Долу влада!

Не смее Македонија премногу да ни значи. Не е добро да се радувате, да пеете, да славите и да се чувствувате горди. Треба народот да се осеќа мало, мизерно и понижено. Така се гради добра држава. Умна држава. Зависна држава. Тоа го бара од нас светлата иднина!  Срам да ви е!

0

Што е ова, ќе ми славите некаква независност, државност, македонско творештво, култура, историја, идентитет, јазик, музика, драматургија, поезија… Глупости!

По повод 35 години од 8 септември требаше да се организира само еден настан со пет изведувачи, евентуално еден гутач пламенова како симбол на нашата отвореност на полето на надворешната политика по какодосега клучот – и толку. Можеше и една Цеца да улета како посластица, големо финале.

А не да се впрегне цела машинерија за да се слави цел месец постоењето независна и слободна Македонија. Евентуално, ама е-вен-ту-ално…. можеше и 3-4 помали концерти да се направат во граџански дух, кај авиончето во Аеродром  кое ќе го накитевме со нато знамиња и она на Аризона, македонското, каде прикладно ќе се изведуваа новокомпонирани песни од типот „Нато нато мое злато“, „Никогаш неверна, секогаш северна“ и „Секси Европо, оплоди ме“.

А не да се соблазнува народот преку уживањето во великаните на македонскиот идентитет  кој, како што вели поконзистентниот од браќата Стефановски, мора постојано да се гради и надоградува.

Не ви треба тоа. Нема зошто Македонецот да е горд и вљубен во татковината. Треба да ја гледа само како правен субјект преку кој ќе остварува лични права. Како ДООЕЛ.

Требаше само еден букет цвеќе да се положи некаде и чао. Што има да ја славиме сопствената историја и постоење? Што има потреба 20-годишните деца денес, родени 15 години по независноста, да слушаат за сопствената историја? Нема што ние да им ја раскажуваме, ќе им ја раскажат комшиите! Тоа е европски!

Неевропски е и што го дотеравте оној непознатион Каталонец Хозе Карерас да ја пеее „Едно име имаме“ (со јака гитарска асистенција зад него, реално). Требаше да ПОТЕНЦИРА дека едното име е новото уставно. А не вака, срамотно, да алудира на Македонија.

Името ли ќе ни ги рани децата? Калорично е, бре! Тешко се џвака низ комшилуков европски. На што личеше тоа? Требаше наместо некојси Хозе Карерас да си го викнеме големиот Митко Калајџиев да ги изведе легендарните „Пиленца при батко“ и „Хеј Малката“, а бидејќи гитарата зад Хозе беше добар потег, ете и „На китарата Васко жабата“ можеше како трета нумера да влета. Ем ќе се веселеше народ, ем проевропски ќе се ориентиравме. Без многу патетики, имиња, презимиња…

На што личеше финалето синоќа? Дејвид Давид Гета мета? Мислам, каде бе чуече така? Не се сети ли некој да го вметне среде концертот Фрчко да одржи еден стендап и да ја смири атмосферата со истакнување на недостатоците и неуспесите? Можеше да биде качен и на коњ, дури и со Рејбанки и леегендарната лептир машна, за да делува поавторитетно. Е, тоа веќе ќе беше добар потег. А не едикојси светски диџеј да ви пушта музика, народот да се радува, а тој да биде побогат.

До кога ќе ги збогатуваме светските диџеи? А народот нема пари за две недели на јахта да ги помине и две црти на биро да направи среде бел ден, како вистински прогресивен задоволен граџанин?

И што беше тоа, и тој како навиен сте го научилее „Македонија, Маседоунија“? Ало, на народот не му треба Гета, туку леб и паштета. На тоа да се радува. Не на некакви еуфорични славења на независност.

Арам!

Па и тоа пејачките, ретроградни, се на македонски пееја. Камо Ода на радоста да ја рече некој? Да нè видат по светов дека се радуваме на златна Европа? Наместо тоа, што ни приредивте? Ц-м-нм, ц-м-нм, Драган Мијалковски, Калиопи, Каролина, Бојана, некои си Мизар, некаква Меморија, едикојси Џамбазов, некој Пројковски… Везилка, Децата на Македонија, славење на успеси…

Сè тоа треба да се заборави. И односот кон државата да не биде засилуван со чувства. Не смее Македонија премногу да ни значи. Не е добро да се радувате, да пеете, да славите и да се чувствувате горди. Треба народот да се осеќа мало, мизерно и понижено. Така се гради добра држава. Умна држава. Зависна држава. Тоа го бара од нас светлата иднина!

Срам да ви е!

***
Искрени честитки до сите што направија Македонија еден месец да си се радува самата на себе. Имаме што да славиме. И треба да славиме. Да живее Македонија!

(Фејсбук пост на авторот)

Поврзани содржини