ЕРДОГАН ОДОБРИ ОДБРАНБЕН ПАКТ СО 2 ЗЕМЈИ Напад врз една ќе се смета за напад врз сите
Турција ја заврши ратификацијата на договорот со Пакистан и Саудиска Арабија. Сојузниците предвидуваат воена помош, размена на разузнавачки информации и заеднички вежби.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, го одобри одбранбениот договор со Пакистан и Саудиска Арабија. Пактот предвидува надворешен вооружен напад врз една потписничка да се смета за напад врз сите три.
Одлуката е објавена денеска во Службениот весник на Турција, пренесе „Туркије тудеј“. Со неа завршува турската ратификација, откако парламентот го одобри договорот на 5 ноември.
При напад, сојузниците се обврзуваат веднаш да ѝ помогнат на нападнатата земја. Обемот и видот на поддршката ќе ги определат според процената и расположливите средства, вклучувајќи воени.
Договорот опфаќа снабдување со оружје, муниција, гориво и резервни делови. Предвидени се и заедничко одбранбено производство, обуки и размена на раxзузнавачки информации преку заштитени канали.
Трите земји го потпишаа пактот во Мека во август, во услови на војната на САД и Израел против Иран. Денеска и утре нивни претставници се состануваат во Исламабад, каде што ќе разговараат и за нападите на јеменските Хути врз Саудиска Арабија.
Сојузот ја поврзува Турција, која ја има втората најголема војска во НАТО, со нуклеарно вооружениот Пакистан и еден од најголемите светски извозници на нафта.
Секретаријатот ќе биде во Саудиска Арабија, додека првиот генерален секретар ќе дојде од Пакистан. Договорот стапува во сила по депонирањето на последниот инструмент за ратификација. Потписничките ќе можат да се повлечат дури по 10 години од неговото стапување во сила.