КОЛИЦИЈАТА ЌЕ ИМА ЛИДЕРСКА СРЕДБА ВО ДЕКЕМВРИ, ВЛАДАТА Е СТАБИЛНА Мицкоски разговарал со Максим Димитриевски за заканите со излегување од влада
Според Мицкоски, правосудниот систем се темели на принципот на „лингва франка“, односно на единствен заеднички јазик на кој се водат судските постапки и се остварува владеењето на правото – македонскиот јазик и кирилското писмо.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека предложеното решение за полагање на правосудниот испит предвидува два дела. Теоретскиот ќе може да се полага на албански, турски или англиски јазик, зависно од јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование во Македонија, додека практичниот дел ќе биде исклучиво на македонски јазик и кирилско писмо.
– Не постои таков правосуден испит којшто во целост се полага на албански јазик. Решението кое е испратено до Венециската комисија предвидува испитот да се полага во два дела. Првиот е теоретски и ја опфаќа материјата од додипломските студии. Законот предвидува секој што го стекнал високото образование во Македонија на јазик различен од македонскиот да може да избере и овој дел од испитот да го полага на истиот јазик. Тоа се три опции: албански, турски и англиски јазик. Вториот дел опфаќа симулација на два судски процеса, кривичен и граѓански, и се полага на македонски јазик и кирилско писмо – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на детска градинка во Гази Баба.
Тој се повика и на одлуката на Венециската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците, оценувајќи дека таа јасно го утврдува принципот на употреба на македонскиот јазик во правосудниот систем.
Според Мицкоски, правосудниот систем се темели на принципот на „лингва франка“, односно на единствен заеднички јазик на кој се водат судските постапки и се остварува владеењето на правото – македонскиот јазик и кирилското писмо.
Премиерот упати критики до ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека во текот на повеќе од 20 години учество во власта, со свои министри и функционери, не успеала да го реши проблемот, а сега ги напаѓа оние што се обидуваат да најдат решение.
Тој ги повика граѓаните да не подлегнуваат на, како што ги нарече, обидите на опозициската ДУИ да ги политизира овие прашања. Според него, партијата имала повеќе од 20 години на располагање, со неколку министри и голем број функционери, да го реши проблемот.
Во врска со изјавата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку биде усвоен законот за правосудниот систем, Мицкоски оцени дека владината коалиција е стабилна.
– За ставот на Димитриевски ќе го прашате него. Владата се избира со мнозинство во Парламентот, а тоа мнозинство изнесува 61 пратеник. Во моментов имаме многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, можеби и најстабилна во овој дел од Европа, па и пошироко. Продолжуваме да испорачуваме за граѓаните она што е важно за нив – рече премиерот.
Тој потврди дека разговарал со Димитриевски и за можноста за лидерска средба, посочувајќи дека коалициска лидерска средба е планирана за декември.
Одговарајќи на прашање дали по изборите во Брвеница ВЛЕН ќе добие помалку функционерски места, Мицкоски рече дека нема намера да отстапува од договореното при формирањето на владината коалиција во јуни 2024 година.
– Ова не е прашање на математика, туку на суштината на договорот постигнат при формирањето на коалицијата во јуни 2024 година. Немам намера да бидам жртва на дневната политика, затоа што зборот е збор. Договорот важи до 2028 година, кога се редовните парламентарни избори. Разговаравме со раководството на ВРЕДИ и одлучивме, откако ги дефиниравме другите позиции за важни државни прашања во периодот што следува, на работно ниво, преку кадровските партиски комисии, да ги искристализираме предлозите – изјави Мицкоски.