Едно бизарно парче хартија упорно ја валка Македонија

Потписите на двајца шутраци кои замислувале дека се претседатели на држави? Па нивните потписи се државно валидни само за на некаква мрсна сметка во провинциска биртија. Зарем не треба тој „документ“ да помине некаква демократска процедура, да го „заверат“ соодветни институции за да биде тоа што се претставува односно го претставуваат – документ?

0

Сигурен сум дека одамна на светот му е јасно зошто Македонија со векови неуспешно се борела за самостојност, независност, државност…, а тој вековен стремеж – освен краткотрајни слободарски проблесоци – го реализирала дури во втората половина на минатиот век. Зашто, кога и денес, дури и во таква изборена самостојна, независна, суверена држава гледате ваква скандалозно налудничава хајка до димензии на „војна“ за валидизирање на едно бизарно, неважно, самоволно, недостојно… парче хартија со уште побизарен наслов, се склопуваат сите сликички во мозаикот.

Тогаш на светот му станува појасна и македонската историја на предавства, интриги, кодошење, подметнување, политички убиства…, менување националност, вера, имиња и презимиња…! Сето тоа денес содржано во едно бизарно парче хартија, некаков неформален записник, нечии проѕирни сомнабулни муабети, безвредни хигиенски листови во форма на политикантски памфлет коишто некој сака да ги издигне на рамниште на – документ! Во нормална држава таквите хартии се фрлаат, служат за потпала, за завиткување бурек…, евентуално за правење авиончиња да си играат децата.






Но не, ние би ја врамиле таа хартија и би ја поставиле во музеј, онаму на местото на Декларацијата за независност! А копие би заковале на вратата на Собранието, како „Тезите“ на Лутер!

Ние дури отвораме расправи за тоа безвредно парче хигиенска хартија, државата дискутира за нечии налудничави идеи и „влажни сништа“, па уште едикојси наложува „да се отвори широка и детална расправа за содржината“ зашто „сериозните државни прашања заслужуваат сериозна анализа“! Што е „сериозно државно прашање“: Протоколот бр. 2? Сериозно – за кого? За улични лиферанти? И која држава, на Бујар Османи, Зоран Заев и Радмила Шеќеринска? Згора и нѐ подучуваат дека „Во правото, дипломатијата и меѓународните односи зборовите не се украс. Тие се суштина.“. Па вие нормални ли сте? Суштина – на што? На кое право, која дипломатија, какви меѓународни односи за еден уличен отпадок, безимен памфлет, тоалетна хартија…? Каде во тоа парче хартија што глуми документ гледате право, дипломатија и меѓународни односи? Зарем мислите дека постои друга толку луда држава што би го прифатила тоа хартивче сериозно?

И кој, каде, кога и како го прогласил за документ? Потписите на двајца шутраци кои замислувале дека се претседатели на држави? Па нивните потписи се државно валидни само за на некаква мрсна сметка во провинциска биртија. Зарем не треба тој „документ“ да помине некаква демократска процедура, да го „заверат“ соодветни институции за да биде тоа што се претставува односно го претставуваат – документ?

И тогаш, кога ништо од тоа го нема во тој „документ“, чија воља – политичка, национална, државна – застапува истиот? На двајцата потписници-шутраци, на една групација перфидни отпадници, на една ултранационалистичка соседска политика…, чија?

И како воопшто е можно една колку-толку современа држава со некакво, какво-такво, ниво на демократија, да се самовпрегне во нечии историски експанзионистички налудничави визии, па дури да бара да се отвора некаква расправа за тоалетни памфлети? Или некој со умисла ја впрегнува целата држава во такви соседски игри? Ама тогаш, таа држава малоумна ли е? Веројатно е штом и јавниот сервис остава простор за такви „политики“!

Или всушност некој ја впрегнува државата да губи време на бесполезни расправи за некаква „топла вода“ за миење раце на неколкумина идиоти кои не знаеле што прават? Или – знаеле? Е па тогаш, зошто не се појавува сериозната држава со соодветни мерки? Или: нема три чисти, поедноставно е да се расправа со коекакви параспури?

И оваа „историја“ со тој и таков нехигиенски „документ“ трае буквално предолго, некој нелегално ја вгнездил дури и во таканаречената „француска рамка“ којашто сега ни ја тријат на нос коекакви шупелки со три грама историско, политичко, па и граматичко знаење. А државата, онаа сериозно сериозна држава – молчи!

Што чека? Зошто не потпали скара со тоа хартивче, зошто не го фрли во тоалет и пушти вода, зошто придава значење на коекакви шарлатани кои си играат новинари, ама на гости им одат дури и највисоки државни функционери? Зарем сериозно го „промислуваат“ тој „документ“ и таквите персони? И зарем во сериозна држава луѓето кои илегално подготвиле и потпишале таков „документ“ не ќе беа на соодветно за нив место? И зошто тоа не беше направено уште во онаа 2024 година? Од што, или од кого, се плаши оваа проклета држава?

На почетокот веќе спомнав едно такво „хартивче“ коешто радикално ја смени историјата на католицизмот. Не случајно, се разбира. Има и многу други такви „неформални“ документи што расправаат за сериозни нешта. Но пишувани се, и потпишани, од учени луѓе.

Кај нас „учените“ шушумиги држат лекции дека „официјалната владина пропаганда (…) вели дека Вториот протокол е штетен и го менува основниот договор“, но и дека „имаме официјална политика која го опструира нашиот европски пат и се самоблокира“. Што ќе рече, на пример, дека „нашиот европски пат“ не го блокира источниот сосед со неговото вето туку ние се „самоблокираме“! Па можно ли е вакви шутраци да толкуваат меѓудржавни договори? Или кога оној „новинарон“ нѐ подучува дека „Во правото, дипломатијата и меѓународните односи зборовите не се украс (…) Тие се суштина“, успеал ли да ја прочита „суштината“ во чл. 2 од договорот за пријателство каде се вели дека „Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО“! Ја разбира ли тој дикцијата односно разликата помеѓу „сподели“ и „поддржи“? Па нели има речник, нека погледне!

Згора и да прифаќаат дека еден човек, па нека е и министер за надворешни работи, па дури нека се вика и Бујар Османи, може сам, со негов потпис и без никаква институционална поткрепа, да прифати регулација на теми од „заедничка историја“, на контрола на учебници, да „достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Северна Македонија на тема Самоилова држава“, „да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите“ (sic!) итн., итн.? И сето тоа, во наше име, го гарантира Бујар Османи, лично и персонално?! И цела држава премолчено се согласува со тоа?!

И зарем ние, и денес, во третата деценија на дваесет и првиот век, како и низ вековите, ќе клекнеме пред некакви и нечии ултранационалистички сништа и предавнички агенди? И не само што клекнуваме туку и со го откриваме вратот сабјата подобро да нѐ погоди? Но тогаш следи и прашањето: има ли некој нормален меѓу нас? И му значи ли нешто некому оваа држава?

Поврзани содржини