ЕВРОПА ПРЕД НОВА КЛАСНА БОРБА Дали францускиот социјален бунт е почеток на поширока европска побуна?
Не сум приврзаник на механичко пренесување на теориите од XIX век во современите општествени услови. Светот суштински се промени, капитализмот помина низ бројни трансформации, а развиените демократии воспоставија институции и механизми за социјална заштита што во времето на Маркс не беа развиени во денешниот обем. Но, дали тоа значи дека исчезнаа и класните противречности?
Пред неколку дена, во разговор со мојот долгогодишен другар Суаип Мерсовски, дебарчанец кој со децении живее и работи во Париз, се отвори една тема која ме натера на сериозно размислување. Суаип е дипломиран правник, човек кој добро ги познава француското општество и неговите прилики, а неговите син и двете ќерки своето високо образование го стекнаа на престижната Сорбона. Во еден момент ме праша: „Јове, гледаш ли што се случува во Франција? Ова веќе не се обични протести. Ова се социјални немири. Почнува борбата на класите, сиромашните против богатите“.
Морам да признаам дека неговите зборови ме замислија. Особено затоа што доаѓаа од човек кој со децении непосредно го следи животот во Франција. Токму тој разговор ме поттикна изминативе денови, особено во неделата навечер, посериозно да размислувам за случувањата на француските улици. Дали станува збор за уште еден бран социјални протести или за нешто многу подлабоко – будење на класната свест и почеток на поширок европски социјален судир? Во продолжение ќе се обидам да дадам свое политиколошко видување на оваа навистина сериозна тема.
Франција повторно го предупредува светот
Франција низ историјата повеќепати била простор каде што социјалните противречности прераснувале во големи политички пресврти. Француската револуција од 1789 година, револуционерната 1848 година, Париската комуна од 1871 година и студентско-работничките протести во 1968 година, иако различни по своите причини и последици, покажуваат дека општествените нееднаквости, поврзани со губењето доверба во институциите, можат да предизвикаат сериозни политички потреси.
Секако, денешна Франција не е Франција од времето на Луј XVI, ниту онаа од студентските протести во 1968 година. Таа е современа демократска држава со развиена економија, силни институции и долга традиција на синдикално организирање. Но, демократското уредување само по себе не е гаранција дека социјалните противречности нема да се продлабочуваат.
Масовните демонстрации од 17 октомври годинава, на кои според француското Министерство за внатрешни работи учествувале околу 550.000 граѓани, а според организаторите околу 800.000, покажуваат колку е длабоко незадоволството. Протестите, поттикнати од состојбите во образованието, постепено опфатија и пошироки барања за подобар животен стандард, повисоки плати, достапни јавни услуги и поголема социјална праведност.
Факт е дека дел од протестите беа проследени со насилство, уништување јавен и приватен имот и судири со полицијата. Таквото однесување заслужува недвосмислена осуда. Но, би било погрешно стотиците илјади граѓани кои мирно го изразија незадоволството да се изедначуваат со насилните групи. Уште поголема грешка би било да се анализираат само последиците од немирите, а да се игнорираат причините што ги изведоа луѓето на улиците.
Дали Марксовата класна борба повторно станува актуелна?
Разговорот со Суаип неизбежно ме наврати на една од најпознатите тези на Карл Маркс и Фридрих Енгелс, изнесена во „Манифестот на Комунистичката партија“ од 1848 година, според која „историјата на дотогашните општества е историја на класни борби“.
Не сум приврзаник на механичко пренесување на теориите од XIX век во современите општествени услови. Светот суштински се промени, капитализмот помина низ бројни трансформации, а развиените демократии воспоставија институции и механизми за социјална заштита што во времето на Маркс не беа развиени во денешниот обем. Но, дали тоа значи дека исчезнаа и класните противречности?
Се разбира дека не. Тие само добија нови облици.
Денес класните противречности не се сведуваат само на односот меѓу фабричкиот работник и сопственикот на фабриката. Тие се препознаваат и меѓу оние што располагаат со голем капитал и оние што живеат од плата, меѓу сопствениците на недвижности и младите што не можат да обезбедат сопствен дом, како и меѓу економски обезбедените граѓани и семејствата што сè потешко ги покриваат основните животни потреби.
Особено загрижува положбата на средната класа, која со децении претставуваше столб на стабилноста на европските демократии. Таа беше симбол на економска сигурност, социјална мобилност и уверување дека секоја следна генерација ќе живее подобро од претходната. Денес, за дел од нејзините припадници, тоа уверување сè повеќе се доведува во прашање.
Кога човек со завршено образование и редовно вработување не може да обезбеди достоинствен живот, проблемот веќе не е само во висината на неговата плата. Проблемот станува во самата распределба на економските можности и придобивки. Токму затоа сметам дека француските протести имаат препознатлива класна димензија, иако сè уште не претставуваат организирана класна борба во класичната марксистичка смисла.
Кога средната класа почнува да се плаши од сиромаштијата
Ова прашање, според мене, заслужува посебно внимание. Сиромаштијата отсекогаш била извор на незадоволство. Но, политичката стабилност станува особено чувствителна кога економската несигурност почнува да ги зафаќа и оние категории кои претходно се сметале за релативно заштитени.
Младите Европејци сè почесто се соочуваат со скапо домување, несигурни работни односи и ограничени можности за економско осамостојување, додека голем дел од работоспособното население го чувствува притисокот на животните трошоци и неизвесноста околу идните пензии.
Ова не значи дека сите Европејци осиромашуваат или дека економските состојби се подеднакво лоши во сите држави. Напротив, постојат значајни разлики во приходите, продуктивноста, социјалната заштита и економскиот развој.
Но, политичкото незадоволство не произлегува само од апсолутната сиромаштија. Тоа често се создава и од јазот меѓу очекувањата на граѓаните и нивните реални животни можности. И токму тука се наоѓа една од најопасните противречности на современиот економски развој: општеството може статистички да станува побогато, а значителен дел од неговите граѓани истовремено да чувствуваат дека нивната економска положба и животна перспектива се влошуваат.
Доколку таквото чувство прерасне во трајно уверување дека постојниот систем функционира само во интерес на привилегираните, незадоволството добива многу посилен политички карактер. Тогаш прашањето повеќе не е само колку заработува граѓанинот, туку и дали верува во правичноста на општеството во кое живее.
Европската социјална држава пред историски испит
Една од најголемите придобивки на повоена Европа беше создавањето на социјалната држава, која настојуваше да воспостави рамнотежа меѓу пазарната економија, приватната сопственост и социјалната сигурност. Овој модел придонесе за ширење на средната класа, развој на образованието и здравството, зајакнување на работничките права и намалување на дел од општествените нееднаквости.
Меѓутоа, денес европските држави се соочуваат со сериозни ограничувања. Стареењето на населението, јавните долгови, економската конкуренција, технолошките промени, енергетските предизвици и зголемените буџетски обврски го усложнуваат одржувањето на постојното ниво на социјални услуги.
Франција е особено карактеристичен пример. Со јавен долг од околу 119 % од бруто-домашниот производ, француската држава се соочува со сериозни фискални ограничувања. Владата настојува да ги стабилизира јавните финансии, додека значителен дел од граѓаните бараат поголеми инвестиции во образованието, здравството и социјалната заштита. Ова е реална економска противречност, а не само идеолошки судир.
Се разбира, ниту една држава не може неограничено да троши средства што ги нема. Но, исто така, ниту една влада не може долгорочно да очекува граѓаните без отпор да ги прифаќаат мерките за штедење доколку веруваат дека товарот не е правично распределен.
Затоа централното прашање не е само колку ќе се штеди, туку кој ќе ја плати цената на економското приспособување и дали најмоќните економски структури ќе го понесат својот соодветен дел од товарот. Токму околу ова прашање може да се развива новата социјална конфронтација во Европа.
Дали францускиот бунт се прелева низ Европа?
Социјалното незадоволство не е ограничено само на Франција. Протести поврзани со животните трошоци, образованието, домувањето и економската сигурност се забележуваат и во Италија, Белгија, Шпанија и Португалија. Иако непосредните причини се различни, заедничко е незадоволството од животните услови и од способноста на институциите да одговорат на барањата на граѓаните.
Сепак, би бил внимателен со тврдењето дека Европа веќе е зафатена од единствено револуционерно движење. Засега не постојат доволно основи да се говори за организирана паневропска класна побуна со единствена програма и заедничко раководство.
Но, тука се наметнува мојата централна политиколошка хипотеза. Доколку економската несигурност, социјалната нееднаквост и недовербата во институциите продолжат да се продлабочуваат, локалните и националните протести би можеле постепено да прераснат во поширок европски бран на социјално незадоволство, со сè поизразена класна димензија.
Тоа не мора да значи револуција во класичната смисла, ниту насилно рушење на постојните општествени системи. Напротив, новата класна конфронтација може да се манифестира преку масовни штрајкови, синдикални мобилизации, нови политички движења, барања за поинаква даночна политика и притисок за порамномерна распределба на економските придобивки.
Во таа смисла, класната борба на XXI век би можела да се води не толку за укинување на капитализмот, колку за суштинско преиспитување на неговите социјални последици.
Од економската нееднаквост до кризата на демократијата
Она што дополнително ме загрижува е можноста економската криза да прерасне во криза на политичкото претставување. Граѓаните полесно прифаќаат и непопуларни мерки кога веруваат во правичноста и одговорноста на институциите. Но, кога таа доверба ќе исчезне, незадоволството сè почесто се изразува надвор од традиционалните политички канали.
Франција веќе подолго време се соочува со вакви предизвици. Протестите на „Жолтите елеци“ од 2018 година, големите демонстрации против пензиската реформа во 2023 година и сегашните социјални немири имаат различни непосредни поводи, но покажуваат дека постојат длабоки и повторливи општествени незадоволства.
Сметам дека тука се испреплетуваат три процеси: економската несигурност го поттикнува незадоволството, слабеењето на политичкото претставување ја намалува довербата во институционалните решенија, а продлабочената недоверба ја зголемува подготвеноста за порадикални облици на протест.
Во вакви околности се отвора простор и за политички популизам, како од левицата така и од десницата. Различни политички движења можат да го насочуваат незадоволството кон различни цели, како кон економските елити, политичкиот естаблишмент, имиграцијата или наднационалните институции.
Токму затоа не треба автоматски да се претпоставува дека секој социјален бунт ќе резултира со зајакнување на политичката левица или со организирана класна солидарност.
Историјата познава и поинакви исходи.
Што треба да научат европските политички елити?
Не верувам дека одговорот на овие предизвици може да се најде единствено во полициските интервенции, ниту во популистички ветувања за неограничени социјални издатоци.
Државата, секако, има обврска да ги заштити јавниот ред, безбедноста на граѓаните и приватната сопственост. Но, нејзина обврска е и да ги слушне легитимните барања на незадоволните и да понуди решенија за проблемите што ги изнесуваат на улиците. Се прашувам дали европските политички елити навистина ја разбираат пораката што доаѓа од Франција. Економскиот раст сам по себе не гарантира политичка стабилност, особено кога неговите придобивки не се чувствуваат подеднакво во општеството. Младите не бараат само работа, туку и перспектива, сигурност и достоинствен живот. А изгубената доверба во институциите не се враќа со убави говори, туку со правични политики и конкретни резултати.
Европа не мора да избира меѓу економската ефикасност и социјалната правда. Напротив, токму нивната рамнотежа беше една од основите на европскиот социјален модел. Ако европските влади не успеат повторно да ја воспостават таа рамнотежа, незадоволството нема да исчезне со смирувањето на улиците. Ќе останат причините што ги изведоа луѓето на нив.
Наместо заклучок: Дали се буди нова класна свест?
Да се вратам на разговорот со мојот другар Суаип и неговата констатација дека во Франција започнува борбата на сиромашните против богатите.
Не би ја прифатил таа оценка како конечна дијагноза, но не би ја ни отфрлил. Напротив, во неа препознавам сериозно предупредување за противречностите што се наталожуваат во европските општества. Кога работата не гарантира сигурност, младите ја губат перспективата, а средната класа стравува од осиромашување, економската криза постепено прераснува во криза на општествениот договор.
Не мислам дека Европа е пред нова револуција, но би било погрешно да се потцени можноста за нов бран социјални конфликти. Француските немири можеби не се почеток на организирана класна борба, но отвораат прашања што одамна ги надминуваат границите на Франција.
И затоа вистинското прашање не е дали Маркс повторно станува актуелен, туку зошто современа Европа повторно се соочува со толку остри противречности меѓу трудот, капиталот и распределбата на општественото богатство.
А можеби токму тука се крие и одговорот на Суаип: класната борба никогаш вистински не престанала. Се менувале само нејзините облици и актерите. Дали денес таа добива нова европска димензија, останува да видиме. Но, едно е сигурно: кога социјалната неправда предолго се потценува, улицата станува гласот на оние што чувствуваат дека институциите повеќе не ги слушаат.