ДИГИТАЛНАТА РУБЉА ВО ОПТЕК, КОЈА Е РАЗЛИКАТА ОД КРИПТОВАЛУТИТЕ? Санкциите нема да ја заобиколат
Иако овозможува прекугранични плаќања со канали како СВИФТ, за целосно заобиколување на санкциите на руската рубља ѝ се потребни странски партнери и доверба од Запад.
Русија ја проширува употребата на дигиталната рубља, нова форма на националната валута која лесно може да се помеша со криптовалута. Зад дигиталната рубља стои централната Банка на Русија, додека биткоинот нема централен издавач.
Дигиталната рубља не е нова валута. Една дигитална рубља има иста номинална вредност како една готовинска рубља или рубља на банкарска сметка.
Затоа таа е поблиску до дигитална верзија на државните пари отколку до „руски биткоин“. Нејзината номинална вредност е во врска со Банката на Русиај, додека биткоинот флуктуира на берзата.
Проектот за дигиталната рубља почна со ограничено тестирање на 15 август 2023 година. Во пилот-фазата беа вклучени ограничен број банки и избрани клиенти, пред постепеното проширување.
Може ли да помогне против санкциите?
Москва гледа и геополитичка вредност во новиот систем. Дигиталните валути на централните банки потенцијално овозможуваат прекугранични плаќања надвор од традиционалните канали како СВИФТ.
Но тоа не значи дека дигиталната рубља автоматски ги заобиколува западните санкции.
За поширока меѓународна употреба потребни се странски партнери, компатибилна инфраструктура и доверба во системот.
Стабилност за сметка на приватноста?
Разликата со биткоинот се гледа и во начинот на употреба. Дигиталната рубља првенствено е замислена како средство за плаќање. Криптовалутите можат да служат за плаќање, но често се купуваат и како инвестиција или шпекулативно средство.
Централизацијата отвора и прашање за приватноста. Трансакциите во системот оставаат електронска трага, што создава загриженост околу степенот на државен увид и контрола.
Криптовалутите нудат поголема независност од централните банки. Истовремено, носат ризици од големи промени на цените, измами и од послаба правна заштита.
Дигиталната рубља исто така не треба да се меша ниту со стабилкоините. Нив ги издаваат приватни субјекти и настојуваат да ја врзат нивната вредност за друга валута или средство.