🎥 ПОГЛЕДНЕТЕ ШТО ПРАВАТ НАД 100 ЛИТРИ НА КВАДРАТ ЗА ЕДЕН ЧАС Порој предизвика сериозни поплави во јапонскиот град Нагоја

На 8 септември се измерени наврнати 104,5 милиметри дожд за еден час што е највисока едночасовна количина откако се водат мерењата во градот.

0

Пороен дожд предизвика сериозни поплави во Нагоја, Јапонија, откако во градот беше регистрирана рекордно голема количина врнежи во само еден час. На 8 септември се измерени наврнати 104,5 милиметри дожд за еден час (104,5 литри на квадрат) што е највисока едночасовна количина откако се водат мерењата во градот.

Невремето поплави улици, подвозници и делови од градската инфраструктура. Водата навлезе и на железничките пруги, а метрото во Нагоја привремено го прекина сообраќајот на сите линии. Прекините во железничкиот сообраќај оставија голем број патници заглавени за време на попладневниот шпиц.






Во делови од градот се поплавени околу 200 возила и десетици куќи. Во најтешко погодените подрачја беа издадени највисоки предупредувања поради опасност од поплави и излевање на реките. Јапонските власти ги повикаа жителите да се преместат на повисоки и побезбедни места доколку се наоѓаат во загрозени подрачја.

Метеоролошките податоци покажуваат дека во областа Чикуса во Нагоја биле измерени 219,5 милиметри дожд во период од 24 часа. Тоа е трет највисок септемвриски дневен дожд регистриран на набљудувачката станица во градот.

Невремето не ја погоди само Нагоја. Обилни врнежи зафатија поширок дел од централна Јапонија, особено префектурите Аичи и Гифу. Во Нагоја и околните подрачја има повредени лица, а јапонската метеоролошка служба предупреди на дополнителен ризик од свлечишта, поплавување на ниските подрачја и надојдени реки.

Обилните дождови се случуваат само десетина дена пред почетокот на Азиските игри во Нагоја, кои треба да се одржат од 19 септември до 4 октомври. Околу 400 спортисти и членови на тимовите привремено се евакуирани од сместувањето поради поплавите, но градоначалникот на Нагоја изјави дека невремето засега нема да го загрози одржувањето на Игрите.

Поврзани содржини