ТИНЕЈЏЕР ОД МАКЕДОНИЈА УАПСЕН ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО НА ЕКС-ЛИДЕРОТ НА „ГРОБАРИ“ Српската полиција го фатила на граница со Хрватска

Деветнаесетгодишниот македонски државјанин е осомничен дека испукал повеќе куршуми кон автомобилот на Ненад Алајбеговиќ, познат како Алибег. Поранешниот водач на навивачите на „Партизан“ досега преживеал повеќе од 10 обиди за атентат.

81

Деветнаесетгодишен македонски државјанин е уапсен на српско-хрватската граница под сомнение дека се обидел да го убие поранешниот водач на навивачите на „Партизан“, Ненад Алајбеговиќ, познат како Алибег. Осомничениот со иницијали А. А. бил фатен додека се обидувал да ја напушти Србија, објави Вишото јавно обвинителство на Србија.

По налог на обвинителството во Белград, на осомничениот му е одредено полициско задржување до 48 часа. Апсењето било објавено на 15 ноември.






Според обвинителството, нападот се случил на 8 јули 2025 година, на улицата „Народни херои“ во Нов Белград. Осомничениот наводно испукал повеќе куршуми од пиштол кон Алајбеговиќ, кој во тој момент се наоѓал во својот автомобил.

Против македонскиот државјанин се води постапка за обид за убиство и за недозволено производство, држење, носење и промет со оружје и експлозивни материи.

Во официјалното соопштение на обвинителството нападнатиот е наведен со иницијалите Н. А., додека српските медиуми објавија дека станува збор за Ненад Алајбеговиќ.

Четириесет и петгодишниот Ненад Алајбеговиќ е познат како поранешен водач на навивачката подгрупа „Забрањени“, дел од навивачите на белградски „Партизан“, познати како „Гробари“.

Групата со години беше во судир со други навивачки фракции на клубот.

Алибег има долго криминално досие. Српските медиуми наведуваат дека против него биле поднесени повеќе од 60 кривични пријави за различни дела.

Неговото име повеќепати се појавувало во црната хроника поради вооружени напади. Според медиумските извештаи, преживеал повеќе од 10 атентати.

Во јули 2026 година и самиот Алајбеговиќ бил уапсен во продавница во Нови Сад.

Според тогашните информации, полицијата го пронашла додека користел лажен идентитет, а по него биле распишани повеќе потерници.

При апсењето кај него биле пронајдени панцир, пиштол со куршум во цевката и фалсификувани документи.

Поврзани содржини