ВИКАЛА ПОЛИЦИЈА, НЕ ДОШЛА, СОПРУГОТ ПОСЛЕ ЕДЕН ЧАС ЈА УБИЛ ПРЕД ДЕЦАТА Мајка на 6 деца убиена во Хрватска, на детски роденден во семејниот дом
Осомничениот за убиството што се случи во вторникот вечерта денеска е однесен во затвор во Бјеловар, откако заврши неговиот распит пред обвинител во Бјеловар.
Маж во Слатина, Хрватска ја убил сопругата, со која бил во бракоразводна постапка, на роденденот на едно од нивните 6 деца.
Еден час пред да биде убиена, како што тврдат познаниците, таа побарала помош од полицијата, но не ја добила.
Осомничениот за убиството што се случи во вторникот вечерта денеска е однесен во затвор во Бјеловар, откако заврши неговиот распит пред обвинител во Бјеловар.
Тој ја убил жената со остар предмет. Полицијата го пронашла на местото на настанот и веднаш го уапсила, а истрагата траела до раните утрински часови.
40-годишниот осомничен ѝе познат на полицијата, пишуваат хрватскте медиуми, против него оваа година имало кривична пријава, а Хрватскиот институт за социјална работа потврди дека семејството е на нивен третман и дека против него веќе се преземени мерки за правна заштита на семејството.
Убиената жена остави 6 деца, од кои 4 малолетни.
Познаниците на жртвата и членови на семејството тврдат дека пред трагедијата, таа постојано предупредувала на опасноста и барала помош од институциите. Според нив, жената со месеци велела дека се плаши за себе и за децата и предупредувала дека може да се случи нешто сериозно.
Еден од нејзините познаници тврди и дека претходно имало насилство во семејството.
– Ја претепал во јули, таа завршила во болница, по што започнала постапка за развод – рекол тој за медиумите.
Според него, жената побарала помош непосредно пред убиството.
– Еден час пред убиството, таа се јавила во полиција. Рекла дека се плаши, дека останале сами со него и дека треба да дојдат да го земат бидејќи бил пијан и насилен. Не излегле на терен – тврди познаникот на убиената жена.
Тој вели дека соседите подоцна повикале помош откако ги слушнале децата како врескаат, но дека веќе било предоцна.
Нејзините роднини упатија критики кон постапките на институциите за социјална помош.
– Истиот систем што месеци пред тоа ја обвинуваше за драматизирање и за претерување, велејќи дека децата мора да имаат контакт со својот татко и дека таа мора да комуницира со него, после сè, ги одзеде истите тие деца од нејзиното мртво тело и ги смести во згрижувачко семејство – тврдат тие.
Поради низа прашања што се отворија во јавноста за тоа како полицајците реагирале на повикот за помош, главниот директор на полицијата Никола Милина нареди итен вонреден надзор врз работата на Полициската станица Слатина. Во станицата е испратен стручен тим од Управата на полицијата за да ја провери целата постапка.
„Вонредниот надзор ќе ја опфати целата полициска акција кон жртвата и осомничениот, вклучувајќи ја и акцијата од јули оваа година кога осомничениот беше пријавен за прекршок и за кривично дело, а особено акцијата по пријавата примена непосредно пред извршувањето на кривичното дело“, соопшти Полициската управа.
Градоначалникот на Слатина, Томо Томиќ, најави помош од локалната заедница.
– Сакам да изразам сочувство до семејството на трагично починатата дама, навистина голем, шокантен настан за градот Слатина, каде што сите се познаваме. Градот Слатина дефинитивно ќе се вклучи, каква било помош што му е потребна на семејството, бидејќи не е мало семејство – рече Томиќ.