До каде ќе одат бугарските власти со непријателската политика кон Македонија?
Во случајот на Ива Михаилова Софија ќе мора да одговори на едно многу непријатно прашање: Дали целта била да се заштити една граѓанка или преку нејзиниот случај да се создаде уште еден инструмент за политички притисок врз Македонија?
Во пресрет на мојот солистички концерт во големата сала на Коларчевата задужбина во Белград, на 18 ноември, кога сите мои мисли и активности се насочени кон подготовките за овој голем музички настан, едноставно не можев да не одвојам време и да не се осврнам на најновите случувања поврзани со Ива Михаилова, девојката чиј случај веќе подолго време ја бранува македонската и бугарската јавност.
Признавам, мислев дека во односите меѓу Македонија и Бугарија сме виделе речиси сè. Но, најновите тврдења за вмешаност на бугарските тајни служби во нејзиниот случај отвораат прашања кои, според мене, не смееме да ги премолчиме. Особено кога станува збор за држава која постојано ни држи лекции за човекови права, демократија, европски вредности и добрососедство.
И токму затоа, наместо целосно да им се посветам на последните подготовки за концертот, почувствував потреба јавно да прашам: До каде се подготвени да одат одредени бугарски институции во својата политика кон Македонија и што навистина се крие зад нивната толку често повторувана приказна за добрососедството?
Најновите информации што пристигнуваат од самата Бугарија, поврзани со случајот на Ива Михаилова, отвораат едно многу посериозно прашање: Дали зад дел од приказните за заштита на Бугарите во Македонија се крие организирано политичко и медиумско влијание, во кое најверојатно учествуваат и структури на бугарските безбедносни служби?
Не станува збор за некаква македонска шпекулација. За наводните притисоци проговори самата Михаилова, во разговори што ги објави бугарскиот новинар и јутјубер Станислав Цанов.
Според нејзините тврдења, претставници на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ја условувале неопходната медицинска рехабилитација и правната помош со нејзино претходно гостување кај конкретен бугарски новинар, Мартин Карбовски. Притоа, како што раскажува, ѝ било кажано дека службата може да влијае и врз прашањата што ќе ѝ бидат поставени.
Замислете, државна безбедносна служба која, според овие обвинувања, не се занимава само со безбедноста на граѓаните, туку и со тоа кај кој новинар тие ќе гостуваат, што ќе бидат прашани и под какви услови ќе ја добијат ветената помош!
Ако ова се потврди, тогаш веќе не зборуваме за обична политичка пропаганда, туку за можна злоупотреба на институциите за контролирање на јавниот наратив. И тука, според мене, започнува вистинската приказна.
Со години од Софија слушаме дека Бугарија единствено сака да ги заштити човековите права на лицата што се чувствуваат како Бугари во Македонија. Дека нејзината политика е добронамерна. Дека сите притисоци врз Македонија произлегуваат од грижата за демократијата, европските вредности и добрососедството.
Но, каква е таа грижа за човековите права ако, според објавените сведоштва, токму човекот што наводно го заштитувате го условувате со медицинска помош за да зборува таму каде што вам ви одговара?
Каква е таа слобода на изразување ако некој друг треба да ги одобрува прашањата? И каква е таа демократија ако здравјето и лекувањето можат да станат средство за притисок?
Сакам да бидам сосема јасен. Не тврдам дека обвинувањата против ДАНС се веќе докажани. Тоа мора да го утврдат надлежните институции. Но, самото постоење на вакви сведоштва, нивното јавно објавување и барањата за истрага од бугарски политичари не дозволуваат случајот едноставно да се премолчи.
Особено е интересно што реакциите доаѓаат и од самата бугарска политичка сцена. Претставници на „Демократска Бугарија“ побараа расчистување на случајот и испитување на евентуалната вмешаност на службите и политичките структури.
Тоа е значајно. Покажува дека и во Бугарија постојат политичари и новинари кои не се подготвени безрезервно да ги прифатат постапките на сопствените институции. Затоа критиката не смее да биде насочена кон бугарските граѓани, туку кон оние што можеби ја злоупотребуваат државната моќ за политички цели.
Но, да се вратиме на суштината.
Ива Михаилова не е само личност околу која се води политичка и медиумска расправа. Таа е обвинета во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици, во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши. И тука не смее да се заборави нешто многу важно: Постои загинат човек, постои семејство што бара правда и постои судска постапка која мора да заврши врз основа на докази, а не според националната припадност на обвинетата.
Нејзиното право да се изјаснува како Бугарка е неспорно. Но, исто толку неспорно е и правото на семејството на загинатиот да добие правична судска постапка. Ниту едно национално самоопределување не може да биде причина некој да биде прогонуван. Но, ниту едно национално самоопределување не може да биде основа за изземање од одговорност пред законот.
И доколку се потврдат тврдењата дека претставници на бугарските служби влијаеле врз изборот на медиум, времето на гостување и прашањата што треба да ѝ бидат поставени, тогаш ќе мора сериозно да се испита дали целта била заштита на една граѓанка или обликување на политички корисен наратив за наводната загрозеност на правата на Бугарите во Македонија.
Токму тука се поставува и прашањето за искреноста на добрососедството. Бугарија и Македонија имаат потпишано Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Но, договорите не се докажуваат само со потписи, протоколарни средби и дипломатски соопштенија. Тие се докажуваат со секојдневно однесување, со меѓусебна почит и со воздржување од политичка инструментализација на чувствителните прашања.
Не може добрососедството да се проповеда во Брисел, а недовербата постојано да се потхранува преку политички и медиумски конфронтации.
Не може и не смее од Македонија постојано да се бара европска одговорност, а сериозните обвинувања против бугарските институции да се третираат како исклучиво внатрешна работа на Бугарија. И затоа сметам дека ова прашање има и поширока европска димензија.
Ако безбедносна служба на земја членка на Европската Унија навистина условувала медицинска помош со контролирано медиумско настапување, зарем тоа не е прашање што заслужува внимание и од европските институции?
Не очекувам Европската комисија да пресудува врз основа на една видеоснимка. Но, очекувам европските институции да покажат интерес за тоа дали постојат основи за сериозна повреда на основните права и дали националните механизми за контрола функционираат.
На крајот, сакам да подвлечам нешто што сметам дека е особено важно.
Македонија не треба да бара непријатели меѓу бугарските граѓани. Напротив, треба да ги препознае и поддржи сите оние во Бугарија што се залагаат за вистината, слободата на говорот и владеењето на правото.
Но, Македонија има целосно право да бара од бугарските власти да престанат да ги претвораат билатералните несогласувања во средство за постојан политички притисок.
Случајот со Ива Михаилова треба да се расчисти до крај. Не со нови политички обвинувања, туку со докази, институционални проверки и одговорност доколку се утврдат злоупотреби.
И ако се покаже дека зад наводната заштита на човековите права стоеле обиди за контролирање на медиумскиот наратив, тогаш Софија ќе мора да одговори на едно многу непријатно прашање: Дали целта била да се заштити една граѓанка или преку нејзиниот случај да се создаде уште еден инструмент за политички притисок врз Македонија?
Одговорот на тоа прашање ќе каже многу повеќе за вистинското добрососедство отколку десетици дипломатски декларации.