Делот од  прашањето за „право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“ гарантираше успешен референдум за осамостојување на Македонија

Анкетите пред референдумот, спроведени во сите југословенски републики, покажуваа дека три четвртини од Македонците веруваа во иднината на републиката, но и во иднината на Југославија. Прашувам јавно: Дали некој, при ваквото расположение на нашите граѓани, можел да одлучи да организира референдум во кој нема да се споменува и „сојуз на суверени држави“ и да очекува дека крајниот резултат ќе биде позитивен? И зошто истото прашање го поставија и Хрватите на нивниот референдум?

0

Накратко

• Словенците се договорија со Милошевиќ, Хрватите мораа на Србите да им гарантираат културна автономија.






• Зошто беше неопходен вториот дел од референдумското прашање?

• Анкетите покажуваа дека во Македонија мора да сме внимателни.


Во врска со понатамошниот развој на настаните, кои упатуваа на тоа дека за време на мораториумот мора да донесеме одлука за осамостојување по пат на референдум i на време да се подготвиме за неговото успешно спроведување, влијаеја и следните два настана:

Жестоката кавга на премиерот Кљусев со генералот Кадијевиќ

Прво, уште на 12 јуни 1991 година, на полигонот Криволак, започна најголемата воена вежба на ЈНА во Македонија. Не знаев колку време траела и кога завршила! Се знаеше само дека на почетокот или на крајот од самата вежба, во Скопје пристигнал сојузниот секретар за народна одбрана, Вељко Кадијевиќ, со уште 12 генерали. Меѓу нив имало најмалку четворица генерали Mакедонци. Тие од македонското раководство биле пречекани во една од владините вили на Водно.

За време на средбата дошло до голема расправија меѓу премиерот Кљусев и генералот Кадијевиќ. Кљусев со право го нападнал дека и со негово знаење, на крајот од 1990 година и во почетокот на 1991 година, Слободан Милошевиќ упаднал во Народната банка на СФРЈ и незаконски повлекол 1,8 милијарди долари од заедничките средства. Го критикувал и за сите други штети што веќе биле направени и на стопански план.

Стојан Андов за тоа пишува во неговите книги и кажува дека тогаш, на крајот од средбата, генералите Македонци ги повикале на страна и им кажале: „Ако се осамостојувате и тоа не го направите по пат на референдум, ние не можеме да ве спасиме, ќе ве нападнеме од сите страни“!

Милошевиќ и Кучан се договорија, ЈНА се повлече од Словенија

Второ, на 15 јули 1991 година, по телефон ми се јави професор Вујин Поповиќ, со кој два мандата бевме членови на претседателството на Југословенскиот комитет за електрични мерења и електротехника ЈУКЕМ, во Белград. Пристигнал во Скопје и побара да му помогнам. Во ЈУКЕМ се подготвувала програмата за есента 1991 година и го испратиле да собере информации дали метролозите од Македонија ќе учествуваат на есенскиот симпозиум. Во новата влада на Кљусев, тогаш за оваа проблематика беше задолжено новото Министерство за економија, на чело со министерот Стојан Трајановски. На колегата Вујин Поповиќ тогаш му обезбедив средба со министерот Трајановски.

После таа средба го однесов колегата Поповиќ на ручек. На крајот тој ме праша дали знам што се се случува со неговата Србија. Реков дека редовно читам „Борба“ и дека сум добро информиран за сè. Тогаш тој го извади весникот од внатрешниот џеп и ми го покажа написот од 14 јули 1991 година: Словенска делегација стигнала во  Белград и со Србите се договорила ЈНА да се повлече од Словенија. Така, четири дена подоцна, на 18 јули 1991 година, Претседателството на СФРЈ донесе одлука ЈНА да се повлече од Словенија.

Тогаш ми стана јасно дека сигурно се активирал договорот Милошевиќ-Кучан од 24 јануари 1991 година, со кој Србија се согласи со осамостувањето на Словенија. И ми стана уште појасно зошто само четири дена потоа, на 18 јули 1991 година, Претседателството на СФРЈ донесе одлука ЈНА да се повлече од Словенија. За мене воопшто не беше прифатливо Република Македонија да остане во една таква осакатена Југославија и знаев дека мора да се осамостоиме што поскор по мирен пат, по пат на референдум.

Хрватите на референдум оставија можност за сојуз со други републики и на Србите им гарантираа културна автономија

Јас уште за време на моите работни престои во Загреб, знаев сè што направи Хрватска за нејзиното осамостојување, и дека на тој пат најважни беа резултатите од референдумот што Хрватите го одржаа на 19 мај 1991 година. На референдумот во Хрватска се поставија две прашања:

1. „Дали сте за тоа Република Хрватска, како суверена и независна држава, која им гарантира културна автономија и сите граѓански права на Србите и на припадниците на другите националности во Хрватска, да може да влезе во сојуз на суверени држави со други републики (според предлогот на Република Хрватска и Република Словенија за решавање на државната криза на СФРЈ)“.

2. „Дали сте за останување на Република Хрватска во рамките на Југославија како единствена федерална држава (според предлогот на Република Србија и на Социјалистичка Република Црна Гора за решавање на државната криза во СФРЈ)“?

Второто прашање беше сосема неприфатливо за Република Македонија. Кај нас немаше толку бројна српска заедница и затоа сметав дека делот „која им гарантира културна автономија и сите граѓански права на Србите и на припадниците на другите националности во Хрватска“ треба да отпадне од нашето прашање, па така тоа да се дефинира како: „Дали сте за самостојна и суверена држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Во врска со тоа, јас на сите оние кои досега десетици и десетици пати прашуваа зошто во прашањето е оставен делот „со право да стапи во иден сојуз на суверени држави“, им порачувам да ги прашаат Хрватите зошто неполн месец пред нас, тие во своето референдумско прашање го оставија и пасусот „да може да влезе во сојуз на суверени држави со други републики“.

Анкетата на „Борба“ покажа амбивалентно расположение во Македонија

А на сите други им порачувам да ги видат резултатите од анкетите во СФРЈ со прашањето „Како ќе се промени состојбата во Југославија и во вашата република“, кои се направија на ниво на Југославија, во март и на 22 јуни 1991 година. Еве ги резултатите од 22 јуни 1991 година од анкетите на „Борба“ за иднината на Југославија и на републиките.

Прашање: Како ќе се промени состојбата во ЈУ и во вашата република?

Југославија: 61,4% сметаат дека состојбата ќе се подобри во ЈУ.

Македонија: 76% сметаат дека состојбата ќе се подобри во ЈУ, а 77,5% во републиката

Црна Гора: 68,4% сметаат дека состојбата ќе се подобри во ЈУ, а 65,7% во републиката

БиХ: 65,7% сметаат дека состојбата ќе се подобри во ЈУ, а 68,3% во републиката.

Хрватска: 54,1% сметаат дека состојбата ќе се подобри во ЈУ, а 64,1% во републиката.

Србија: 54% сметаат дека состојбата ќе се подобри во ЈУ, а 59,5% во републиката.

Словенија: 48 % сметаат дека состојбата ќе се подобри во ЈУ, а 61,5% во републиката

Од анкетата сосема јасно се гледа дека меѓу 65,7% и 76%, во четири од републиките, граѓаните верувале дека состојбата во Југославија и во нивната република ќе се промени на подобро. Граѓаните во Хрватска и во Србија верувале дека состојбите во Југославија ќе се подобрат за околу 54%, а во нивните републики за 64%. Во Словенија само 48% од населението верувало дека состојбите во Југославија ќе се подобрат, а 61,5% верувале дека ќе се подобрат состојбите во нивната република. Во Македонија, пак, тогаш дури 76% сметале дека состојбите во Југославија ќе се подобрат, а  дури 77,5% сметале дека и во нашата република тие ќе се подобрат.

Прашувам јавно: Дали некој, при ваквото расположение на нашите граѓани, можел да одлучи да организира референдум во кој нема да се споменува и „сојуз на суверени држави“ и да очекува дека крајниот резултат ќе биде позитивен?

Што покажа анкетата што јас ја спроведов низ Македонија?

Тогаш, јас со ливчето со прашањето „Дали сте за самостојна и суверена држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“, веќе на 15 јули 1991 година заминав за Тетово и Гостивар, да ги анкетирам нашите граѓани.

Планирав да анкетирам 200 души, од кои најмалку 42 Албанци. Барав да ме придружува познаник од местото каде што анкетирав. Во Тетово тоа беше директорот на средното Земјоделско училиште, Томислав Стојановски. Меѓутоа, уште при првите анкетирања, се соочив со еден проблем: Некои граѓани, под зборот „суверена“ подразбираа држава на суверен, цар, крал и слично и не сакаа да слушнат за анкетата. Ја прекинав и се вратив во Скопје да подготвам уште едно прашање, за да се избегнат слични недоразбирања со граѓаните: „Дали сте за самостојна и независна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Потоа, до 25 јули 1991 година, јас со моето возило, ги поминав градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Ресен, Битола, Валандово, Струмица, Радовиш, Штип и Велес. Анкетата ја завршив со Свети Николе, Куманово и во Скопје.

Се вратив во Скопје и уште утрото на 26 јули 1991 година дојдов во Собранието да ги подготвам и да ги обработам резултатите и со нив да го запознаам претседателот на СДСМ и координатор на пратеничката група, Бранко Црвенковски. Меѓутоа, поради задачите кои ми ги даде Стојан Андов, бев спречен во тоа. Така, резултатите од анкетата ги обработив дури после 15 и 30 часот.

Напомена: Графикот за анкетата Ханџиски го направил после средбата со Глигоров, а во овој облик е обработен од Плусинфо

 

Потоа влегов во собраниската сала и го повикав координаторот Бранко Црвенковски да излезе надвор. Седнавме во холот до гардеробата и го информирав за анкетата и за резултатите од неа: од 200 анкетирани, 142 ќе гласаат, или 71% од вкупниот број, меѓу кои 4% од Албанците и 1% од останатите, додека против ќе гласаат или нема да гласаат 24% од гласачите.

Бранко ми го грабна од рацете референдумското прашање и рече: „Станувај, одиме кај претседателот Глигоров!“.

(Во утрешното продолжение: Одлуката за осамостојување по пат на референдум влета во зовриениот собраниски котел)

Поврзани содржини