ОД АВТОР НА ЛЕТОЦИ ЗА ДУИ, ДИРЕКТОР НА „ЛОТАРИЈА“, ДО ПРВООБВИНЕТ ВО „ШУТКА“ Кој е Перпарим Бајрами, бараниот со потерница, кој денеска сам се пријави на Блаце

Бајрами на чело на „Државна лотарија“ дојде на само 29 години. На функцијата генерален директор е од јануари 2022 до август 2024 година, а претходно, уште во 2020 година, беше именуван и за член и заменик-претседател на Управниот одбор, односно заменик на генералниот директор.

25

Перпарим Бајрами, поранешниот директор на „Државна лотарија“, кој речиси две години беше недостапен за македонските органи на прогонот, денеска сам се пријави на граничниот премин Долно Блаце. Во 5:35 часот тој се пријавил за влез во Македонија, по што бил лишен од слобода и спроведен во затворот „Шутка“. По него беше распишана меѓународна потерница уште во декември 2024 година.

Со враќањето на Бајрами во земјава се затвора една од најинтересните епизоди од случајот „Државна лотарија“ – предмет во кој некогашниот директор на државната компанија е првообвинет, а поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е второобвинет. Обвинителството ги товари осумтемина обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со постапки за воведување електронски игри на среќа и набавка на видеолотариски терминали.






Од директорска фотелја до потерница

Бајрами на чело на „Државна лотарија“ дојде на само 29 години. На функцијата генерален директор е од јануари 2022 до август 2024 година, а претходно, уште во 2020 година, беше именуван и за член и заменик-претседател на Управниот одбор, односно заменик на генералниот директор.

Неговото име во јавноста, сепак, почна посериозно да се поврзува со „Лотарија“ во 2023 година, кога опозициски и истражувачки медиуми отворија прашања за начинот на кој државната компанија склучува договори за закуп и за луѓето околу нејзиното раководство.

Особено внимание привлече неговата поврзаност со тогашниот прв вицепремиер Артан Груби. Бајрами во својата биографија навел дека бил политички советник во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во периодот кога со министерството раководеше Груби. Груби, пак, негираше дека Бајрами бил дел од неговиот кабинет.

Но, политичките врски не завршуваат тука. Бајрами уште во 2018 година, на 24-годишна возраст, станал политички советник во Собранието, каде што работела и неговата сестра Вјолца Бајрами – како шефица на кабинетот на тогашниот собраниски спикер Талат Џафери.

Тоа е детал кој ја покажува широчината на неговата политичко-партиска мрежа во периодот кога ДУИ беше еден од столбовите на власта. Самиот факт дека неговата сестра работела во кабинетот на Џафери не е доказ за каква било незаконитост, но е важен дел од биографијата на човек кој во своите триесетти години стигна до директорската позиција во една од најзначајните државни компании.

„Лотарија“ станува кривичен предмет

Клучниот пресврт дојде во декември 2024 година. Обвинителството отвори истрага за сомнежи дека Бајрами, заедно со Груби, како одговорни лица во „Државна лотарија“, презеле дејствија со кои на компанијата ѝ била нанесена повеќемилионска штета. Во тогашната истрага се говореше за околу 8,2 милиони евра, поврзани со набавка на видеолотариски терминали.

Според тогашните наводи на Обвинителството, Бајрами и Груби биле осомничени како соизвршители за кривично дело проневера во службата, додека против други лица се водеше постапка за злоупотреба на службената положба.

На 16 декември 2024 година полицијата и обвинителството ја објавија акцијата, а Бајрами и Груби веќе не беа достапни на органите на прогонот. Само два дена подоцна МВР објави дека по двајцата е распишана меѓународна потерница.

Бајрами замина од земјава во тој период, а неговиот адвокат подоцна тврдеше дека тој не се криел, туку подолг период живеел во Косово. Сепак, во официјалните полициски документи тој беше третиран како недостапен за органите на прогонот и по него беше распишана меѓународна потерница.

Во фокусот на истргата – набавка на видеотерминали

Во август годинава случајот доби нова правна форма. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против осум лица – Бајрами, Груби, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димевски и петмина поранешни членови на Надзорниот одбор на „Државна лотарија“. Сите се обвинети како соизвршители за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година обвинетите ги пречекориле своите службени овластувања со намера да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“. Во првата верзија на обвинението штетата беше проценета на 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра. По вештачењето, на судењето беше презентиран износ од 596.125.511 денари, или околу 9,7 милиони евра.

Заобиколена законската процедура

Суштината на обвинителната конструкција е набавката на видеолотариски терминали.

Според обвинението, Методија Димовски, како генерален секретар на Владата, предложил информација со која се отвора пат за самостојно приредување електронски игри на среќа и набавка на видеолотариски терминали. Обвинителството тврди дека со тоа била заобиколена законската процедура.

Груби, пак, според обвинителството, како одговорно лице и претседавач со владината седница во својство на Собрание на „Државна лотарија“, предложил точката да биде усвоена иако одлуката, според обвинителната теза, не била во надлежност на Владата. Потоа Надзорниот одбор на „Лотарија“ ја одобрил постапката за јавна набавка, по што биле преземени обврски за исплата и на компанијата ѝ била нанесена штета.

Обвинителството најави 231 материјален доказ, повеќе вештачења и седум сведоци.

Првото судење – празното место на Бајрами

Судењето започна во август. Бајрами, како првообвинет, тогаш го немаше во судницата – му се судеше во отсуство.

На првото рочиште судот не стигна до суштинско изведување на доказите, бидејќи одбраната побара време за увид во обемниот доказен материјал. Подоцна сите присутни обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, со исклучок на Башким Авдиу, кој побара обвинението да му биде доставено на албански јазик. Бајрами, бидејќи беше недостапен, не се изјасни за вина.

Фото: Принтскрин

На последните рочишта Обвинителството ја презентираше својата обвинителна конструкција, додека одбраната најави свои докази и сведоци. Артан Груби на 7 септември изјави дека не се чувствува виновен.

Сега, со враќањето на Бајрами, судскиот процес добива нова димензија: првообвинетиот повеќе не е недостапен, туку е во домашен притворски режим во „Шутка“, од каде ќе треба да ја следи постапката.

Кој е Перпарим Бајрами?

Перпарим Бајрами е роден на 10 февруари 1993 година во Куманово. Денес има 33 години. Потекнува од североисточниот дел на земјата, а во полициските податоци како место на живеење е наведено селото Ваксинце во општина Липково.

Студирал деловна информатика, а работното искуство го почнал во маркетингот – изработувал летоци и брошури и работел на следење на јавното и медиумското мислење. Првата постојана работа ја добил во 2018 година, кога на 24 години станал политички советник во Собранието.

Потоа продолжил во државната администрација, меѓу другото и во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во периодот кога министер беше Артан Груби. Во 2020 година влегол во раководните структури на „Државна лотарија“, прво како член и заменик-претседател на Управниот одбор, односно заменик на генералниот директор. Во јануари 2022 година станал генерален директор. На таа позиција останал до август 2024 година.

Фото: Мрежа „Икс“


Така, за само неколку години, Бајрами минува пат од млад партиски и политички кадар, преку советнички и административни позиции, до директор на државна компанија – и на 31 година од директорска фотелја доаѓа до позицијата првообвинет во еден од најголемите корупциски предмети поврзани со поранешната власт.

Денес, по речиси две години, неговиот пат се враќа на истото место од каде што приказната за бегството доби свој правен епилог – Блаце. Само што овојпат Бајрами не ја напушти земјата, туку сам се пријави за влез. Од граничниот премин директно беше спроведен во „Шутка“, каде ќе ја чека понатамошната судска постапка.

Поврзани содржини