ОД 25 СТЕПЕНИ ДО НАГЛО ЗАЛАДУВАЊЕ Студен бран стигнува на Балканот, на планините и снег

Во 7 часот во Струмица биле измерени 19,1 степен, во Скопје-Петровец 18,6, во Виница 18,3, а во Штип 18 степени. Од утре УХМР најавува навлегување на постудена воздушна маса од север, поради што температурите ќе бидат во опаѓање, најизразено во северните делови на земјата.

0

Балканот денеска е под влијание на топло јужно воздушно струење, со температури невообичаено високи за средината на ноември и силен ветер. Но веќе од вечерва и во текот на викендот следува нагла промена, со продор на постуден воздух, дожд и можност за снег на повисоките планини во Србија. Во Македонија температурите од утрешниот ден ќе почнат да опаѓаат, но засега нема најава за снег во пониските места.

Македонија денеска со температури до 25 степени и ветер над 80 км/ч






Денешниот ден во Македонија донесе променливо облачно време со сончеви периоди и повремени локални врнежи од дожд. Највпечатлив е јужниот ветер, кој на одделни места достигнува брзина поголема од 80 километри на час.

Според УХМР, дневните температури се значително над просекот за овој период од годината и се движат до околу 25 степени. Високи беа и утринските вредности. Во 7 часот во Струмица биле измерени 19,1 степен, во Скопје-Петровец 18,6, во Виница 18,3, а во Штип 18 степени.

Ваквата временска слика е резултат на изразеното јужно и југозападно воздушно струење, кое носи топол воздух од југ кон Балканот. Над Македонија денеска влијае и циклонски систем од Атлантикот, кој носи нестабилност, врнежи и засилен ветер.

Промената почнува од утре, сабота, 14 ноември. УХМР најавува навлегување на постудена воздушна маса од север, поради што температурите ќе бидат во опаѓање, најизразено во северните делови на земјата. Во наредните денови ќе има променлива облачност и повремени локални врнежи од дожд, а во одделни котлини и услови за утринска магла.

Во Србија од 25 степени до едноцифрени температури, на планините можен снег

Многу поизразен температурен пресврт се очекува во Србија. Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија за денеска најави температури од 20 до 25 степени во поголемиот дел од земјата, но и силен јужен ветер.

Студениот фронт веќе навлегува од северозапад. Врнежите од дожд, на места проследени со локални грмежи, ќе се шират кон останатите делови на земјата, а со преминувањето на фронтот ветерот ќе го промени правецот и температурите осетно ќе опаднат.

Во сабота, 14 ноември, ќе биде значително постудено. Според РХМЗ, во поголемиот дел од Србија максималните температури ќе се движат од 5 до 9 степени. На југот од земјата ќе има повеќе облачност и врнежи од дожд, а на високите планини се очекува и снег.

Ел Нињо нагло ја менува атмосферата

Покрај непосредната промена на времето, метеоролозите следат и две пошироки атмосферски појави кои би можеле да влијаат врз временските услови во текот на претстојната зима – силниот Ел Нињо и нарушувањето на стратосферскиот поларен вртлог.

Светската метеоролошка организација во својата сезонска прогноза најави натамошно засилување на Ел Нињо во периодот ноември 2026 – јануари 2027 година, со можен врв кон крајот на годината. Најновите анализи на американскиот Национален центар за климатски прогнози, објавени на 12 ноември, исто така укажуваат дека се очекува силен до многу силен Ел Нињо во наредните месеци.

Ел Нињо е климатска појава поврзана со затоплување на површинските води во централниот и источниот тропски дел на Тихиот Океан. Таа влијае врз глобалната циркулација на атмосферата и може да ја промени распределбата на температурите и врнежите во различни делови на светот.

Поларниот вртлог предизвикува постепени промени

Внимание привлекува и состојбата со поларниот вртлог над Арктикот. Станува збор за голема циркулација на силни ветрови во стратосферата, која го задржува студениот воздух во поларните области. Нејзиното слабеење или нарушување може да влијае врз движењето на воздушните маси и да овозможи продори на постуден воздух кон појужните географски широчини.

Британската метеоролошка служба „Мет офис“ предупредува дека последиците од стратосферското нарушување не се непосредни. Нивното пренесување кон пониските слоеви на атмосферата може да трае со недели, а не мора да резултира со силно заладување во секој дел од Европа.

Кога Македонија може да го очекува првиот снег?

За Македонија се прогнозира значително опаѓање на температурите почнувајќи од утре, сабота. Во текот на викендот ќе следува посвежо и понестабилно време, со повремени врнежи од дожд.

Тоа, сепак, не значи дека почнува вистинска зима. Снег во пониските делови на земјата засега не се потврдува во краткорочната прогноза. Постои мала можност за прв снег во текот на ноември. На повисоките, планински места и на превоите снегот моѓе да се очекува уште во текот на следната недела.

Поврзани содржини