БИТКА НА МИЛИЈАРДЕРКИТЕ НА ТЕНИСКИТЕ ТЕРЕНИ Нема фаќање врски дури ни на Мастерсот на татко ѝ

Американските тенисерки Џесика Пегула и Ема Наваро се соочија во дуел кој светските медиуми веднаш го нарекоа „битка на милијардерките“, со оглед на тоа што се работи за двете најбогати наследнички во светот на спортот.

0

Во четвртфиналето на US Open, стадионот „Артур Еш“ беше сведок на историски тениски меч кој привлече огромно внимание во јавноста. Американските тенисерки Џесика Пегула и Ема Наваро се соочија во дуел кој светските медиуми веднаш го нарекоа „битка на милијардерките“, со оглед на тоа што се работи за двете најбогати наследнички во светот на спортот. По исцрпувачка борба од речиси два и пол часа, третата носителка Џесика Пегула славеше со пресврт со резултат 3-6, 6-4, 6-3.

Овој дуел влезе во историјата како веројатно „најбогатиот“ натпревар во историјата на тенисот. Богатството на семејството на Пегула (нејзиниот татко е магнат во индустријата за нафта и гас и сопственик на НФЛ тимот Бафало Билс) се проценува на над 7 милијарди долари. Од друга страна, Ема Наваро е ќерка на познатиот американски инвеститор и банкар Бен Наваро, чие богатство надминува 3 милијарди долари. Нивното комбинирано семејно богатство од околу 10 милијарди долари ја надминува вкупната заработка на легендите како Ѓоковиќ, Надал и Федерер заедно.






На теренот, сепак, парите не значеа ништо — значеше само чистиот талент и менталната цврстина. Наваро започна агресивно, диктирајќи го темпото од основната линија и успеа двапати да го одземе сервисот на поискусната Пегула за да го добие првиот сет со убедливи 6-3.

Но, 32-годишната Пегула покажа зошто е во самиот врв на светскиот тенис. Иако се мачеше со својот сервис и со сопствените „демони“ на теренот, таа успеа да го најде вистинскиот ритам во клучните моменти од вториот сет, добивајќи го со 6-4. Во одлучувачкиот трет сет, Наваро прва направи брејк и поведе со 2-1, но Пегула тогаш уфрли во поголема брзина, освои четири гема по ред и го запечати мечот во своја корист.

– Беше навистина тешко и физички исцрпувачки. Морав постојано да му кажувам на негативниот глас во мојата глава да замолчи и само да играм тенис – изјави Пегула по победата.

Со овој триумф, таа стигна до својата 50-та победа во сезонава и обезбеди пласман во полуфиналето, каде ја очекува нов голем предизвик и реванш против Арина Сабаленка.

И покрај поразот, Наваро покажа дека нејзиниот успех на овој Грен слем не е случаен и дека американскиот женски тенис има светла иднина со две толку посветени спортистки кои, и покрај милионите во заднината, избираат секојдневно да крварат на теренот за секој поен.

Сопственички интереси и семејна доминација во Синсинати

Она што го прави ова ривалство уште пофасцинантно е фактот што семејствата на двете тенисерки не се само пасивни набљудувачи, туку се директни сопственици на некои од најголемите тениски турнири во САД. Таткото на Ема, милијардерот Бен Наваро, преку својата компанија е ексклузивен сопственик на престижниот турнир Cincinnati Open (Синсинати мастерс), како и на турнирот во Чарлстон. Тој го откупи Синсинати мастерс за 300 милиони долари и инвестираше уште 200 милиони во модернизација на комплексот.

Бен Наваро никогаш не криел дека спортот е клучна алка во воспитувањето на неговите деца. Во една прилика, зборувајќи за кариерата на својата ќерка и неговите инвестиции во тенисот, тој истакна:

– Како родител, најважното нешто е да ги поддржите вашите деца да го најдат она што навистина го сакаат и да им ги обезбедите најдобрите можни услови за развој. Мојата цел со инвестициите во турнирите како Синсинати е да помогнам во растот на тенисот во Америка, но на крајот на денот, кога Ема е на теренот, јас сум само еден горд татко кој навива од трибините. Сè што таа постигна е резултат на нејзината напорна работа, а не на парите.

Ема Наваро, фото: EPA/SARAH YENESEL

Сепак, токму на домашниот терен на семејството Наваро во Синсинати, двете Американки се соочија во третото коло. И покрај тоа што Ема ја имаше поддршката од домашната публика и играше на турнирот во сопственост на нејзиниот татко, искуството на Џесика Пегула повторно се покажа како пресудно. Пегула ја совлада Ема Наваро на нејзин терен во два сета (7-5, 6-2).

Овој пораз во Синсинати само го зголеми мотивот на Наваро за одмазда на US Open, каде иако пружи посилен отпор и зеде сет, Пегула уште еднаш докажа дека во моментов ја има психолошката предност во нивните меѓусебни дуели.

Спортската империја на семејството Пегула и моќта во NFL

Додека семејството Наваро доминира во тениската логистика, таткото на Џесика, Тери Пегула, поседува вистинска спортска империја во САД. Неговото нето-богатство од Forbes се проценува на 11,8 милијарди долари, богатство кое го започнал со скромна позајмица од 7.500 долари за бизнис со природен гас, пред да го продаде својот бизнис за неверојатни 4,7 милијарди долари.

Овие пари Тери Пегула ги насочил кон американскиот професионален спорт. Во 2014 година, тој влегол во историјата на NFL (Националната фудбалска лига) кога за тогаш рекордни 1,4 милијарди долари го купи култниот тим Buffalo Bills. Во трката за сопственоста на клубот, милијардерот Пегула успеал со својата понуда директно да ги победи поранешниот американски претседател Доналд Трамп и славната рок-ѕвезда Џон Бон Џови.

Покрај NFL тимот, Тери е сопственик и на NHL хокеарскиот тим Buffalo Sabres. Иако Џесика има отворен пристап до најголемите спортски ѕвезди во Америка таа секогаш нагласува дека не сака да ја дефинираат парите на нејзините родители.

– Тенисот е моја работа и моја кариера. Тоа е нешто што целосно ме одвојува од моите родители. Тие немаат право да ми се мешаат и да ми кажуваат што можам, а што не можам да правам на теренот – децидна е Џесика.

Колку заработиле самите милијардерки?

Во својата тениска кариера Пегула има заработено над 26,1 милиони долари. Со оваа импресивна бројка, таа се наоѓа на 17-то место на вечната листа на најголеми заработувачи во историјата на женскиот тенис.

Ема Наваро, пак, досега има заработено над 6,6 милиони долари.

Овие суми се однесуваат исклучиво на парични награди од освоени турнири и не ги вклучуваат нивните дополнителни милионски договори со спонзори како Adidas, Yonex или Hyatt Hotels.

 

Поврзани содржини