ЧОВЕКОТ ШТО НЕ САКАШЕ ДА ЧЕКА ТАКСИ НА ДОЖДОТ СТАНА МИЛИЈАРДЕР Сега и Пекинг се плаши од него (ВИДЕО)

Иако компанијата „Диди“ на Ченг Веи тврди дека обезбедува само платформа за поврзување на патниците со автомобили во сопственост на агенции за изнајмување или трети страни, таа стана трн во окото на многумина. Ниту една кинеска компанија не може отворено да ја оспори Кинеската комунистичка партија и да очекува попустливост. „Диди“ стана преголем и премногу моќен дури и за Кина.

3,150

Кинескиот бизнисмен Ченг Веи создаде врвна апликација за услуги за јавен превоз, со која дури и „Убер“ (Uber) не можеше да се справи во Кина – се вика „Диди“.

Сепак, ризичната игра на „Диди“ за проширување и за доминација, која кулминираше со катастрофалната почетна понуда на акции летово, доведе до конфликт со Пекинг.






Сега извршниот директор на компанијата се соочува со тешка ситуација – смирување на регулаторните тела во земјата и инвеститорите во странство, додека во исто време се брани од жестока конкуренција, пишува Си -Ен -Ен.

38-годишниот Ченг е најмладиот претприемач на чело на една од најголемите кинески технолошки компании. За девет години од основањето на „Диди“, тој „нокаутира“ толпа моќни противници и собра скоро 160 милиони месечни активни корисници само во првиот квартал од оваа година, само во Кина, речиси двојно повеќе од корисниците на „Убер“ ширум светот.

Сепак, неговата компанија денес е во несигурна ситуација. Нејзините акции паднаа за повеќе од 40 проценти, откако регулаторите почнаа да ја испрашуваат компанијата. Претходно во текот на летото, кинеските регулатори ја забранија апликацијата „Диди“ за продажба, како дел од истрагата за практиките за собирање податоци за приватноста, заканувајќи ѝ се на нејзиниот иден раст. Притисокот може да го уништи чекорот на „Диди“ на кинескиот пазар, доколку компанијата не е во состојба да ја задоволи владејачката Кинеска комунистичка партија.

Како настана „Диди“

Пред да го основа Диди во 2012 година, Ченг беше менаџер за продажба во „Алибаба“. Првично заработуваше околу 200 долари месечно, за брзо да порасне и да стане најмладиот регионален менаџер на компанијата во последните седум години. Ченг вели дека „Диди“ го создал затоа што бил уморен од тоа да не може да земе такси за време на службено патување. Според профилот објавен во јуни во „Бизнис тајмс“, тоа незадоволство го натерало да размисли како да го реши проблемот.

„Размислував да креирам апликација за услугата за превоз, со цел што помалку губитници на дожд чекаат превоз“, вели Ченг, потсетувајќи на депресивното искуство во Пекинг, кога не можел да повика такси со часови среде невреме.

Ченг го основал Диди со само 15.000 долари од сопствени пари и уште 110.000 долари од Ванг Ганг, инвеститор кој го надгледувал Ченг додека работел во Алибаба. Првичната инвестиција на Ванг вредеше 1 милијарда долари кога „Диди“ излезе на берзата. Како и во случајот со неговите технолошки претходници, „Баиду“, „Алибаба“ и „Тенсент“, подемот на „Диди“ беше брз.

За разлика од традиционалните такси возила, компаниите како „Диди“ не бараат скапи и тешко достапни дозволи за автомобили или возачи. Пред индустријата да биде регулирана пред пет години, многу градови ги обвинија апликациите за транспортни услуги за водење илегални такси бизниси. „Диди“ тврди дека обезбедува само платформа за поврзување на патниците со автомобили во сопственост на агенции за изнајмување или трети страни.

„Диди“ научи да управува со оваа сива зона. Компанијата дури им ги надоместуваше на возачите и казните што им ги изрекуваа властите за кршење на локалните закони, со цел да ги задржат на патиштата и со тоа да ги задржат корисниците. Централната влада на Кина во тоа време поттикна брза иновација, а транспортните услуги во Кина никогаш не беа експлицитно забранети. И на 28 јули 2016 година, транспортната услуга конечно беше легализирана во Кина. Неколку дена подоцна, „Диди“ го купи Uber China.

Проблеми со Пекинг

По 2016 година, „Диди“ продолжи да ја зајакнува својата доминација на кинескиот превоз и до 2018 година, тој контролираше 90 проценти од кинескиот пазар. Во истата година, компанијата се прошири во Австралија, Бразил и во Мексико и се фокусираше на клиенти надвор од својата матична земја.

Сепак, брзиот пораст вклучува контроверзии. Во 2018 година, возачите на „Хич“ убија двајца патници, што ја принуди „Диди“ да ја прекине работата на заедничката транспортна гранка. Убиствата доведоа до притисок од владата, која побара „Диди“ да ги сподели со властите информациите во реално време за неговите возила и возачи. Компанијата се спротивставуваше на ова долго време, за да попушти на крајот на 2018 година.

Тој притисок навестуваше проблеми за „Диди“ и оваа година. Пекинг остро се сврте против интернет-компаниите, страхувајќи дека станале премногу големи и моќни, што резултираше со масовни акции против технологијата, образованието, забавата и против другите индустрии. Комунистичката партија агресивно се обидува да ги спречи приватните компании и да испрати јасен сигнал дека кинеските организации мора да соработуваат со кинеската влада. Компаниите што пораснаа премногу брзо ќе бидат под контрола, за да се осигураат дека се усогласени со владините приоритети.

„Диди“ наиде на проблеми кога започна со првичната јавна понуда на акции во вредност од 4,4 милијарди долари во Њујорк, очигледно и наспроти индициите дека Пекинг не е задоволен од тоа. Регулаторите изразија загриженост за безбедноста на податоците и предложија  „Диди“ да ја одложи аквизицијата. Сепак, Ченг продолжи, но како и другите директори, „Диди“ се држеше подалеку од јавноста за време на првичната понуда на акции, што се одржа во пресрет на 100 -годишнината од Кинеската комунистичка партија.

Сакаат да го ограничат растот на „Диди“ во Кина

Само неколку дена подоцна, кинеската администрација го забрани „Диди“ во продавниците за апликации, спречувајќи ја компанијата да стекне нови корисници. Супервизор на интернет ја обвини компанијата за незаконско собирање и за лошо управување со податоците на корисниците на многу локации и правци што содржат чувствителни податоци за кинескиот сообраќај, за патиштара и за граѓаните.

– Од перспектива на владата, „Диди“ стана преголем за контрола. Владата очигледно сака да го ограничи растот на „Диди“ во Кина. Владата, исто така, сака со примерот на „Диди“ да покаже кој го води шоуто – вели Ту Ле, основач и извршен директор на консалтинг фирма со седиште во Пекинг.

„Диди“ исто така се соочува со гневот и сомнежот на инвеститорите во странство. Американските законодавци и инвеститори ја повикаа Комисијата за хартии од вредност на САД да го испита фијаското кога „Диди“излезе во јавноста. Аналитичарите на групата Евроазија рекоа дека ваквите барања барем ќе го зголемат политичкиот притисок врз регулаторите да го спроведат законот што ги спречува компаниите кои одбиваат да ги отворат своите книги за американските сметководители да тргуваат на американските берзи. За многу аналитичари, одлуката на Ченг да продолжи да излегува во јавност изгледаше збунувачки или невнимателна.

– Ниту една кинеска компанија не може отворено да ја оспори Кинеската комунистичка партија и да очекува попустливост. „Диди“ стана преголем и премногу моќен за да ја премине границата со кинеското раководство – вели Алекс Капри, истражувач во фондацијата Хинрих.

„Диди“ продолжува да работи во Кина, бидејќи корисниците кои ја презедоа апликацијата пред забраната во јули имаат пристап, а компанијата инсистира на одржување на нормален глобален бизнис. Сепак, стотици апликации се тркаат за да ги искористат проблемите на „Диди“ и да го освојат лидерството на пазарот, со агресивно проширување, со рекламирање и со обезбедување големи попусти.

Поврзани содржини