуштат до -7 степени.

0

Облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни, а на планините од снег, нè очекува во текот на утрешниот ден. Според прогнозата на УХМР, на одредени места за 24 часа ќе наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар, а со продорот на постуден воздух од север, попладне врнежите на некои од повисоките места ќе преминат во снег.

Ќе дува умерен ветер, кој наместа во североисточните делови и долж Повардарието повремено ќе засилува и ќе достигнува силен интензитет.






Утринските температури ќе се движат од 0 степени во Маврово до 10 степени во Гевгелија, додека дневните ќе бидат во интервалот од 3 до 12 степени.

Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови дождот да премине во снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во делови од котлината повремено ќе засилува. Температурата ќе се движи од 7 до 8 степени.

Во недела времето ќе биде облачно со повремени локални врнежи, претежно од снег. Во пониските места долж Повардарието се очекуваат врнежи од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат, а ќе дува умерен северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува.

Минималните температури ќе се движат од -2 до 7 степени, а максималните од 0 до 8 степени.

Според прогнозата на УХМР, во понеделник ќе биде променливо облачно и студено, со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Утринските температури ќе се спуштат до -7 степени, а ќе се движат до 2 степени. Дневните ќе бидат во интервалот од -2 до 6 степени.

Поврзани содржини