СЕ РАЗБУРИЧКА „ТАЛОГОТ“, СЕ ЗАМАТИ ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА Постпразнична полемика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
Иако неспомнат во зборот „талог“ што премиерот Христијан Мицкоски често го употребува, опозицискиот СДСМ се препозна и возврати жестоко.
Се разбранува „талогот“ и ден по прославата на 35-годишнината од независноста се замати македонската политичка сцена. СДСМ жестоко реагираше на говорот на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со зборот „талог“ ги навредува граѓаните и политичките противници. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Мицкоски воопшто не ги спомнал ниту СДСМ ниту неговиот лидер Венко Филипче и дека опозиционерите сами се препознале во квалификацијата.
Полемиката ја предизвика делот од празничниот говор на Мицкоски во кој премиерот зборуваше за системот на вредности во државата.
„Ако го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита. А држава во која талогот станува елита е држава од која вистинската елита си заминува“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека тоа мора да се промени „не од одмазда“ и не поради политичка пресметка, туку за воспоставување правда и функционална држава.
СДСМ, сепак, во овие зборови препозна напад врз опозицијата и граѓаните што ја критикуваат власта. Членот на Извршниот одбор на партијата Андреј Жерновски денеска оцени дека празникот бил искористен за поделби и дека, по сличната полемика на Илинден, повторно била активирана „кампањата Талог” на премиерот Мицкоски“. Според Жерновски, наместо повик за заедништво и прослава на државноста, јавноста повторно добила политичка конфронтација.
Жерновски тврдеше дека зад острата реторика стои недостигот од резултати на Владата. Според СДСМ, Мицкоски „нема никаков резултат“ и затоа му останала кампањата на поделби и навреди. Опозицијата уште вчера го обвини премиерот за лицемерие бидејќи во истиот говор повикувал на единство, а потоа зборувал за „талог“, оценувајќи дека таквата реторика претставува закана за политичките критичари.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска возвратија со аргументот дека СДСМ реагира на квалификација што формално не му била упатена.
„Мицкоски во својот говор никаде не ги спомна ниту СДСМ ниту Венко Филипче како талог во општеството“, соопшти владејачката партија. Оттаму заклучија дека опозиционерите „очигледно сами си се препознаа“, а нивната реакција ја нарекоа показател за „фројдовската“ состојба во СДСМ.
Владејачката партија отиде и чекор понатаму, обвинувајќи го СДСМ дека е „фабрика за нихилизам и поделби“ и дека дури и одбележувањето на Денот на независноста го користи за политички судир. Според ВМРО-ДПМНЕ, фрустрациите во опозициската партија биле на „највисоко ниво“, па оттаму не биле изненадени што нејзините претставници се пронашле во терминот што го употреби премиерот.
Зборот „талог“ така стана главната тема на поспразничното политичко препукување, иако во спорната реченица Мицкоски не именуваше партија или политичар. Премиерот во истиот говор рече и дека Македонија е „премала за да се делиме“ и најави дека ќе нуди дијалог за важните државни прашања, но истовремено жестоко ги нападна оние за кои рече дека се против инвестиции, патишта, болници, дата-центри и други проекти на власта.