УАПСЕН АМЕРИКАНЕЦ, ДРОГА СКРИЛ ВО ПРАТКА Метамфетамин, кокаин и МДМА во пратки со ЦД-а
Царинската управа спречи обид за шверц на дрога преку поштенски пратки од Франција. Пронајдени се метамфетамин, МДМА и кокаин, а едно лице е приведено.
Царинската управа на Македонија спречила обид за неовластен промет со дрога, која државјанин на САД се обидел нелегално да ја внесе во земјата преку поштенски пратки со ДВД и ЦД-а што пристигнале во Царинскиот испостав Пошти од Франција, информираат од институцијата.
Како што соопштуваат од Царината, случајот е откриен по разузнавачка царинска информација, по што биле преземени детални контроли на пратките.
„По пристигнување на пратките во ЦИ Пошти, наменети за лицето Ј.Е., царинските службеници извршија контрола со скенер за поштенски пратки, при што е детектирана сомнителна содржина. Повикан е мобилен царински тим и царинско куче, коишто преземаа соодветни дејствија“, соопштија од Царинската управа.
Оттаму додаваат дека по дополнителни проверки со специјална опрема е утврдено оти во четирите пратки се наоѓале наркотични дроги – метамфетамин со тежина од 12,5 грама, МДМА со вкупна тежина од 20 грама и кокаин со тежина од 8 грама.
„По тестирање на содржината со специјална опрема е утврдено дека во четирите пратки се наоѓа наркотична дрога“, велат од Царинската управа.
Случајот, како што информираат од институцијата, е предаден на понатамошна постапка во Одделението за истраги, од каде се преземаат предистражни дејствија.
„По налог на јавен обвинител, инспектори за спроведување истраги, во моментот на примопредавање на пратката, го приведоа лицето Ј.Е. и извршија претрес на домот каде живеел заедно со сопругата“, стои во соопштението.
При претресот, како што додаваат од Царината, биле пронајдени и две стаклени шишенца со зелена растителна материја со интензивен мирис, две стаклени лулиња за пушење марихуана и 33 ампули тестостерон.
„Дрогата пронајдена во поштенските пратки и домот на лицето е одземена и испратена на вештачење“, информираат од Царинската управа.
Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство, додаваат од институцијата.