ТРИ ВОЗИЛА СЕ СУДРИЛЕ НА ОБИКОЛНИЦАТА, ПОВРЕДЕНИТЕ ЗАВРШИЛЕ ВО БОЛНИЦА Полицијата откри детали за несреќата која го блокираше сообраќајот
Несреќата била пријавена во полиција во 19:10 часот, по клучката Радишани во правец кон Тетово. Повредените се хоспитализирани, а полицијата ги утврдува причините за судирот.
Во судирот на скопската обиколница „Мајка Тереза“, по клучката Радишани во правец кон Тетово, учествувале три возила – „опел“, „мерцедес“ и „ауди“, а пет повредени лица биле пренесени во болница. Ова вечерва го потврдија од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо, откако претходно беше пријавен целосен прекин на сообраќајот на оваа делница.
Несреќата била пријавена во СВР Скопје во 19:10 часот. Во неа учествувале „опел“ и „мерцедес“, двата со скопски регистарски ознаки, како и „ауди“ со косовски регистарски ознаки.
„Денеска (27.11.2026) во 19:10 часот во СВР Скопје пријавена е сообраќајна незгода на обиколница ‘Мајка Тереза’ по клучка Радишани во правец кон Тетово, помеѓу три возила, ‘опел’ со скопски регистарски ознаки, ‘мерцедес’ со скопски регистарски ознаки и ‘ауди’ со косовски регистарски ознаки“, информираат од МВР за Плусинфо.
Поради несреќата, сообраќајот на обиколницата во правец кон Тетово претходно беше целосно во прекин, а возачите беа предупредени да ја избегнуваат оваа делница.
Засега не е познато колку лица се повредени и колку се сериозни нивните повреди. Од полицијата велат дека преземаат мерки за утврдување на причините и околностите под кои се случила несреќата.