5 ЕВРОПСКИ СИЛИ САКААТ ДА СЕДНАТ НА ПРЕГОВАРАЧКАТА МАСА ЗА УКРАИНА Фон Дер Лајен го објави тимот по студениот туш од Москва

Форматот „Е5 + ЕУ“ ги опфаќа Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Полска, заедно со претставници на Европската Унија. Најавата доаѓа откако Кремљ порача дека сè уште не одлучил дали ќе прифати европски претставници на преговарачката маса.

0

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека Европа планира да се вклучи во мировните преговори за Украина преку форматот „Е5 + ЕУ“, кој предвидува учество на 5  европски земји и претставници на Европската Унија. Најавата следува по разговорот со финскиот претседател Александар Стуб, објави „Макфакс“.

Европските претставници не учествуваа директно во неодамнешните преговори меѓу Русија и Украина, одржани со американско посредство во Абу Даби. Иако американскиот претставник Стив Виткоф најави можност Европа да добие место на преговарачката маса, Кремљ соопшти дека Москва сè уште не донела таква одлука.






Фон дер Лајен сега го претстави форматот преку кој европските земји планираат да се вклучат во мировниот процес.

„Александар Стуб и јас разговаравме за мировните преговори меѓу Украина и Русија. Европа активно ќе учествува во овој процес во рамките на форматот Е5 + ЕУ“, напиша таа на социјалната мрежа „Икс“.

Претседателката на Европската комисија нагласи дека Унијата ќе продолжи да ѝ обезбедува максимална поддршка на Украина и да врши притисок врз Русија.

Таа ѝ се заблагодари на Финска за нејзините напори за завршување на војната.

„Разговаравме и за проширувањето, во пресрет на утрешниот Форум на ЕУ за проширување. Се согласуваме дека поголема и посилна Унија ќе создаде попросперитетна и независна Европа“, напиша Фон дер Лајен.

Пет земји во европскиот тим

Форматот „Е5 + ЕУ“ ги опфаќа Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Полска, заедно со претставници на Европската Унија.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претходно најави дека Европа ќе испрати тим дипломати на следната рунда преговори за Украина.

Според неговата најава, во делегацијата ќе учествуваат претставници на петте земји од „Коалицијата на волјата“ и на институциите на ЕУ.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц на 13 ноември изјави дека Германија ќе биде дел од претстојните разговори.

– Германија ќе биде таму, тоа е апсолутно јасно. Ние, се разбира, ќе продолжиме да ги застапуваме заедничките европски интереси и таму – рече Мерц.

Тој очекува во процесот да биде вклучена истата група европски претставници што претходно беше присутна во Абу Даби, иако не учествуваше директно во разговорите.

Москва сè уште не дала согласност

Прашањето за европското учество се отвори по најавите на американските претставници дека следната рунда мировни преговори би можела да се одржи во проширен формат.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 13 ноември соопшти дека Русија сè уште не одлучила дали ќе прифати европски претставници.

– Откако ќе разбереме какви се нивните вистински намери и дали се подготвени да придонесат во мировниот процес, ќе можеме да донесеме одлука за организирање разговори во проширен формат – изјави Песков.

На ваквиот став реагираше високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

– Тие не одлучуваат – им порача Калас на новинарите, нагласувајќи дека Москва не може да го одредува составот на европската делегација.

Калас посочи дека, според постојните правила на Унијата, таа, Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен имаат надлежности за претставување на ЕУ во надворешната и безбедносната политика.

Со најавениот формат „Е5 + ЕУ“, европските лидери го прецизираат составот на делегацијата со која планираат да се вклучат во мировниот процес, додека прашањето за нејзиното прифаќање во преговорите со Русија останува отворено.

Поврзани содржини