ДАЛИ АРХИЕПИСКОПОТ АНГЕЛАРИЈ ПЛАТИ СО ЖИВОТ ЗА СВОЈОТ ПАТРИОТИЗАМ? Одбележани 40 години од мистериозната смрт на вториот поглавар на МПЦ

Го држев дедо ми во раце кога ја испушти душата. Загина и неговиот возач. До денес живеам со последиците од таа трагедија - изјави Татјана Попоска, неговата внука.

0

Денеска се навршуваат 40 години од трагичната смрт на македонскиот архиепископ г.г. Ангелариј, кој загина во сообраќајна несреќа на 15 јуни 1986 година во Дреновската клисура, на патот Прилеп – Скопје, пишува Фејсбук страницата Жива е Македонија.

По неполни пет години како поглавар на Македонската православна црква, архиепископот Ангелариј го загуби животот кога службениот „мерцедес“ во кој се наоѓал, под сè уште неразјаснети околности, се судрил со цистерна со српски регистарски таблички. Во несреќата загинал и неговиот возач.






Според внуката на архиепископот, која тој ден патувала со него, неговата смрт не била несреќен случај. Таа верува дека судирот бил намерно предизвикан, поради неговата беседа на гробот на Гоце Делчев каде говорел и се залагал за обединување на Македонија. Според неа, сомнежите ги засилува и фактот што осудените возачи на цистерните отслужиле само мал дел од затворските казни.

– Го држев дедо ми во раце кога ја испушти душата. Загина и неговиот возач. До денес живеам со последиците од таа трагедија – изјави Татјана Попоска.

Архиепископот Ангелариј e роден како Цветко Крстески, на 25-ти март 1911 година во село Долнени, Прилепско во свештеничко семејство. Во младоста бил учесник во НОБ и еден од првите организатори и раководители на МПЦ по ослободувањето од фашистичкиот окупатор. Бил голем борец за македонската кауза.

Во дворот на црквата Свети Димитрија во Скопје, Архиепископот Стефан и владиците Иларион и Јосиф отслужија помен за трагично загинатиот архиепископ на МПЦ-ОА.

На поменот за 40-годишнината од упокојувањето на Ангелариј, втор поглавар на возобновената Македонска православна црква, присуствуваа и претседателката Гордана Силјановска Давкова, претставници на владата и пратеници.

„Архиепископот Ангелариј остави длабока трага во историјата на Македонската православна црква како еден од нејзините најзначајни духовни водачи и градители по возобновувањето. Со својата посветеност придонесе за развојот на духовниот живот и за одржување и јакнење на врските со македонската дијаспора. Неговото наследство останува симбол на истрајност, мудрост и служба во интерес на црквата и македонскиот народ“, напиша Силјановска-Давкова на својот профил на Фејсбук.

„Вечнаја памјат, владико наш!“ – напиша во објавата за годишнината од смртта на архиепископот Ангелариј, веб страницата Жива е Македонија.

По повод годишнината, беше споделена и реставрирана фотографија од прославата на Илинден во манастирот Трескавец, направена на 2 август 1982 година. На неа се прикажани митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, архиепископот Ангелариј и дедо Михаил, а во позадина може да се забележи и Свети Гаврил Велички – Светогорец.

Фотографијата претставува значајно сведоштво за духовниот живот на Македонската православна црква и за личностите кои оставиле длабока трага во македонската историја и духовност.

Поврзани содржини