ДОДЕКА НЕ СЕ ПРИФАТИ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕМА НИТУ ДОВЕРБА, НИТУ ДИЈАЛОГ Мицкоски сака да е дел од генерацијата што ќе ја внесе Македонија во ЕУ

На патот кон ЕУ има уште еден последен предизвик пред нас, но најпрво треба да се создаде доверба, да не се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница, да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик, да се престане да се бараат корените на македонскиот народ во одлука на комунистичката коминтерна, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.

0

 

Работиме во насока да бидеме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија, но сите се свесни дека постои еден последен предизвик за да се почне со патот, а за да се надмине потребно да се да се создаде доверба, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 35-годишнината од независноста на Македонија на свеченоста пред Владата.






Мицкоски истакна дека довербата ќе се создаде доколку се прифатат фактите.

– Нема друга алтернатива од ЕУ, точно е тоа. Но истовремено секој од вас треба да знае дека има уште еден последен предизвик кој што стои пред нас, не за да го завршиме патот, туку да го почнеме. Не затоа што имаме некоја гаранција дека ќе стигнеме до целта, туку да го почнеме да го чекориме тој пат. И ќе ги слушнете сите оние лицемерни крици од немоќни од нашите политички противници или барем дел од нив, кои што велат во една состојба на самозадоволување, решете го проблемот. А ни најмалку не се свесни дека тие се тие кои што во суштина го креираа проблемот, кој што од предлог, прифаќајќи го на авантуристички начин, создадоа услов за нашиот напредок кон полноправно членство во рамките на ЕУ. Истите тие кои што денеска ги слушаме како на отворена сцена нè повикуваа да го решиме. И да ќе го решиме. Но, треба трпение. Најпрво да се создаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик. Треба да се престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката коминтерна, туку да се прифати факт кој што е векови стар. Тоа се факти од кои што нема бегања, додека не ги прифатиме овие факти, тогаш нема доверба. А кога нема доверба нема ниту дијалог. Затоа најпрво ајде да создадеме доверба, а потоа и да водиме дијалог. Дијалог без доверба не води кон никаде. Туку води кон нови проблеми и нови порази – порача Мицкоски.

 

Фото: Влада на Македонија

 

Тој нагласи дека има и такви прашања за кои нема компромиси, за кои нема договори под маса, додавајќи дека нема играње за она што значи наш идентитет, наше постоење, наш јазик и култура.

– Компромисот за овие прашања значи рушење на македонскиот АСНОМ и на Илинден. А добро знаете, добро знае секој еден од вас дека ова е последната брана, дека нашиот збор е најсилната брана, а со зборот нема играње, тогаш си играте со честа, а која ќе ја изгубите честа, тогаш ништо друго не ви е потребно во животот – истакна Мицкоски.

Премиерот во својот говор нагласи дека 35 години се доволна дистанца да пораснеме и ги разбереме нашите слабости, потенцирајќи дека живееме во општество на длабоки контрасти, кои не живеат толку кај народот колку во политичките елити, но сепак истите кои пак го разединуваат народот.

– Многумина ми рекоа, сепак е оваа свечена пригода, не се занимавај со нив. Точно е тоа, но мора да се демонтира нивниот лажен морал, за да народот знае со какви предзвици се соочуваме – порача Мицкоски.

Премиерот додаде дека разбира оти нивната главна задача е да извалкаат сè што носи напред, да поделат, да внесат сомнеж во сè што се прави, дури и во радоста и прославата за 8 Септември, со безброј прашања, квалификации и одредници од кои човек треба да се разочара.

Тие, додаде Мицкоски, се фабрика за произведување безнадежност, очај и нихилизам, омраза која го труе општеството, пера кои клеветат, навредуваат, како на норма.

– Таквата губитничка политика треба да нè повлече сите надолу. Секој млад човек да почне да се колеба, да нè прикажат дека сме сите исти кога и сме толку многу различни. Жалам што ќе констатирам, но таквите поединци не се достојни за времето во кое живеат и за улогата која се борат. Тие се тегот кој влече надолу, и сето ова е резултат на тоа што тие сакаат власт, поради пари и моќ, не поради идеја и концепт. Тие се против сè што води напред. Против болници, против патишта, против нов клинички центар, против инфраструктурни објекти за општините какви градиме, против брза железница, против покачени плати и пензии, против дата центри, против нови инвестиции. Ако се каже треба нов владин авион, тие веднаш скокаат и велат – се луксузирате. А не бројат колку животи ќе се спасат, бидејќи тој авион е и за таа цел. Тоа е кусогледа политика – нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека кога ќе заврши неговиот мандат ниту дата центрите, ниту болниците, ниту училиштата по општините ниту авионот ќе ги земе со себе, тоа, додаде останува на граѓаните, на државата, за народот.

– И многумина ми велат да не се повлекуваме, но јас сум разумен човек, давам шанса на дијалогот, затоа што верувам дека доброто секогаш го победува лото, и затоа што политиката е вештина на дијалогот, кој е попаметна и поцелисходна од поларизирањето и блокирањето. Ќе продолжиме да градиме мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажеме од тоа да понудиме дијалог, затоа сечија суета, па и мојата не значат ништо кога во прашање е Македонија – истакна Мицкоски.

 

🎥 МАКЕДОНИЈА ИМА НОВА ИСТОРИСКА БОРБА Од мала држава да стане место со големи можности

Поврзани содржини