🎥 ГРОМ ЗАПАЛИ КУЌА ВО ОСИЕК Чудовишно невреме растури во Италија, Словенија и во Хрватска

Геолошкиот завод на Словенија предупреди дека поради очекуваните обилни дождови денеска и утре е зголемен ризикот од лизгање на земјиштето, особено на југозападниот и западниот дел од земјата.

3

Силно невреме со ветер со брзина од 100 километри на час ги погоди Италија, Словенија и Хрватска, каде што предизвика сериозни штети и опасности.

По бурата во Словенија илјади корисници привремено останаа без електрична енергија.






Во Љубљана, ветерот го однесе покривот на една станбена зграда, а големо дрво падна врз друга зграда, соопшти Словенечката управа за заштита и спасување. Регистрирани се неколку случаи на паѓање дрвја врз автомобили и патишта, а едно дрво падна врз  бензинска пумпа.

На драматично видео се гледа како дрво паѓа на пешачка зона додека поминуваат луѓе.

Геолошкиот завод на Словенија предупреди дека поради очекуваните обилни дождови денеска и утре е зголемен ризикот од лизгање на земјиштето, особено на југозападниот и западниот дел од земјата. Во зависност од количината на врнежите, ризикот може да се зголеми и во другите делови на Словенија.

Жителите добија совети да обрнат внимание на промените на земјиштето, зградите и на наклоните, особено на појавата на нови пукнатини, слегнување и лизгање на земјиштето, како и на задржувањето на површинските води.

Метеоролошките модели покажуваат дека југозападниот дел од Словенија би можел да биде погоден од нов систем на бури во текот на вечерта, кој би можел да биде уште посилен.

Голема количина влага во атмосферата, многу топлото Јадранско Море и нестабилните временски услови го фаворизираат развојот на нови силни бури. Се очекуваат интензивни врнежи од дожд, кои, со силен јужен ветер, ќе се прошират од брегот кон внатрешноста. Во областа од словенечка Истра до централна Словенија, околу 100 милиметри дожд би можеле да наврнат за релативно кратко време, а локално значително повеќе.

Бран бури зафати и голем дел од северна Италија, носејќи нагло опаѓање на температурата, со што дојде и крајот на летото обележан со рекордна топлина.

Во Милано, градските власти наредија затворање на парковите како мерка на претпазливост поради опасноста од паѓање дрвја и гранки поради силни ветрови и обилни дождови.

Бурата предизвика сериозни проблеми во железничкиот сообраќај. Сообраќајот на линијата Бренер помеѓу Коле Изарко и Флерес беше прекинат, додека бројни возови на линиите Кремона-Тревиљо и Кремона-Бреша беа откажани поради гранки што паднаа на пругата.

Во Хрватска силна бура проследена со дожд ја погоди Славонија, со најголеми последици во поширокото подрачје на Осиек, кој околу 18 беше погоден од ветер кој достигнал брзина до 90 километри на час.

За кратко време беа регистрирани бројни штети – ветерот собори дрвја на патиштата и на далноводите и однесе лимени покриви.

На социјалните мрежи беше споделено и видео од куќа која била запалена по удар од гром.

Поврзани содржини