Дали Вучиќ го изгуби изборниот натпревар или однапред го знаеше сценариото за своето заминување?
Политиколошка размисла за изборната математика, ненадејното политичко смирување и можните договори зад сцената.
Следејќи ги парламентарните избори во Србија на 25 октомври, морам да признаам дека не ме изненади толку изборниот пораз на Александар Вучиќ, колку начинот на кој тој го призна. По речиси две години жестоки студентски протести, политички конфронтации и незадоволство од неговото владеење, промената на власта беше сосема реална можност. Но она што навистина ме зачуди беше неверојатната брзина и речиси математичката прецизност со која Вучиќ го соопшти изборниот исход, а уште повеќе неговата ненадејна подготвеност без приговори и отпор да го прифати поразот.
Замислете, избирачките места се затвораат во 20 часот, а веќе околу 21:30 Вучиќ излегува пред јавноста и соопштува дека неговата листа ќе освои околу 105 пратенички мандати, студентската меѓу 135 и 140, а останатите политички партии, со исклучок на неколку малцински листи, практично нема да имаат парламентарно претставување.
Речиси истовремено почнуваат да пристигнуваат и медиумските проекции на Ипсос и ЦеСИД, кои речиси целосно се совпаѓаат со неговите процени. Наредниот ден, прелиминарните резултати на Републичката изборна комисија покажаа 104 мандати за листата на Вучиќ и 140 за студентската листа.
Како е можно за само деведесетина минути да се предвиди не само победникот, туку речиси целосната распределба на 250 пратенички мандати?
Вучиќ понуди објаснување дека располагал со стратификуван примерок. Не ја оспорувам научната вредност на ваквите статистички методи. Впрочем, и независните изборни аналитичари истата вечер објавија мошне прецизни проекции, што потврдува дека таквите процени се технички возможни.
Но дали повикувањето на еден научен термин е доволно за да ја објасни сигурноста со која настапи? Кој го подготвил примерокот, колку избирачки места опфатил, кога пристигнале податоците во неговиот штаб и колкав дел од примерокот бил обработен во моментот на неговото обраќање? Сметам дека одговорите на овие прашања би помогнале да разбереме како била добиена толку прецизна процена.
Но дури и да ја прифатиме изборната математика, останува нешто што за мене е многу поинтересно, а тоа е ненадејната промена во политичкото однесување на Вучиќ.
Човекот кој со години водеше жестока политичка борба, а во конфронтацијата со студентското движење и опозицијата користеше остра, неретко дисквалификациска реторика, одеднаш на прес-конференцијата покажа невообичаена подготвеност да го признае поразот и да ја прифати смената на власта, иако не се откажа од острите критики кон своите политички противници.
Не треба да се заборави дека Србија со месеци беше сцена на политички конфронтации, меѓусебни судири, физички пресметки и апсења. Дури и самиот изборен ден беше проследен со пријавени инциденти и меѓусебни обвинувања за насилство. И по сето тоа, во изборната ноќ гледаме сосема поинаков настап. Народски кажано, политичкиот лав кој до вчера рикаше, одеднаш стана мирен како маче што преде. Не само што го призна поразот, туку најави дека нема да ги оспорува резултатите со жалби и приговори, нема да го попречува конституирањето на парламентот и нема да создава пречки за формирањето на новата влада.
Се разбира, тоа е однесување што треба да се очекува од секој демократски политичар. Но имајќи ја предвид неговата дотогашна политичка практика, толку наглата промена не можам да ја одминам без размислување.
На победничката страна, пак, по изборите почна да доминира јазикот на институционалноста, смиреноста и изградбата на нова Србија. Тоа е разбирливо, особено кога едно протестно движење ја презема одговорноста за управување со државата. Но останува да се види дали неговите дотогашни барања за одговорност и расчистување со минатото ќе бидат доследно спроведени.
И затоа овде јавно сакам да ја споделам мојата дилема: дали пред нас се одвиваше само природна демократска транзиција или можеби нејзините основни контури биле подготвувани многу порано, далеку од очите на јавноста?
Мојот сомнеж дополнително го поттикна изјавата на самиот Вучиќ, кој спомена одредени европски држави и структури на таканаречената американска длабока држава, противници на Доналд Трамп, обвинувајќи ги дека дејствувале против него. Ако веќе самиот зборува за вмешаност на странски центри на моќ, тогаш има обврска да каже кои се тие, како дејствувале и со какви докази располага. Во спротивно, таквите обвинувања остануваат политичка реторика. Но токму неговите зборови ме наведоа на уште едно, за мене многу посериозно размислување. Кој ги делеше политичките карти зад сцената во Србија?
Дали е можно уште пред изборите, зад затворени врати, да се разговарало за идната распределба на политичката моќ, за тоа кој ќе ја преземе власта и под какви услови ќе се изврши транзицијата? А ако одиме чекор понатаму, дали во таквите евентуални разговори можело да стане збор и за политичката и правната иднина на Вучиќ?
Тука мора да разграничиме две можности. Едната е дека некој однапред се обидувал да влијае врз распределбата на мандатите, независно од вистински освоените гласови. За такво нешто засега нема докази, а самата точност на изборните проекции не може да послужи како потврда.
Другата можност е сосема поинаква: изборниот резултат да бил реален израз на волјата на граѓаните, но одредени политички актери претходно да разговарале за условите под кои власта би била предадена.
Таквите преговори не се непознати во политичката историја. Да потсетам на Полска во 1989 година, кога комунистичката власт и опозицијата, предводена од „Солидарност“, преку преговорите на Тркалезната маса договорија политички реформи и изборни правила. Тогаш дури 65 проценти од местата во Сејмот беа резервирани за владејачката коалиција, додека за преостанатите 35 проценти се натпреваруваа опозициските и независните кандидати.
Се разбира, не тврдам дека нешто слично се случило и во Србија. Полскиот пример бил јавен и институционализиран договор, додека за евентуални српски договори зад сцената немаме докази. Но тој покажува дека политичките транзиции понекогаш се резултат не само на изборната волја, туку и на претходно договорени правила и компромиси.
А што ако Вучиќ уште пред изборната ноќ знаел дека неговото политичко време истекува и дека повеќе нема простор за борба за опстанок на власт? Тогаш неговата неочекувана смиреност добива една поинаква димензија. Наместо да се бори за задржување на власта, можеби веќе размислувал како да ја напушти со што помалку последици за себе и за своите најблиски соработници.
Во политиката, губењето на власта понекогаш носи многу поголеми ризици од самото губење на функциите. Особено кога во јавноста со години се изнесуваат сериозни обвинувања за корупција, злоупотреби на институциите, политички притисоци и други незаконитости.
Обвинувањата, се разбира, не се исто што и докажана одговорност. Но секој долгогодишен носител на власта мора да смета и на можноста независните институции еден ден да започнат да ги испитуваат неговите постапки.
Оттука, не можам целосно да ја исклучам од анализата и хипотезата дека некој можеби му ставил до знаење: прифати го поразот, не создавај проблеми, овозможи мирно предавање на власта, а за твојата понатамошна положба ќе се бара одредено решение.
Не тврдам дека таков разговор навистина се случил, ниту дека некому му биле понудени гаранции за неказнивост. Но сметам дека политичките мотиви за ненадејното смирување заслужуваат внимание, особено кога станува збор за човек кој толку долго ја држел власта.
Има уште една околност што ми привлече внимание. Вучиќ практично ја предвиде и архитектурата на идниот парламент, две големи политички листи и неколку малцински претставници, додека останатите партии остануваат надвор од распределбата на мандатите.
Слична концентрација на парламентарната моќ околу два доминантни политички блока сме гледале и во други земји на Балканот, па и во Македонија, каде што помалите политички субјекти неретко останувале без самостојна парламентарна застапеност.
Се разбира, изборниот систем, изборниот праг и концентрацијата на гласовите можат да доведат до вакви резултати. Но вреди да се анализира и кому политички му одговара ваквото стеснување на плурализмот и дали одредени центри на моќ имаат интерес дополнително да ја поттикнуваат концентрацијата околу две големи политички алтернативи.
Не сакам да ја потценам слободната волја на српските граѓани, ниту да ја обезвреднам изборната победа на студентското движење. Напротив, граѓаните со своите гласови изразија јасна желба за промена. Но едно е изборната волја, а сосема друго можните договори зад сцената за начинот на предавање на власта и понатамошната судбина на нејзините досегашни носители. Токму затоа вистинскиот тест за случувањата во Србија допрва следува.
Ќе покаже дали новата власт навистина ќе обезбеди независно судство, институционална одговорност и непристрасно испитување на сомнежите за корупција и злоупотреби или политичката промена ќе заврши со премолчени компромиси и меѓусебно ненарушување на интересите.
Ако некогаш се појават докази дека мирното повлекување било разменето за политичка или правна заштита, тогаш и изборната ноќ на 25 октомври ќе добие сосема поинакво значење. Дотогаш мојата хипотеза останува отворена, а одговорите ќе треба да ги бараме во понатамошното однесување на политичките актери и, пред сè, во постапувањето на независните институции. Зашто во политиката понекогаш најважната битка не е како да се задржи власта, туку како да се замине од неа без да се сносат последиците за евентуалните злоупотреби. Едно е да се признае изборниот пораз, а сосема друго е однапред да се обезбеди сопствената иднина по него.
П.С. Политиколошкиот пристап не подразбира однапред да се знаат одговорите на сите поставени прашања. Неговата суштина е во критичкото анализирање на фактите, препознавањето на политичките процеси и интереси и поставувањето аргументирани хипотези, дури и кога вистинските одговори се кријат далеку од очите на јавноста.