КОНТИНУИРАНО СЕ ВРШИ ПОВРАТ НА ДДВ ЗА КОМПАНИИТЕ Директорката на УЈП вели дека застој има поради зголемените проверки

Петрова оцени дека наплатата на даноците од јануари  до крајот на септември е стабилна и со раст што е во рамки на планираната динамика. Од јануари до септември се наплатени даночни приходи од 1,857 милијарди евра, што е зголемување од 11,5% во споредба со истиот период лани.

37

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова тврди дека повратот на ДДВ се реализира континуирано и во рамки на законските рокови, но има одредени застои поради построгите контроли кои произлегоа од откриените злоупотреби на повратот.

– До 30 септември компаниите пријавиле побарувања за поврат на ДДВ од 449 милиони евра, а исплатени се 484 милиони евра. Исплатата реализирана до 20 октомври, дополнително во овие 20 дена, реализираниот поврат е 517,7 милиони евра и е повисок за околу 14% во однос на истиот период минатата година – рече таа.






Директорката на УЈП рече и дека дел од застојот во исплатата е резултат на поголемите проверки како резултат на откриените шеми на злоупотреба на повратот.

-Во блиското минато беа разоткриени шеми на злоупотреби со повратот на ДДВ и ние сме свесни дека на компаниите овие средства им се значајни за тековната ликвидност и тековното работење, но наша задача е да го заштитиме буџетот, да ги заштитиме чесните компании и граѓаните на кои им припаѓаат буџетските средства. Во процедурата на одобрување на повратот применуваме анализа на ризици и секаде каде што нашата анализа покажува дека нема ризици, исплатата се врши без никакви дополнителни проверки. Даночни контроли и додатни проверки насочуваме таму каде што констатираме ризици. Оваа година воведевме и нови критериуми за ризичноста на повратот на ДДВ и го автоматизиравме процесот – рече таа.

Таа појасни дека во законот е пропишан рок од 30 дена за поврат на ДДВ како што има рок за плаќање на обврската за ДДВ која што е до 25-ти во месецот по завршувањето на даночниот период. Исто така постои законски рок за исплата на повратот на ДДВ, 30 дена по поднесувањето на барањето за поврат.

-Во голем број случаи го запазуваме рокот. Постапката бара повеќе време во случаи што се селектирани врз основа на анализа на ризик кога треба да ги допровериме дополнително со даночна контрола или со некои други проверки што не се даночна контрола, но сепак бараат административно постапување рече Петрова.

Таа оцени дека бројот на компании кај кои има проверки, во однос на вкупниот број фирми кои поднесуваат барања за поврат е многу многу мал.

-Немам конкретни статистики кај колку компании сме процениле ризичност, но многу е помал бројот на компании каде што насочуваме контроли во однос на бројот на компании каде што се одобрува повратот. Но, и самото одобрување на повратот е исто така определена процедура. Имаме прво и второ ниво на одобрување преку тела за одобрување кои ги проверуваат побарувањата за поврат и на тоа т.н. второ ниво на одобрување, барањето за поврат мора да биде верификувано истовремено од три раководни службени лица. Имаме засилени механизми на проверка и одобрување на повратите и кога нема даночна контрола – објасни Петрова.

Петрова оцени дека наплатата на даноците од јануари  до крајот на септември е стабилна и со раст што е во рамки на планираната динамика. Од јануари до септември се наплатени даночни приходи од 1,857 милијарди евра, што е зголемување од 11,5% во споредба со истиот период лани. Ова е значаен факт, вели таа, особено имајќи предвид дека со годишниот план е проектиран годишен раст на даночните приходи од 10,6%. Со јулскиот ребаланс до крајот на септември се реализирани 72% од годишниот план на даночни приходи и тоа е во рамки на вообичаената динамика во изминатите години.

-Овие податоци се добра основа да очекуваме дека годишниот план и понатаму ќе се остварува стабилно и до крајот на годината ќе се оствари во висок процент, но секако, сега не можеме да прогласиме конечен резултат бидејќи во тек е четвртиот квартал од годината кој е значаен и наплатата на приходите ќе зависи од економските активности, потрошувачката, увозот, движењето во одделни сектори – рече денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.

И покрај намалувањето на ДДВ-то за горива, Петрова вели дека може да се оствари солидна наплата на приходот.

-Намалувањето на стапката на ДДВ на горивата од 18% на 10% не можеме да сметаме дека автоматски и правопропорционално ќе се реплицира во намалување на ДДВ приходите во буџетот, зашто пресметувањето на обврската што треба да се плати во буџетот зависи и од продадените количини, од одбивката на ДДВ, од побарувачката, потрошувачката,… од сите многу економски фактори. Ние го имаме искуствено пролетното намалување на стапката на горивата од 18 на 10% во март и април и токму во тие месеци имавме висока наплата на ДДВ за промет во земјата и на ДДВ од увоз, што значи дека и покрај намалувањето на стапката на ДДВ на горивата може да се оствари солидна наплата на приходот – рече Петрова.

Петрова информира дека продолжува оданочувањето на приходите од странство. Заокружен е процесот за 2020 година и веќе е во тек известувањето на граѓаните кои оствариле доход за 2021 година.

-Законот мора да се спроведе и да важи еднакво за сите. Врз основа на нашите известувања, очекуваме дека граѓаните кои оствариле доход ќе ги поднесат пресметките и сите докази што се однесуваат на видот на доходот, платениот данок во странство, односно се што ќе води кон точно утврдување на даночната обврска, бидејќи во овие случаи имаме примена и на меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување и двојното ослободување – вели Петров.

 

Поврзани содржини