„МОСТОТ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА“ ПРЕСТАНУВА ДА БИДЕ СИМБОЛ НА ЗАСТОЈОТ По години чекање почна пробивањето на трасата
По истекот на рокот за иселување на семејствата опфатени со експропријацијата, започна расчистувањето на трасата потребна за целосно функционализирање на мостот.
Започна ослободувањето на трасата кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што се создаваат услови за продолжување на активностите за негово конечно ставање во функција, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека истекол рокот за иселување на семејствата чии имоти биле опфатени со завршената експропријација, по што може да продолжи расчистувањето и пробивањето на трасата.
– Она што со години стоеше заглавено, денес конечно се придвижува. Започна ослободувањето на трасата за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ – напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Мостот ги поврзува подрачјата на општините Аеродром и Гази Баба и со години беше неискористен поради нерешените прашања поврзани со трасата. Проблемот со експропријацијата беше една од клучните пречки за воспоставување целосна сообраќајна врска.
Ѓорѓиевски потсети дека мостот во јавноста со години беше нарекуван „мостот што води во дневна соба“ и „мостот за ловење риба“, токму поради тоа што не беше поврзан со целосно функционална сообраќајна траса.
Според него, со расчистувањето на теренот треба да заврши периодот во кој готовиот инфраструктурен објект не можеше да ја исполни својата намена.
– Овој мост предолго беше симбол на застојот и неисполнетите ветувања од моите претходници. Скопјани го нарекуваа „мостот што води во дневна соба“ и „мостот за ловење риба“. Зад тие зборови стоеше оправданото разочарување од проект во кој беа вложени пари, а од кој граѓаните со години немаа корист. На тоа му доаѓа крајот – наведува градоначалникот.
Целта, како што посочува Ѓорѓиевски, е мостот да добие целосна сообраќајна функција, односно да ја поврзе патната мрежа од страната на Аеродром и Гази Баба и да придонесе за олеснување на сообраќајот во Скопје.
Градот во мај годинава соопшти дека експропријациите биле најголемата пречка за пуштање на мостот во употреба, а потоа најави подготвителни активности и воспоставување на функционален сообраќаен проток.
– Кога ја презедов одговорноста да го водам Скопје, ветив дека овој проблем ќе го решиме во текот на мојот четиригодишен мандат. Денес, за помалку од една година, со гордост можам да кажам дека правиме решителен чекор кон исполнувањето на тоа ветување. Со посветена и макотрпна работа го решивме клучниот предизвик за ослободување на овој дел од трасата – експропријацијата. Паралелно продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот за целосно завршување на оваа важна сообраќајна врска – наведува Ѓорѓиевски.
Тој изрази благодарност до семејствата чии имоти биле опфатени со процесот на експропријација и кои, како што наведува, придонеле за да се создадат услови за продолжување на проектот.
– Знам дека зад секој дом стојат години живот, спомени и длабока приврзаност. Затоа нивното разбирање, доверба и подготвеност за договор заслужуваат почит. Ви благодарам што подадовте рака и што станавте дел од решението кое носи придобивки за цело Скопје – порача градоначалникот.
Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ беше изграден како дел од проектот за поврзување на двете страни на Вардар, но неговото целосно ставање во функција со години беше попречено од нерешените имотно-правни прашања и трасата на пристапниот булевар.
Со започнатото расчистување на трасата проектот влегува во нова фаза, но целосното воспоставување на сообраќајната врска ќе зависи и од преостанатите активности на терен и завршувањето на целата траса.