КАЛАБРИЈА НУДИ БЕСПЛАТНИ КУЌИ НА ПЕРИОД ОД 10 ГОДИНИ На младите парови ќе им биде платено и реновирањето

Додека други италијански општини продаваат напуштени куќи за симболично 1 евро, Калабрија нуди 10 години бесплатно живеење. Регионалните власти ќе го платат и реновирањето на 50 куќи и станови, а предност ќе имаат младите парови и семејствата со деца.

0

Додека други италијански општини со години привлекуваат нови жители со продажба на напуштени куќи за симболично 1 евро, Калабрија оди чекор понатаму. Регионалните власти ќе го платат реновирањето на 50 куќи и станови, а избраните кандидати ќе можат бесплатно да живеат во нив 10 години.

Во првата фаза се понудени недвижности во 26 општини, а регионалните власти издвоиле 20 милиони евра за проектот.






Програмата „Рипопола Калабрија“ е наменета за оживување на малите населени места, кои со години се соочуваат со иселување и стареење на населението.

Претседателот на регионот Калабрија, Роберто Окиуто, објасни дека властите ќе ги обноват неискористените јавни објекти, а потоа ќе им ги отстапат на избраните кандидати.

– Ќе ги обновиме овие куќи на трошок на регионот. Нема да платат ниту цент, а ќе можат бесплатно да живеат во нив 10 години – порача Окиуто.

Понудените куќи и станови имаат површина до 140 квадратни метри. Дел од нив се значително помали, со површина од околу 55 квадратни метри.

Недвижностите се наоѓаат во населени места како Челара, Какури, Сан Флоро, Амато, Ровито и Дипињано.

Кој може да добие куќа?

На повикот можат да се пријават полнолетни лица што најмалку 3 години живеат надвор од Калабрија и се подготвени да се преселат во регионот.

Право на учество имаат италијански државјани, граѓани на Европската Унија и државјани на други земји што ги исполнуваат условите за законски престој во Италија.

Тоа значи дека можат да конкурираат и македонски државјани, но добивањето куќа не обезбедува автоматски право на престој.

При изборот ќе се применува систем на бодирање, со предност за семејства со деца, самохрани родители и млади брачни или вонбрачни партнери.

Дополнителни бодови можат да добијат и лица што работат од дома, самовработени, претприемачи и професионалци од културниот сектор.

Меѓу приоритетните категории се и лицата со попреченост и иселениците со потекло од Калабрија што сакаат да се вратат.

Кандидатите ќе можат да изберат најмногу 3 недвижности од официјалниот каталог, според редоследот на своите желби. За секоја куќа ќе се формира посебна ранг-листа, а предност ќе имаат кандидатите со најмногу бодови.

Нема кирија, ама нема сопственост

Избраните кандидати нема да станат сопственици на куќите. Недвижностите ќе останат во сопственост на општините, додека новите жители ќе добијат право на бесплатно користење во период од 10 години.

Договорот ќе започне да важи по завршувањето на реновирањето и официјалното предавање на домот.

Корисниците ќе мора да го пријават живеалиштето на добиената адреса и да живеат таму во текот на договорениот период.

Куќите нема да смеат да се издаваат на други лица или да се користат за туристичко сместување.

Програмата ги покрива трошоците за обновување, но не и за купување мебел.

Рокот за пријавување е 18 декември 2026 година, до 17 часот, а аплицирањето се спроведува електронски преку официјалната платформа.

Куќите нема веднаш да бидат достапни за вселување. Според планираната динамика, нивното реновирање и предавање треба да завршат во текот на 2028 година.

Поврзани содржини