МЕРИ МЛАДЕНОВСКА ЃОРЃИЕВСКА ОДЛИКУВАНА СО ОРДЕН „ВИТЕЗ ОД РЕДОТ НА ЅВЕЗДАТА НА ИТАЛИЈА“ Амбасадорот Палминтери ѝ го врачи високото признание
Амбасадорот Палминтери нагласи дека како министерка за правда таа дала значаен придонес во спроведувањето на правосудните реформи и во усогласувањето на правосудниот систем на Северна Македонија со европските стандарди.
Со декрет на претседателот на Република Италија, Серџо Матарела, на адвокатката и поранешна министерка за правда, Мери Младеновска Ѓорѓиевска, ѝ е доделено високото државно признание орден „Витез од редот на Ѕвездата на Италија“.
Ова значајно одликување на Младеновска Ѓорѓиевска ѝ го врачи амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Паоло Палминтери, на свеченост организирана во италијанската резиденција.
– Чест ми е што можам да ѝ го врачам ова признание на Мери Младеновска Ѓорѓиевска за нејзината работа и исклучителниот придонес во унапредувањето на институционалната, економската и правосудната соработка помеѓу Италија и Северна Македонија. Нејзиниот придонес е пример како стручноста, интегритетот и духот на соработката можат суштински да придонесат во зајакнувањето на институционалните врски и разбирањето меѓу нашите држави – рече амбасадорот Палминтери.
Тој нагласи дека како министерка за правда таа дала значаен придонес во спроведувањето на правосудните реформи и во усогласувањето на правосудниот систем на Северна Македонија со европските стандарди.
Примајќи го одликувањето, Младеновска Ѓорѓиевска рече дека ова за неа е голема чест и признание за досегашната работа.
– Сакам да ја изразам мојата најискрена благодарност до претседателот на Република Италија, Серџо Матарела за ова престижно признание, како и до амбасадата на Италија за континуираната доверба и поддршка искажана во текот на годините. Италија за мене секогаш била пример за култура, правна традиција и демократски вредности. Од таа причина овој чин го сметам не само за привилегија, туку и за одговорност за иднината. Ова одликување ме поттикнува да продолжам по патот на професионалноста, интегритетот и дијалогот меѓу нашите двете држави – рече Младеновска Ѓорѓиевска.
Орденот „Витез од редот на Ѕвездата на Италија“ се доделува на поединци кои со својот професионален ангажман даваат исклучителен придонес во развојот и унапредувањето на соработката и пријателските односи меѓу Италија и другите земји, во конкретниов случај со Република Северна Македонија.
Мери Младеновска Ѓорѓиевска зад себе има големо професионално искуство и придонес во подобрувањето на правосудниот систем во Македонија и владеењето на правото.
За време на нејзиниот мандат како министерка за правда беа подготвени и усвоени 11 уставни амандмани поврзани со судската власт и јавното обвинителство со кои се реформираше правосудниот систем во Македонија и државата беше чекор поблиску до европските правни стандарди.
Исто така, таа имаше клучна улога во донесувањето на низа системски законски прописи во насока на имплементирање на принципот на владеењето на правото, меѓу кои се издвојуваат: Законот за судови, Законот за парничната постапка, Законот за извршување, Законот за судски совет, Законот за академија за судии и јавни обвинители, како и Законот за заштита на сведоци.
На врачувањето на одликувањето во резиденцијата на Република Италија во Скопје, присуствуваа членови на семејството на Младеновска Ѓорѓиевска, како и нејзини блиски соработници, колеги и пријатели од општествено-политичкиот и правниот живот.