СТУДЕН СЕВЕРЕН ВЕТЕР И ДОЖД, НА ПЛАНИНИТЕ И СНЕГ Температурите ќе паднат, а ветерот ќе надминува 60 километри на час
Северниот ветер повремено ќе надминува 60 километри на час, а во северните делови се очекуваат врнежи од дожд и повремен снег на повисоките планини. Во наредните денови прогнозата најавува сончево време и постепен пораст на температурите.
Променливо облачно време, пад на температурите и северен ветер што на места ќе надминува 60 километри на час. Таква временска слика најавуваат метеоролозите за Македонија, со услови за дожд во северните делови од земјата и повремен снег на повисоките планини.
Според прогнозата, времето ќе биде посвежо, а северниот ветер ќе дува умерено до засилено, повремено и силно. Утринските температури ќе се движат од минус три степени во Маврово до осум степени во Гевгелија, додека дневните ќе достигнат од седум до 17 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно и посвежо време, со можност за дожд и умерен северен ветер. Температурата ќе се движи од пет до 13 степени.
Во среда времето ќе биде сончево, со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, кој долж поширокото Повардариe повремено ќе достигнува и над 60 километри на час. Утринските температури ќе бидат од нула до девет степени, а дневните од 10 до 18 степени.
Потоа се очекува повеќе сонце и постепен пораст на температурите. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и умерен северозападен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе засилува.
Минималните температури ќе се движат од два до 11 степени, а максималните од 13 до 21 степен.
По посвежиот ден со можни врнежи и силен северен ветер, прогнозата најавува стабилизирање на времето и постепено затоплување.