Силниот ветер кој од утрово дува на подрачјето на Битола предизвика проблеми на повеќе локации во градот.
– Две девојчиња се повредени од искршено стакло, излог на јавна институција во центарот на градот, а пожар е регистриран во населбата Лавци, каде интервенирала екипа на Територијалната против пожарна единица – изјави за МИА, командирот на ТППЕ Битола, Христијан Тодоровски.
Од силниот ветер срушени се повеќе дрва низ градот и околината, потврдија работници на ЈП „Комуналец“ Битола кои се на терен, а во Нова Битола скршено дрво предизвика материјална штета врз автомобил.
Од Управата за хидрометеоролошки работи потврдија дека најсилните удари на ветерот се регистрирани утрово на мерната станица Тополчани кои достигнале до 86 километри на час, а во 13 часот во Битола евидентирани се удари на ветрот од 54 километри на час.