СКАНДАЛОЗНА ОБЈАВА НА ВЛАДИН ДИРЕКТОР ЗА РАТКО МЛАДИЌ Китановиќ го велича крвникот од Сребреница како „небесен генерал”

Агенцијата со која раководи Далибор Китановиќ е институција задолжена за унапредување и заштита на правата на заедниците, градење доверба и почитување на различностите. Нејзиниот директор, наместо да ги застапува тие вредности, јавно споделува содржина што романтизира човек одговорен за некои од најтешките злосторства во Европа по Втората светска војна.

0

Актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, објави скандалозна објава со која се велича осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. Објавата се појави на неговиот профил на Инстаграм по смртта на поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој почина во Хаг додека издржуваше доживотна затворска казна.

Китановиќ објавил фотокомпозиција, очигледно изработена со вештачка интелигенција, на која Младиќ е прикажан заедно со повеќе личности од српската историја. Меѓу нив е и четничкиот командант Дража Михајловиќ, а врз композицијата со големи букви е напишано: „Генерали на небеската војска”. Со тоа крвникот од Сребреница е сместен меѓу личности претставени како национални херои и митски заштитници на српскиот народ.






Скандалозната објава добива дополнителна тежина поради функцијата што ја извршува Китановиќ. Агенцијата со која раководи е институција задолжена за унапредување и заштита на правата на заедниците, градење доверба и почитување на различностите. Нејзиниот директор, наместо да ги застапува тие вредности, јавно споделува содржина што романтизира човек одговорен за некои од најтешките злосторства во Европа по Втората светска војна.

Ратко Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Пресудата ја опфати неговата одговорност за геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, кога беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, како и за тероризирањето на цивилното население за време на опсадата на Сараево, земањето припадници на Обединетите нации како заложници и прогоните во повеќе општини во Босна и Херцеговина.

Опозициските СДСМ и ДУИ побараа политичка и институционална одговорност. СДСМ го повика премиерот Христијан Мицкоски да каже дали величањето на човек осуден за геноцид е став на Владата или испад на нејзини функционери, оценувајќи дека во извршната власт очигледно има место за луѓе кои слават воени злосторници. ДУИ побара разрешување на Китановиќ и ја обвини ВЛЕН дека сноси политичка одговорност за однесувањето на партнерите во власта и за молкот пред романтизирањето на злосторствата.

Од владејачката ВЛЕН соопштија дека најостро го осудуваат секое глорифицирање на четниците, особено величањето на Младиќ, и побараа итна одговорност. Без директно да го именуваат Китановиќ, нагласија дека е особено загрижувачки кога вакви содржини објавува раководител на институција задолжена да ги штити правата на Албанците и на другите заедници.

„Оној кој не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант на правата на заедниците“, порачаа од ВЛЕН.

Полемика предизвика и објавата на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, во која осудениот воен злосторник е опишан како војник и генерал кој животот го ставил во служба на својот народ. Во текстот се наведува дека многу Срби ќе го паметат „по униформата и по генералот“, со пораката: „Генерале, почивај во мир. Времето ќе суди. Историјата ќе се сети. И ние ќе се сетиме“.

Поврзани содржини