ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ ЈА ЧИНАТ РЕГИОНАЛНАТА ЕКОНОМИЈА Светска банка проценува дека реформите можат да го зголемат БДП до 12,5 отсто

Светска банка проектира раст од 3,1 процент во 2026 година и 3,4 проценти во 2027 година. Намалувањето на нетарифните пречки и поедноставувањето на процедурите може значително да ја зголемат економската активност и да им помогнат на компаниите да создаваат поквалитетни работни места.

0

Економскиот раст на Западен Балкан се очекува да забрза во 2026 година и дополнително да зајакне во 2027 година, поттикнат од потрошувачката и инвестициите. Регионалната економија покажа отпорност на шокови и продолжува да се приближува кон Европската Унија. Но, за да се отворат поквалитетни работни места, на бизнисите им се потребни поефикасни трговски регулативи што ќе им помогнат да се натпреваруваат на меѓународните пазари. Ова се наведува во новиот Редовен економски извештај за Западен Балкан, објавен денеска од Светската банка.

Просечниот економски раст во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија се очекува да достигне 3,1 процент во 2026 година, во споредба со 2,6 проценти во 2025 година. Според проекциите, растот ќе се зголеми на 3,4 проценти во 2027 година и ќе остане на истото ниво и во 2028 година.






– Во време на зголемена геополитичка неизвесност и слаб раст кај клучните трговски партнери, Западен Балкан повторно покажа економска отпорност. Но, само отпорноста не е доволна за регионот да се приближи до просечните приходи во Европската Унија или да создаде квалитетни работни места какви што им се потребни на луѓето. Работните места се создаваат во динамичниот приватен сектор, а следната фаза на раст бара ефикасни и предвидливи регулативи, како и отстранување на трговските бариери – не само на границите туку и во внатрешноста на економиите – изјави Сјаоќинг Ју, директор на Светската банка за Западен Балкан.

Во извештајот се наведува дека последователните рунди на либерализација на царините придонеле Западен Балкан да стане високо интегриран во глобалната трговија. Трговијата со стоки и услуги во 2025 година достигнала 107 проценти од регионалниот бруто-домашен производ (БДП), што е над просекот на Европската Унија, кој изнесува 90 проценти. Во истиот период, извозот на услуги се зголемил четирикратно, односно меѓу 2010 и 2025 година.

Следната генерација реформи треба да им овозможи на компаниите поцелосно и поодржливо да го искористат пристапот до меѓународните пазари, преку намалување на непотребните трошоци што настануваат и надвор од самите гранични премини, се посочува во извештајот.

Просечните царини за стоките што се увезуваат во Западен Балкан изнесуваат околу 6 проценти, но нетарифните мерки создаваат дополнителни трошоци од уште 10 проценти од вредноста на увозот. Овие трошоци се особено високи во одредени сектори од земјоделско-прехранбената индустрија, каде што надминуваат 20 проценти.

Уште поскапи се ограничувањата за прекуграничното обезбедување услуги, чијашто проценета вредност достигнува 29 проценти. Според симулациите во извештајот, отстранувањето на половина од преостанатите пречки за увоз – како што се барањата за лиценцирање и овластување, повторените инспекции, процедурите за сертификација и правилата за задолжително локално присуство – би можело да го зголеми БДП до 12,5 проценти на среден рок.

Повисоките трошоци за увоз истовремено им го отежнуваат извозот на компаниите од регионот и нивниот опстанок на странските пазари. Само околу една третина од новите извозни активности што ги започнуваат компаниите од Западен Балкан опстојуваат во текот на првата година, а само од 1 до 4 проценти успеваат да стигнат до петтата година.

Ова има директно значење за вработувањето, бидејќи компаниите што се занимаваат со трговија вработуваат огромно мнозинство од работниците во производствениот сектор во регионот. Тие, вообичаено, се поголеми и исплаќаат повисоки плати од споредливите компании што се насочени исклучиво кон домашниот пазар.

Затоа, како што се наведува во извештајот, реформите треба да бидат насочени кон подобра регулација, а не само кон намалување на бројот на регулативи. Тоа подразбира поедноставување и дигитализација на процедурите, спроведување инспекции врз основа на процената на ризикот, меѓусебно признавање на усогласените стандарди и квалификации, како и задржување на заштитните мерки што служат за остварување легитимни цели од јавен интерес.

Поврзани содржини