Уникатен експеримент во Србија – прв пат во историјата барањето на „невозможното“ стана реален политички проект

Прв пат после револуционерната 1968 година,  кога во Европа пламнаа студентски протести, студентите во Белград во неделата на 25 октомври освоија власт на избори, без партиско-политичко покровителство. Тоа е клучната разлика со македонската „Шарена револуција“. Можеби тоа ќе биде и клучниот предизвик за српскиот експериментален проект.

1

Има и легенди и сведоштво за тоа како настанал најмаркантниот лозунг на студентските протести во Франција во 1968 година. Во легендите се спомнуваат наводни автори како Херберт Маркузе, Ернесто Че Гевара и други.  Сведоштвото, пак, вели дека синдикален лидер од фабриката „Рено“ тогаш им рекол на студентите: „Мора да бидеме реални, не треба да го бараме невозможното“. Истиот ден, студентите отпечатиле летоци и на ѕидовите на факултетот Сенсие во Париз напишале: „Да бидеме реални, да го бараме невозможното!“

Тоа е таа парола што ја одбележа немирната 1968 година во Европа.






Како што е познато, „невозможното“ во Франција таа година не се случи. Тогашниот француски претседател, генералот Шарл Де Гол, распиша вонредни избори и неговата партија победи на тие избори. Студентските протести кои пламнаа како оган низ Европа, во Париз стивнаа откако славниот генерал им даде можност на демонстрантите да се легитимираат на избори и да ја освојат власта.

А во тогаш побунетиот југословенски Белград, пак, Тито ја смири ситуацијата со неговата прочуена реплика: „Другови студенти су у праву“. Уште „поелегантно“ од Де Гол…

Задоцни ли Вучиќ?

Склон сум кон помислата дека и Александар Вучиќ имаше шанса на истиот начин (како Де Гол) да го совлада студентскиот бунт, во раната фаза на неговата артикулација од протест поради „настрешницата“ во востание против „системот“. Самозаљубен, како и секој автократ впрочем,  Вучиќ го потцени противникот и не брзаше со распишувањето на предвремените избори. Но, кога сфати дека нема друг излез, тој спремно отстапи од позицијата шеф на државата, одби да избере прокси-тркач за предвременитените парламентарни избори што ги распиша и истрча на теренот како робустен бек што го брани сооствениот гол. Откако прв разбра дека изборите за него се изгубени, Вучиќ ја изненади јавноста со експресното јавно признание на поразот. И така – го спаси натпреварот.

Ако сакаме да бидеме реални, мора да кажеме дека „невозможното“ прв пат во историјата на студентските и младешки бунтови се случи токму во неделата на 25 октомври во Србија. Може да се анализира, та дури и да се шпекулира за тоа кој сè е заслужен за победата на Студентската листа и дали имало замешателства на „странски служби“ и на тајни центри на моќ, но најточно сепак е да се признае дека триумфот на Студентската листа во основа е еманација на автентичната волја на граѓаните на Србија за промени.

Некои тврдат дека Вучиќ тоа го сфатил пред изборите. Можеби, не знам.

Ако сакаме да бидеме уште пореални, треба да нагласиме дека студентскиот и граѓански бунт во Србија не може да се споредува со немирите што деновиве се случуваат во Париз и во повеќе други европски градови. Српскиот бунт е приказна со поинаква и хируршки прецизна агенда (уривање на Вучиќ), различна енергија и различна, главно ненасилна „револуционерна“  пракса.

Си имавме ние наша револуција…

А ако, пак, сакаме да бидеме најреални, на сите луѓе во Македонија кои деновиве испраќаа „поздрави и честитки“ и желби ваков бунт наскоро и на нас да ни се случи, треба малку да им ја освежиме меморијата. Еве, јас да се обидам…

Ние, драги мои „револуционери“, пред десеттина години имавме бунт многу сличен на оној во Србија. Потсетете се дека и кај нас во почетокот имаше студентски пленуми и студентски протести, кои потоа прераснаа во прочуената „Шарена револуција“. Може денес да зборува кој што сака, но и тој наш бунт беше израз на автентична граѓанска енергија и на желбата за промена на власта.

Најбитно е да не заборавиме дека во Македонија не се случи „невозможното“, како сега во Србија. А не се случи затоа што екипата на Зоран Заев на чело на СДСМ ја киднапираше „Шарената револуција“. Подоцна, во еден тајно снимен разговор, објавен на социјалните мрежи, се слуша и јавно признание на Муртинецот. Тоа е онаа негова реплика во која „Шарената револуција“ ја опишува со зборовите: „Сум собрал шуто и рогато…“

Заев од „слабостите на системот“ направи – систем

Втората голема разлика меѓу студентскиот бунт во Србија и бунтот на „шутите и рогатите“ во Македонија е во исходот. Српските студенти одбија било чие партиско-политичко покровителство, настапија на изборите со Студентска листа и во неделата на 25 октомври победија убедливо. За разлика од тоа, „шарените револуционери“ во Македонија дозволија СДСМ да ги поклопи. И пак праматарот Заев во 2017 година не успеа власта да ја освои со победа на изборите. Тој изборите ги изгуби со разлика од два пратенички мандата зад ВМРО-ДПМНЕ, но ја презеде власта со постизборен инженеринг и со сомнителен легитимитет.

За доброто на Србија, да се надеваме дека новата српска влада ќе направи суштинска разлика во споредба со „постреволуционерното“ владеење на екипата на Заев, во која беше и неговиот протежe Венко Филипче, октроираниот актуелен лидер на СДСМ.

Да ги потсетам тие со кратко паметење. Кусо време по заземањето на удобните фотелји во „ружната влада“ на Илинденска, Заев и неговите луѓе итно го променија „системот“, ама на тој начин што корупцијата и клиентилизмот од „слабост на системот“ станаа – систем. Се случи тоа во сите области, вклучувајќи го и правосудството, секторот во кој  шарените револуционери ветуваа „правда и мир“.

Луѓето во Македонија кои прават споредби со актуелните настани во Србија и кои тврдат дека вистински тест за новата влада во Белград ќе биде борбата против корупцијата, како да забораваат дека во Македонија во времето на Заев беа уапсени и осудени поранешниот премиер, поранешната министерка за внатрешни работи, поранешниот претседател на парламентот,  поранешниот шеф на тајната полиција и повеќе други функционери на поранешната власт. Дел од нив одлежаа долги притворски и затворски казни. Но, брзо се откри дека голем дел од тие процеси беа политички мотивирани, обременети со фатални процесни неправилности и со рекетарски притисоци врз обвинетите. Впрочем, новата франкенштајн-институција СЈО самата стана легло на криминал и на корупција.

Да им посакаме на граѓаните на Србија вакво нешто да не им се случи. И заради нив, но и заради нас, луѓето во Македонија. Не забораваме, нели, дека во сиве овие Вучиќеви години, Македонија во Србија имаше стабилен партнер, поддржувач и пријателски настроена соседна држава. Ова го велам со сеќавање и на инцидентите и на исклучоците, кои сепак само го потврдуваат правилото – кога две соседното држави сакаат да соработуваат и да бидат добри соседи, нема проблем што не може да се надмине.

Меден месец не е добро време за незгодни прашања

Нема да ѝ биде лесно на новата српска влада. Пред сè, таа ќе биде соочена со дилемата кој ќе го преземе товарот на политичката одговорност кога владата ќе се соочи со незгодните прашања, теми и проблеми. На пример, со прашањата како што се признавањето на Косово и односите на Србија со Русија.

Сега, кога времето после изборниот триумф на Студентската листа сè уште се мери со часови, белградските победници примаат само честитки од европските метрополи. Никој посебно не ги критикува изблиците на агресивен триумфализам (како она малтретирање на глодурот на Информер, на пример, или она јавно навредување на Ана Брнабиќ), скандирањата за Младиќ, изјавите дека новата влада нема да го признае Косово и дека нема да ја смени политиката кон Русија и слично. Рано е, Србија сè уште нема влада, а „медениот месец“ е долг…

Прашањето на субјективизирањето на политичката одговорност ќе биде клучниот проблем за овој уникатен политички и социолошки експеримент. Власта во Србија ја освои студентско движење без лидер, без цврста вертикална организација и хиерархија, без политички партии во својството на коалицискии партнери и, ако бидеме реални, без доволно јасна и прецизна политичка или изборна програма. Дополнително, освен Вучиќевата Српска напредна странка (сега во опозиција), студентите ги декласираа и социјалистите (на чело со Ивица Дачиќ, наследникот на Слободан Милошевиќ) и сите други „демократски“,  „национални“, „радикални“ и секакви други партии.

Како ли ќе се состави новиот кабинет во Белград?

„На демократски начин“, одговара можниот иден мандатар, професорот Илија Срдановиќ.

А како ќе владее новата влада?

Потрагата по „невозможното“, всушност, допрва почнува.

Поврзани содржини