📽️ НЕЈЗИНИТЕ ТОРТИ СЕ ПРОДАВААТ И ЗА ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА Руска слаткарка има три милиони следбеници и луксузно ателје во Дубаи
Руската слаткарка Полина Филимонова, позната како Pauline Cake, изгради меѓународен бренд со торти што наликуваат на дизајнерски чанти, замоци и раскошни уметнички инсталации, а најсложените достигнуваат цена од неколку илјади евра.
Полина Филимонова, на социјалните мрежи позната како Pauline Cake, го претвори својот талент за изработка на торти во меѓународен бренд. Нејзините креации на прв поглед изгледаат како луксузни модни додатоци, минијатурни дворци или уметнички инсталации, а не како десерти.
View this post on Instagram
Слаткарката потекнува од Бердск, град во Сибир, а со изработката на торти почнала да се занимава уште додека се школувала. На 19 години ја основала онлајн-школата „Полин скул“, преку која ги обучувала другите за техники на изработка и декорирање торти, но и за тоа како слаткарството може да стане извор на заработка. Според податоците на нејзината школа, програмите ги посетиле повеќе од 100.000 луѓе од целиот свет.
Нејзините необични торти ѝ донеле речиси три милиони следбеници на Инстаграм, а популарноста ѝ го отворила патот кон меѓународниот пазар. Во 2024 година во Дубаи отворила сопствено луксузно слаткарско ателје, специјализирано за торти по нарачка за свадби, родендени и други посебни пригоди. Во понудата има и различни десерти и колачиња.
Луксузните чанти, дворците, автомобилите, вртелешките и репликата на познатиот дубајски хотел „Бурџ ал Араб“ се само дел од проектите по кои е препознатлива. За најсложените торти купувачите издвојуваат и по неколку илјади евра, во зависност од големината, дизајнот и посебните барања. Некои од нејзините декоративни инсталации не се целосно јадливи, туку служат за демонстрација на сложени слаткарски техники.
View this post on Instagram
На почетокот речиси сè работела сама – ги печела и украсувала тортите, снимала содржини за социјалните мрежи и комуницирала со клиентите. Денес зад брендот стои цел тим, а Филимонова како основачка и креативна директорка ги осмислува новите концепти и го определува уметничкиот правец на креациите.
View this post on Instagram
Во разговор за „The Pro Chef Middle East“, таа посочила дека популарноста на интернет не е исто што и водење сериозна компанија. Вирално видео може да привлече купувач, но квалитетот на производот е пресуден дали тој ќе се врати. За некои торти ѝ е потребен само еден ден, додека на најсложените работи и со недели. Нејзините идни планови вклучуваат ширење на едукативните програми и нови, сè посмели креативни проекти.