МАКЕДОНИЈА ЗАШТЕДИ 3,2 МИЛИОНИ ЕВРА СО ПРЕДВРЕМЕН ОТКУП НА ДОЛГ Димитриеска-Кочоска прими меѓународно признание во Истанбул
Издавањето на десеттата еврообврзница беше комбинирано со предвремен откуп на дел од постојната еврообврзница. Во финансиската трансакција учествувале повеќе од 150 меѓународни инвеститори.
Македонија заштедила 3,2 милиони евра од државниот буџет преку издавањето на десеттата еврообврзница и преку предвремениот откуп на дел од постојната еврообврзница. За оваа финансиска трансакција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Истанбул ја прими меѓународната награда за управување со долг „Liability Management Deal of the Year“ за 2026 година.
Операцијата била реализирана во јануари годинава. Во неа учествувале повеќе од 150 инвеститори, меѓу кои пензиски фондови, осигурителни компании и други институционални инвеститори од САД, од Велика Британија, од Германија и од други земји на Европската Унија, соопшти Министерството за финансии.
– Во услови на зголемена глобална макроекономска и геополитичка неизвесност, обезбедивме исклучително поволни каматни стапки, порамномерно распоредување на доспевањата и намалување на ризиците од рефинансирање – истакна Димитриеска-Кочоска.
Наградата беше доделена на регионалниот финансиски собир за Централна и за Источна Европа, за Централна Азија и за Турција.
Наградите „Глобал банкинг енд маркетс“ се доделуваат од 2014 година. При изборот се оценуваат големината на трансакциите, нивната структура, роковите за отплата и условите за финансирање на меѓународните пазари на капитал.