Трите чуда во октомври

Октомври е еден од нашите најсудбоносни месеци. Боите на октомвриската есен, од златната до крваво црвената, совршено се преклопуваат со сите оние историски октомвриски настани што ја трасираа нашата судбина. Тоа е месецот во кој овој народ ги пишувал своите можеби најважни поглавја. Во октомври е и роденденот на Организацијата.

0

Во филмскиот свет, октомври е месецот кога природата ја менува сценографијата и го дава најраскошниот колорит на платното. Безмалку секој кадар фатен во овој период носи природна патина, топлина и филмска магија. Но, во македонскиот историски контекст, октомври е многу повеќе од убава филмска сезона за екстериери. Октомври е еден од нашите најсудбоносни месеци. Боите на октомвриската есен, од златната до крваво црвената, совршено се преклопуваат со сите оние историски октомвриски настани што ја трасираа нашата судбина. Тоа е месецот во кој овој народ ги пишувал своите можеби најважни поглавја. Во октомври е и роденденот на Организацијата.

Од денешен аспект, и со вокабуларот на денешницата овој наш историски, а сè уште жив бренд својата приказна за создавањето би го раскажал отприлика вака:






Октомври 1893. Се родив пред повеќе од еден век. Пред повеќе од еден век, во една солунска соба, шестмина луѓе правеа бреинсторминг, но не и старт-ап. Не бараа инвеститори. Седеа околу масата со Библија, кама и револвер. Тогаш и таму го создадоа дотогаш најрадикалниот слоган на Балканот: „Слобода или Смрт“. Без компромиси, без „Ако“, без „Алиби“. Чист, апсолутен екстремизам на идеалот. Тогаш, во тоа време револверот од 9 милиметри не беше оружје, беше единствениот важечки пасош за народ кој пркосно реши да опстане. И секако тој, револверот стана мој потпис тогаш, и за навек.

Така некако би личело краткото био за создавањето на најмоќната Организација на Балканот. ВМРО е македонски бренд кој сè уште е синоним за опсесија, како внатре во државата така и во соседството. За едните, за среќа, за мнозинството, тоа е опсесија со сопствениот корен, романтичен завет за постоење. За другите, оние плитките и духовно инородните, тоа е извор на сите историски фрустрации.

Биото на Организацијата од почетокот на моево писание е само фрагмент од нејзината хроника. И еве тој фрагмент, сцената за раѓањето, да ја насловиме филмски како „Едно чудо во Октомври“. А, Македонската богата револуционерна историја памети уште најмалку две големи збиднувања во октомври, или чуда ако сакате, кои тектонски ја потресоа геополитичката реалност од тоа време. Материјал повеќе од доволен, не за еден, а за најмалку три филма, или трилогија. Октомврска трилогија за една саможртва како филмска предлошка, кон која верувам дека ни маестралниот Кишловски не би останал рамнодушен.

Петрич, октомври 1925. Горна Џумаја пулсира во свечен, воен занос. Градот се подготвува за 23 октомври. Денот кога ВМРО го чествува својот роденден. Но, додека подготовките се во тек, на границата кај Петрич, по еден тривијален граничен инцидент, грчкиот диктатор, генералот Теодорос Пангалос, тргнува во инвазија со редовни армиски дивизии. Грчко куче ја преминува границата. Војник трча по него. Паѓа истрел. И редовната армија на Пангалос веќе маршира да одржи лекција. Бугарската редовна армија, осакатена од мировните договори, добива наредба за повлекување. Официјална Софија го остава македонското население во Петричко на милост и немилост на грчките бајонети, упатувајќи анемични апели за помош, и за женевски преговори.

И токму тогаш Организацијата молскавично стапува на сцената. За само неколку часа, под раководство на локалните војводи, ВМРО мобилизира челична народна армија од доброволци, чети и селани. Без државен буџет и без официјални генерали. Организацијата ја пречекува регуларната грчка армија, ја разбива и спречува масовен колеж, грабежи и прогон врз македонското население. Петричкиот инцидент станува апогеј и практичен испит на доктрината за народна самоодбрана. Без генералштаб, без авијација. Само локални луѓе кои си го бранат дворот. Грчката армијата панично се повлекува. Зашто кога го браниш сопствениот праг, математиката на војната се менува.

Европскиот печат е во шок. Специјалните известувачи бараат сензација во оваа балканска драма. Некои од нив се и повеќе од провокативни, па велат: „Се чини дека овој инцидент кај Петрич целосно ви ја уништи роденденската прослава оваа година?“

Одговорот на Организацијата е своевиден сублимат на челичниот интелектуален цинизам и филмска завршница од делата на Коен: „О, не, напротив! Чествувањето годинава беше едно од најмоќните во нашата историја. А, сите комплименти одат директно за генералот Пангалос… Затоа што вакво достојно, масовно и велелепно чествување на нашиот роденден не можеше да ни приреди дури ни самиот Александар Караѓорѓевиќ — Македономрзецот!“
Тоа беше ВМРО во својот врв. Неприкосновена на својата теритиорија, духовита, а опасна и свесна дека нејзината моќ произлегува исклучиво од сопствениот народ и сопственото оружје.

Марсеј, октомври 1934. Азурниот брег. Француски полицајци во бели ракавици, лимузини, кралот Караѓорѓевиќ во униформа. Сè изгледа како сцена од швајцарски банкет. А потоа, букет цвеќе, еден човек во капут и звук од нагант, со потпис на ВМРО. За само пет, би рекле Тарентиновски, секунди, кралот е мртов, европската геополитика е срушена, а француската полиција и европската политика сфаќа дека Балканот не е само егзотична туристичка дестинација. Буре со барут е, а Македонија е фитилот на бурето со барут. Пораката е пратена и гласи: Македонија не поднесува туѓа чизма.

Тој октомври Европа открива и нешто многу побитно. А тоа е спознанието дека Македонскиот пркос не преговара со судбината. Тој гордо чекори кон смртта, претворајќи ја сопствената саможртва во непобедлива состојба на духот.

Европскиот печат е повторно во шок. Водечките весници од она време, како францускиот „Le Figaro“, италијанскиот „Corriere della Sera“, и британскиот „The Times“ се фасцинирани од атентатот. Пред сè од планот за реализација, како и успешноста на истиот. ВМРО е преплавена од прашања, провокации и обвинувања од светскиот печат. Но, на крајот сепак сè се сведува на можно признание, изнудено или не од ВМРО, дека таа е нарачателот, воедно и одговорна за организацијата и изведбата на атентатот.

Одговорот на тогашното ВМРО е во врска со тој настан симплифицирано гласи: Ликвидацијата на најголемиот тиран во македонската историја, е света должност на секој еден македонски патриот, каде и да се наоѓа тој.

И тука би ја затворил октомвриската епопеја од минатото. Денес, за жал, разноразни академици и тинк-тенкови од соседството пишуваат дебели книги за ВМРО. Бараат авторски права врз тие четири букви. Ги ставаат во архиви, ги запечатуваат во административни папки, ги пакуваат како лична историска сопственост.

Но, зарем можеш да бараш сопственост над коренот, кога не си ја делел сушата со него, и ниту си ја платил цената за неговите плодови?

Кога комитите крвавевеа во планините, кога Македонија ги губеше своите чеда по занданите, таа не го правеше тоа за да нахрани туѓи ега. Македонците крвавеа за ова парче земја под нашите нозе. Историјата не е нотарски уред за да регулира имоти. Организацијата не е ничија бирократска заштеда, и не се докажува со печати од 19-тиот век. Сопственоста лежи во саможртвата, во македонскиот пркос и македонската судбина.

Организацијата беше темелна, сурова и вечна инвестиција во нешто што тие луѓе знаеа дека никогаш нема да го доживеат.

Секојпат кога колоритниот октомври ја сенчи Македонија со црвено и златно, и некој сè уште одбива да биде избришан од картата, Организацијата дише.

Таа нема друг дом. Никогаш и немала.

Честит нека е празникот на ВМРО.

Поврзани содржини