ПЕТМИНА ЗЕЛЕ ПЛАТА, А ВООПШТО НЕ ОДЕЛЕ НА РАБОТА Пријавен раководител на „Водостопанство“ во Кочани
Раководителот, според полицијата, доставувал платни списоци за пет лица кои не извршувале работни задачи. Претпријатието е оштетено за околу 16.645 евра.
Раководител на подружницата „Брегалница“ на „Водостопанство“ во Кочани е кривично пријавен под сомнение дека овозможил пет лица да земаат плата иако воопшто не доаѓале на работа. Со исплатите, според полицијата, на претпријатието му била нанесена штета од 1.023.683 денари, односно околу 16.645 евра.
Пријавен е 61-годишен жител на Кочани со иницијали Б.Б., кој ја раководел подружницата од 25 ноември 2022 до 16 октомври 2024 година. Против него е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, според член 353 од Кривичниот законик.
Според полициските информации, од март 2023 до јануари 2024 година, раководителот редовно доставувал платни списоци во кои биле внесени пет лица, иако тие не извршувале никакви работни задачи.
На тој начин, петтемина се стекнале со вкупна противправна имотна корист од 693.101 денар, односно околу 11.270 евра.
Поединечните исплати изнесувале 226.914, 221.221, 199.029, 23.745 и 22.192 денари.
Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство во Кочани.