Мораториумот на непријателствата договорен во Бриони немаше шанса, дојде време да се подготвуваме за референдум

Со оглед на фактот што мораториумот потпишан на Брионската конференција на 7 јули 1991 година истекуваше за три месеци, односно на крајот од месец октомври 1991 година, проценив дека ако сакаме и ние да се осамостоиме по пат на референдум во тој рок, сите подготовки за тоа треба да ги почнеме веднаш.

0

Накратко

• Тупурковски и Глигоров заговара „мудра политика“






• Србите на дојдоа во Бриoни, Словенците и Хрватите не сакаа во Белград

• Жак Делор и Буш Постариот го објавија распаѓањето на федерацијата


На 7 и 8 јули 1991 година се одржа 19. седница на Собранието на РМ со една  точка на дневниот: Актуелната политичко-безбедносна состојба во СФРЈ и во републиката.

Прво, членот на Претседателството на СФРЈ, Васил Тупурковски, информираше за кризата во Словенија и во СФРЈ, за можните последици во Република Македонија и за мерките што треба да ги преземеме на внатрешен и на надворешен план, ако се променат односите на релација Словенија – Федерација и ако се суспендира извршувањето на Декларацијата за сувереност и актите засновани на неа, како и можностите за остварувањето на Платформата предложена од претседателите на Македонија и на БиХ.

Тупурковски против „авантуризам“, Тодор Петров со процена дека распаѓањето на Југославија не може да се запре ни со сила

Тупурковски го најави и повторното доаѓање на европската тројка таа вечер. Тој нагласи дека излезот од кризата го гледаме во договорот со Европската заедница. При тоа, укажа на тоа дека „правото на самоопределување и на неговата реализација, кај нас преку квалитетно унапредување на сувереноста на Македонија е принцип што мора да го разбереме во неговото егзистенцијално значење и да го валоризираме низ мудра политика на создавање на модерна држава што нема да загрозува ничии интереси, а ќе биде атрактивна за соработка и комуникации…“

Заврши со пораката дека „ние сме должни, врз база на сиот ум на оваа Република и на историското искуство, способноста за генерализација на општествените процеси, да ги процениме сите аспекти на остварувањето на сопствените, вековни идеали“ и се спротивстави на секој авантуризам во националната сфера, на секој волунтаризам во осмислувањето на процесите во оваа сфера, на поедноставувањето на националните интереси.

Во расправата за информацијата на Тупурковски, повеќе пратеници се искажаа во врска со овие прашања. Така, пратеникот Тодор Петров го претстави својот пристап за решавањето на нашите проблеми. Посебно истакна:

„Република Македонија направи сè, можеби и најмногу, па дури и да кажеме на штета на својата сувереност, за да се зачува југословенската заедница, но на нови основи. Меѓутоа, процесите на осамостојувањето на републиките во суверени држави и нивно отцепување од југословенската федерација веќе никој не може да ги спречи и стопира, поготово не со сила и насилство, бидејќи тоа последните настани сосема јасно го потврдија“.

На таа седница, скоро и да немаше пратеник кој не се произнесе за оваа актуелна состојба и за мерките кои треба да ги преземе Република Македонија.

Глигоров побара поддршка за Брионската декларација, но и подготовки за друго сценарио

На 8 јули, вториот ден од седницата, Васил Тупурковски информираше за заедничката Брионска декларација и за обврските што произлегуваат од неа. Таа ги предвидуваше генералните принципи за демократски расплет на кризата во Југославија, „и што не се однесува само на конкретнава ситуација во Словенија, и затоа е и наречена заедничка Декларација“.

Повторно, скоро да немаше пратеник кој не се произнесе за тоа прашање. На крајот, претседателот Глигоров во неговото обраќање, меѓу другото. истакна:

„…Нè окупираа неколку навистина сериозни прашања… ноќеска се расправале сите заинтересирани страни за да се престане со воени дејствија и да се најде некој пат за мирен излез од југословенската криза. Сите ќе расправаат за тоа. Тој документ претставува една надеж, една основа да можеме да поминеме на она што ни беше целта од почетокот. Во мирна разврска да побараме решение на сите оние прашања, кои ја карактеризираат југословенската криза, и да видиме дали може Македонија во тој процес од три месеци Мораториум, во тие три месеци да се дојде до решение на таа криза. И спрема тој документ ние мораме да се одредиме. Јас мислам дека е умно да кажеме дека тој документ го поддржуваме, тој е резултат на тие преговори каде и ние активно би учествувале, тој е во интерес на Македонија, и тој ги запира сите понатамошни воени дејствија кои се почитуваат и отвораат простор да се седне на маса и да се разговара за сите отворени прашања каде што има неспоразум…“

„Друга работа – ќе каже Глигоров – е ако тргнеме да е тоа сега реалност, да е тоа прифатено за тие три месеци ние имаме шанса, со Владата конечно да го одредиме статусот на нашата држава и тоа во два правца. Да го видиме нејзиното осамостојување и да видиме во текот на тие преговори дали има шанса да дојде до некој сојуз на суверени држави за кои ние се залагаме, а ако може да се оствари, а ако не може да се оствари, тогаш ќе си бидеме самостојна држава. Тие работи ќе течат паралелно тие три месеци“.

„Трета работа – поентираше Глигоров – која е пак од суштинско значење, навистина, во овој преоден период, воениот фактор, мобилизациите, нашите регрути итн, сè она што е и што го претставува тој комплекс е третиот комплекс кој ние мораме да го третираме, мораме да дадеме одговори, заради нашиот интерес и како народ и како Република, и секој поединец како човек да сториме сè што можеме да сториме за да излеземе од сета таа работа во тој преоден период со помалку штета. Ние сме од една страна среќни што на нашата територија нема такви воени дејствија. Но, ние имаме наши деца кои се наоѓаат таму каде што има воени дејствија. Не може никој тој проблем да го заборави и да го запоставува, и да не води сметка за тоа. Ние создадовме со одлука на овој парламент Совет за народна одбрана. Да го задолжиме тој совет кој инаку е свикан за утре да ги разгледа тие прашања и да даде предлози на Парламентот”.

На крајот, Глигоров заклучи:

„Јас не гледам потреба да се донесуваат повеќе од тие три заклучоци, покрај оние што ги донесовме во онаа претходната седница, а вчера ги усвоивме, и да се свртиме кон тие навистина тешки задачи и што побрзо да ги реализираме. Не треба ништо да се отфрла што е позитивна иницијатива, ако од неа можеме нешто да исползуваме. Прво, ние не можеме тоа денес да го решиме. Денес да го решиме она што произлегува од нашата дводневна расправа. Од неа се побара да се одредиме спрема еден документ кој е усогласен со фактори од меѓународен план и од таму да ги извлечеме нашите обврски.“

Јас во Хрватска се убедив дека веднаш треба да почнеме да подготвуваме референдум за осамостојување

Јас уште тогаш почнав, сè посериозно, да размислувам за осамостојување на Македонија по пат на референдум.

Прво, многу добро бев информиран за подготовките и за активностите за одржувањето на референдумот за осамостојување на Република Хрватска на 19 мај 1991 година, затоа што согласно со договорот од 1980 година меѓу Електротехничките факултети во Скопје и Загреб, кој важеше до месец јуни 1991 година, половината време од секоја учебна година работев и на Електротехничкиот факултет во Загреб.

Така дознав дека за подготовките и спроведувањето на еден таков референдум се потребни најмалку два месеца. Со оглед на фактот што мораториумот потпишан на Брионската конференција на 7 јули 1991 година истекуваше за три месеци, односно на крајот од месец октомври 1991 година, проценив дека ако сакаме и ние да се осамостоиме по пат на референдум во тој рок, сите подготовки за тоа треба да ги почнеме веднаш.

Второ, веднаш по војната во Словенија, која започна на 26 јуни 1991 година, во чија разврска и прекинување веднаш се вклучи Европската заедница – а таа, сè до завршувањето на Брионската конференција на 7 и 8 јули 1991 година, и по прогласувањето на тримесечниот Мораториум од 1 август до 31 октомври 1991 година, цврсто стоеше зад ставот дека резултатите од словенечкиот плебисцит и од хрватскиот референдум мора да се почитуваат и да се реализираат целосно, дури и во идната Југославија, ако таква се договори.

Трето, после блокадите на конференциите за иднината на новата Југославија, од 9 август 1991 година па сè до неуспешниот самит кој принудно се одржа во Охрид на 22 август 1991 година, „српското крило“ одбиваше да дојде на Бриони да се продолжат договорите за таа иднина, додека „словенечко-хрватското“ крило одбиваше да дојде во Белград. Затоа не се направи ниту еден исчекор за реализацијата на двата документа од Бриони, Анексите 1 и 2.

Четврто, веднаш по самото завршување на Брионската конференција на 8 јули 1991 година, неколку исклучително важни функционери од ЕЗ, од нејзините членки, и дури и од САД, изјавија дека независноста на Словенија и Хрватска треба да се признае.

Европската заедница и САД пресекоа – ја поддржаа независноста на Словенија и на Хрватска

Првата таква изјава ја даде претседателот на Европската заедница, Жак Делор, кој за радиото „Eвропа 1“ изјави дека се прави сè да се „избегне граѓанската војна“ и „епидемијата на насилствата“, и дека ЕЗ „не го исклучува признавањето на  независноста на Словенија и Хрватска“.

Втората изјава дојде веќе на 10 јули 1991 година, од страна на американскиот претседател Џорџ Буш Постариот, кој во Германија, за весникот „Франкфуртет Алгемајне Цајтунг“ изјавил дека е спремен да го прифати распадот на Југославија по мирен пат, односно дека „смета дека зачувувањето на единството би им одговарало на сите југословенски републики“, но и дека „нема ништо против нивната независност“.  Весникот тоа го протолкува дека Буш Постариот јасно изразил подготвеност да ги прифати распаѓањето на Југославија и самостојноста на поедини републики, под услов до тоа да се дојде по мирен пат, и на основа на сеопфатни преговори“.

(Во утрешното продолжение: Делот од  прашањето за „право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“ гарантираше успешен референдум за осамостојување на Македонија)

 

Поврзани содржини