📽️ ВУЧИЌ ПРИЗНАВА ДЕКА СОРАБОТНИЦИТЕ СЕ ТРГААТ ОД НЕГО „Мојата волја нема да ја скршат, ќе се борам додека дишам“

Поранешниот претседател, кој ја изгуби власта после 14 години, рече дека во Србија веќе три дена се спроведува „вистински револуционерен терор“.

0

Само три дена по тешкиот изборен пораз и губењето на власта по 14 години, Александар Вучиќ призна дека дел од луѓето со кои соработувал со години почнале да се тргаат од него. Во видео-обраќање на Инстаграм тој порача дека тоа нема да ја промени неговата волја и дека ќе продолжи политички да им се спротивставува на победниците на изборите.

– Тие мислат дека со закани можат да ги скршат сите луѓе. Многумина скршија, многумина допрва ќе скршат. Гледам како оние со кои работев пет, десет и петнаесет години полека се тргаат – рече Вучиќ, додавајќи дека однесувањето на досегашните соработници нема да ја промени неговата решеност.






Вучиќ рече дека во Србија веќе три дена се спроведува „вистински револуционерен терор”. Како примери ги наведе упадите во телевизии и во „Србијаводе“, како и инцидентот при кој, според него, било спречено свештено лице да прочита молитва на слава. Сегашните случувања ги спореди со политичките превирања во 2000 година.

Посебно остар беше кон социологот Јово Бакиќ, кој изјави дека би ја прифатил функцијата министер за внатрешни работи доколку за тоа добие поддршка од идниот мандатар и парламентарното мнозинство. Вучиќ го обвини Бакиќ дека зборува за враќање на институциите, а истовремено поддржува нивно уривање „вон институциите“.

Поранешниот носител на владејачката листа се наврати и на случајот со наводната употреба на звучен топ за време на протестите, повторувајќи дека такво оружје не било употребено. Тој зборуваше и за постапувањето на обвинителството и проверките што биле спроведувани во врска со овој случај.

Последната порака на Вучиќ покажува дека, и покрај изборниот пораз и првите дистанцирања во неговиот досегашен политички круг, тој нема намера да се повлече од политичката сцена. Веќе во изборната ноќ го призна поразот од Студентската листа, која според неговата тогашна проценка освоила меѓу 135 и 140 пратенички места, но сега најавува дека ќе им се спротивставува на политичките противници „додека дише“, без оглед од која позиција ќе дејствува.

 

Поврзани содржини